Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги задолжува граѓаните по 2,5 милиони евра секој ден

Зоран Заев ги задолжува македонските граѓани по 2,5 милиони евра секој ден. И празник и делник Зоран Заев зема едно и пол евро, кое ќе треба да го враќа секој жител на Македонија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, и бебињата и пензионерите и вработените и невработените, буквално секој поединец ќе треба да враќа по приближно 20 евра. Од почетокот на годината до сега толку Заев го има задолжено секој човек поединечно. Едно четиричлено семејство има за враќање неверојатни 800 евра.
„Зоран Заев и Драган Тевдовски вчера повторно ја задолжија државата, овој пат за 40 милиони евра. Не поминува месец, а власта да не земе заем. Се земаат милиони кои треба да ги враќаат идните генерации, а притоа ништо не се прави, нема инвестиции, нема проекти. Задолжувањето е единствено оправдано кога со него се финансираат капитални проекти. Во Македонија под СДСМ капитални проекти нема. Имаме само стагнација. Заев и Тевдовски треба да одговорат каде завршуваат милионите кои секој месец ги земаат?
Дали државата ја задолжуваат за да ги плаќаат вработувањата на роднините на функционерите кои ги вработија во јавниот сектор? Или можеби одат за тендери кои ги добиваат фирми блиски до власта? Откако СДСМ ја води државата, долгот се зголемува. Над половина милијарда евра е новиот долг на државата. А притоа нема ништо изградено.Како тргнале, бројчаникот за задолжување наскоро ќе прегрее. Заев и Тевдовски буквално ја туркаат државата кон сиромаштија. Метлата што ја најави Заев треба да ги измете и него и Тевдовски. Во спротивно штетите по буџетот ќе бидат огромни”, се додава во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Марковски: Магацините на „Славија“ може да прераснат во простории за културната сцена, а не во бетонски чудовишта

Магацините на „Славија“ во општина Кисела Вода можат да прераснат во уреден јавен и мултифункционален простор за алтернативната културна сцена, креативна индустрија и други функции наменети за младите и сите граѓани истакна Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Да ги сочуваме и искористиме овие простори, како градителско наследство кое може да добие поинаква функција, а не да прераснат во колосални станбени објекти кои дополнително го загушуваат овој град“, истакна Марковски.
Тој кажа дека факт е дека на Скопје му недостасуваат простори за социјализација и дружба на младите, како и места за организирање на различни настани.
На денешната прес конференција се обрати и Јана Белчева Андреевска, носителка на листата за советници во град Скопје на „Независни заедно“:
„Наместо само да се руши и одново да се гради, добро е да ги следиме и принципите на циркуларната економија и примерите на европските метрополи, да реставриваме објекти од ваков тип, да им дадеме живот и да добијат нова вредност во новото време кое го живееме“, истакна Белчева Андреевска.
Соопштенија
ЗНАМ ја промовира програмата за млади

