Култура
Изложба на отворено на планината Беласица

Ликовната изложба на Кристина Зимбакова ,,Ја извишила фортуната” ќе се одржи на отворено под самиот врв Сечена Скала, едно од највпечатливите места на стрмната планина Беласица во југоисточниот дел на Македонија на 2 јуни во 12 часот. Локалитетот на изложбата е на државната гранична линија. Со теренско возило од с. Смолари до горе е 2 часа, а пеш по планинарска патека е 4 часа.
На изложбата ќе бидат претставени триесетина нови дела во комбинирана техника создадени во последните две години, главно сочинети од циклусот „Срце в кафез“ „Ја извишила фортуната“ и „Микроскопски стакленца.“ Габите и лишаите се примарно изразно средство, вткаени за цртање фигури или составување мозаик. Материјалот е собран преку лични теренски истражувања или од суви збирки, во соработка со бионаучници. Применети се мноштво видови од планината Беласица во Македонија, но и ретки или ендемични видови од Аргентина, Антарктикот, суптропските предели на Австралија со Тасманија, САД, подножјето на Хималаите во Индија, Хрватска и ендемична алга од Јужна Африка. Ликовните дела се насликани на хартија од габи рачно изработена од авторката.
Грижливото користење примероци од габи и лишаи од разни делови од светот стопени во нов, уметнички контекст со фигуративен и лирско-експресивен израз има цел да ја поттикне и свеста за овие прастари, чудесни и загадочни организми.
Кристина Зимбакова (1975) во своето творештво негува интердисциплинарен пристап, каде се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки, а габите и лишаите се најзастапен медиум. Досега имала самостојни изложби во земјава, како и во Ирска, а учествувала на бројни групни изложби во странство, од кои се истакнуваат оние во Оксфордскиот театар во Англија и Музејот за уметност „Ешкенази“ во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
В четврток комеморација во МНТ за актерката Соња Каранџуловска

На 29 мај (четврток) во 12:00 часот во Македонскиот народен театар, ќе се одржи комеморацијата за актерката Соња Каранџуловска.
Од МНТ велат дека Соња Каранџуловска пленеше на сцената со голема жар, со огромна амбиција кон големите дела и со беспрекорната работливост што ја красеше, а енергијата ја пренесуваше од сцената кон публиката и телевизискиот/филмскиот екран.
Вечен спомен за единствената Соња Каранџуловска.
Култура
Премиера на претставата „Кататонија“

На 3 јуни, со почеток во 20:00 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Кататонија“, по мотиви на драмскиот текст на Алис Бирч, во режија на Васил Христов и драматург Викторија Рангелова-Петровска.
Во претставата играат: Верица Недеска, Ања Митиќ, Сања Арсовска, Јасмина Билаловиќ, Јасмина Василева, Игор Ангелов, Дениз Абдула и Владимир Петровиќ. Како костимограф се потпишува Роза Трајческа-Ристовска, сценографското решение и изборот на музиката се на Васил Христов, а дизајнер на плакатот е Денко Матевски. Инспициент на проектот е Саво Ивановски. Претставата е во копродукција на Вондерленд театар – Скопје и Македонскиот народен театар.
Претставата „Кататонија“ нè соочува со суровоста на современото општество, преку екстремни ситуации и ликови фрлени на маргините на општеството. Преку 24 различни приказни и голем број различни ликови, се проблематизираат прашања поврзани со патријархатот, правосудниот систем, соочувањето со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство, личната трансформација при преиспитување на сопствената вина, личната трансформација при состојба на каење…
„Кататонија“ шокира со суровоста на ситуациите и дијалозите и бескрупулозно покажува со прст на системските аномалии. Јазикот на претставата е жесток, суров, но реален. Драмското писмо на Алис Бирч претставува продолжение на епохата на Сара Кејн, Марк Рејвенхил, Керил Черчил и други претставници на „ин јор фејс“ драматургијата, но погледнато од денешен агол.
Во надградената драмска предлошка во која секоја сцена останува засебна „приказна“, поврзаноста помеѓу сцените се насетува преку темите што ги обработува, некогаш преку реплика, некогаш преку зададена состојба и атмосфера , некогаш поради потребата да се надгради една или повеќе драмски ситуации, при драмските паузи или во она што го нема, а сепак е присутно.
Култура
Тажна вест: почина актерката Соња Каранџуловска

На 77-годишна возраст почина актерката Соња Каранџуловска.
Каранџуловска дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1971 година во првата генерација дипломирани актери, во класата на проф. Илија Милчин. Во МНТ работи од 1974 до 2014 година.
На сцената на МНТ игра уште пред вработувањето. Прва улога ѝ е Авдотја во претставата „Децата на сонцето“ (1973), во режија на Илија Милчин. Следуваат, меѓу другите, Ангелина во „Потоп“ (1974), Лиза Дроздова во „Бесови“ (1978), Малтескињата Лезли во „Кенгурски скок“ (1979), Валерија во „Лов на диви пајки“ (1979), Паулина во „Череп“ (1980), Рената во „Војна и мир во Груда“ (1981), Нора во „Габи“ (1982), Анка во „Госпоѓа министерка“ (1983), Доли, пудлата во „Воена тајна“ (1984), Мараја во „Слободни врски“ (1984), Клара во „Големиот брилјантен валцер“ (1986), Марија Луиса Балванера во „Еригон“ (1999), Болничарка во „Мара/Сад“ (2008), а последна и е улогата во „Троил и Кресида“ (2010).
Особено значајна и карактеристична и е монодрамата „Клитемнестра“, во продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, а чија премиера е на 9 октомври 2002 година. Истата година со оваа претстава настапува на Фестивалот на монодрама во Битола, фестивалот на монодрамата во Земун и на Барско лето, Бар, во 2003 година. „Клитемнестра“ е разултат на она што ја карактеризира Каранџуловска – желбата да се биде на сцена, огромната амбиција кон големите дела и беспрекорната работливост што ја красеше.
Покрај во театар, игра и на филм: „Новогодишен карусел“ (ТВ-филм, 1979), „Томе од бензиската пумпа“ (ТВ-филм, 1979), „Време води“ (1980), „Хај-фај“, ТВ-филм, 1987), „Пикасо“ (ТВ-филм, 1987), „Марија лета со авион“ (ТВ-филм, 1988), „Денес, утре“ (ТВ-филм, 1998) и „Година на мајмунот“ (2018). Игра и во сериите: „Македонски народни приказни“ (од 1994 до 2017), „На наш начин“, „Легенди и преданија“, „Трета доба“, „Погрешно време“, „Обични луѓе“, „Од денес за утре“, „Турни ме да кинисам“, „Приказни од животот“ и „Преспав“.
Македонскиот народен театар сочувствува со болката на семејството, пријателите и на колегите.