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска во Куманово ја презентираше програмата, поточно делот посветен на младата популација во општината и приоритетите што ќе ги реализираат во наредниот мандат.
„Студентите и младите се иднината на Куманово. Тие носат нова енергија, идеи и визија за подобро утре. Општината е нивен пријател, сојузник и партнер на патот кон знаењето и успехот. Тоа ќе го прави со поддршка во образованието, со можности за практично искуство, за културен и спортски развој, како и охрабрување на нивното претприемништво и иновации.
Со вложување во младите, вложуваме во поразвиена локална економија, модерно и европско Куманово, каде што младите ќе имаат причина да бидат овде и да градат своја иднина“, изјави Тамара Тренчевска кандидат за советник на Општина Куманово од редовите на Движењето ЗНАМ.
Таа ги наброја плановите:
Подобрување на условите и проширување на капацитетите во сите постојни општински образовни објекти.
· Гасификација и енергетска ефикасност во училиштата за подобри услови и пониски трошоци.
· Спортски игралишта и уредени дворови во секое училиште, со можност за „училници на отворено“.
· Технолошки и интеркултурен центар во целосно реконструиран „Дом на пионери – 29 Ноември“, како простор за културна размена и развој на вештини, со отворена мултимедијална сала за филмови, презентации, јавни настани, семинари, дебати, обуки, како и посебен дел наменет за центар за целодневен престој за деца.
· Младински центар во објектот на НУЦК „Трајко Прокопиев“.
· Обуки и усовршувања за наставниците и стручните служби.
· Нови спортско-рекреативни комплекси, паркови, велосипедски и трим-патеки, street-workout зони за здрав животен стил.
· Изградба на адреналински парк во состав на нов парк во с. Проевце.
· Претприемаштво за младите преку стартап-инкубатори и специјализирани обуки.
· Програма за финансиска поддршка на проекти и активности на студентите.
· Бесплатен интернет-пристап на повеќе јавни локации.
· Младински НВО-саем за вмрежување и промоција на младинските организации.
· Поддршка за талентирани ученици преку стипендии, промоција на иновации и поттик за млади уметници.
· Стипендии и награди за спортистите како поттик за нови достигнувања.
· Стипендии за првенците на генерација.
· Субвенционирање за набавка на велосипеди и електрични тротинети.
· Open Space / chill зона и скејт-парк: простор за дружење и неформални активности.
· Поддршка за развој на street art активности на млади уметници
· Организирање наградни натпревари меѓу општинските училишта со цел поттикнување на натпреварувачкиот и на тимскиот дух, дружење и мотивација за најдобрите тимови.
· Културна програма збогатена со фестивали, натпревари, секции и промоција на филмски и креативни проекти на млади ентузијасти.
· Повеќе креативни работилници: уметнички, музички и културни проекти.
· Поддршка на концерти и соло настапи на талентирани млади ученици на градските плоштади.
Движењето ЗНАМ, нагласи Тренчевска, има зацртано мноштво проекти, со кои ќе докажеме дека сакаме да бидеме и да останеме вистински партнер на младите и студентите.
„Ние не сакаме младите да заминуваат – сакаме да останат, да создаваат, и да сонуваат дека може да го променат светот токму овде. Затоа и ја градиме општината како отворено место за Вашите визии. Ние сме Општина која верува во младите – затоа што тие се нашата најголема сила! “, потенцираше Тренчевска.
Соопштенија
Трајановски од „Искуство за успех“: На местото на старата касарна во Бардовци ќе се изгради нов скопски експо-центар

Кандидатот за градоначалник на Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, денеска го претстави новиот проект од својата програма, изградба на современ Скопски Експо-Центар на местото на поранешната касарна во Бардовци, во општина Карпош.
„Денеска сме овде, на периферијата на Карпош и Бардовци, пред локацијата на старата касарна, простор кој е запуштен и затворен повеќе од една деценија,“ изјави Трајановски. „Во минатото, овој простор беше предлаган за сместување на бегалци и мигранти, што со право предизвика револт и протести кај граѓаните. Наместо да остане симбол на отпор, ова место треба да стане симбол на развој“, рече тој.
Според проектот, новиот Скопски Експо-Центар ќе се изгради на површина од 86.000 квадратни метри и ќе претставува ново сајмиште на главниот град, простор каде што ќе се одржуваат саеми, изложби, конференции и бизнис-настани на регионално и европско ниво.
„Локацијата е стратешки идеална, во непосредна близина на скопската обиколница, со лесен пристап од сите правци и блиску до индустриската зона Визбегово. Со тоа, Скопје добива логична и функционална целина: спој на индустриски и комерцијален центар со јасна економска визија,“ истакна Трајановски.
Додаде дека проектот предвидува во рамките на експо-комплексот да се изградат и хотелски капацитети, угостителски и забавни содржини, зелени површини и јавни простори.
„Со ваков центар, Скопје ќе стане дел од европската бизнис мапа. Ќе можеме да ги промовираме нашите производи и да привлечеме компании од регионот и од светот. Наместо запуштен простор, ќе добиеме нова економска и урбана точка што ќе му даде нов живот на градот,“ изјави Трајановски.