Регион
Вучиќ: КФОР не ја кажува вистината, не е неутрален на Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека денеска ситуацијата за српскиот народ на Косово е потешка од вчера, а за КФОР порача дека оваа воена мисија во покраината не е неутрална, објави „Танјуг“.
Прашан за изјавата на портпаролот на КФОР дека најголема закана за мирот на Косово и Метохија е реториката на лидерите и злоупотребата на медиумите, како и дека сите биле однапред известени за вчерашната полициска акција, Вучиќ му порача на КФОР јавно да каже кого тоа известил.
„КФОР не ја кажува вистината. Ние добивме разузнавачки податоци за тоа околу 15 мај, а јас на 17 мај излегов во јавност со таа информација и со молба да не го прави тоа“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека КФОР не е неутралн и дека се занимава со реторика и со трикови.
„Го повикувам портпаролот на КФОР нека каже кого известил. Вчера во еден момент командантот на КФОР не сакаше да се јави ниту на началникот на Генералштабот на Војската на Србија, па тогаш ни ние не сакавме да се јавиме. Се слушнаа дури околу 11 и 30 часот кога ги предупредивме на настаните. Кога беше најтешко, немаше контакт“, рече српскиот претседател.
Вучиќ кажа дека приштинските власти вчера уапсиле 20 лица, наводно, како што кажа, во рамки на борба против корупцијата, а потоа и поради убиството на Оливер Ивановиќ и Енвер Замбери. Вучиќ праша дали и еден глувонем човек кој е уапсен е виновен за тоа.
„Ајде кажете ни за што се работи. Водите наводна борба против корупција. Како тоа се уапсени двојно повеќе Срби од Албанци? Тоа значи дека Србите се поголеми криминалци во полицијата, а во Приштина сите се чесни“, рече Вучиќ.
Тој предупреди дека крајна цел на Приштина е апсење на командантот на косовската полиција за северот на Косово и Метохија, Жељко Бојиќ.
Тој рече дека вчерашната акција и апсењето на Србите ги принудува српските полицајци да бидат „полоши Албанци од Албанците“, кои, како што рече, нема да бидат.
„Сè што прават е да се злоупотреби нешто и да се обидат од Србија да направат виновник. Но сето тоа мора да заврши и со тоа сите нивни приказни“, рече Вучиќ на новинарите по посетата на воениот гимназиски интернат во Белград, пренесе „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучевиќ: Ѓилас го уништи Белград повеќе од германските окупатори

Премиерот на Србија во технички мандат и претседател на СНС, Милош Вучевиќ денеска изјави дека претседателот на Партијата на слободата и правдата, Драган Ѓилас го уништил и опустошил Белград повеќе од германските окупатори и дека веќе никој не верува во неговите „Потемкинови села“.
„Внимавајте што вели експертот за кражба на народни пари, човекот кој Белград го направи негова приватна сопственост и го уништи и го направи полош од германските окупатори“, рече Вучевиќ на мрежата Икс, реагирајќи на најавата на Ѓилас на социјалните мрежи за формирање на новата влада на Србија.
Вучевиќ изјавил дека цената на кражбата на Ѓилас ја платиле граѓаните на Србија со години, додека тој кон Белград имал долг од 1,2 милијарди евра, а в џеб ставил 619 милиони евра.
„Почитуван Ѓилас, одамна никој не верува во вашите „Потемкински села“, Белград и Србија не се лонец со злато од кој можете да извадите пари колку сакате“, истакна Вучевиќ.
Тој додаде дека никој не сака неговите алтернативи за нормален живот и сигурна иднина да бидат криминал, ароганција, грабеж, насилство, неморал, злоупотреба на службената положба, бидејќи, како што истакна, тоа се синоними за Ѓилас и неговата „банда крадци кои би се вратиле на власт без волјата на народот“.
Нема да се извлечете! Србија ќе победи!“, нагласи Вучевиќ, пренесува Танјуг.
Регион
Земјотрес во Црна Гора, почувствуван и во Хрватска: „Беше краток, но силен“

Црна Гора беше погодена од земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во 11 часот и 52 минути, јавува ЕМСЦ.
Епицентарот бил на 48 километри од Подгорица и 20 километри од Никшиќ.
Според корисниците на EMSC, земјотресот бил почувствуван и во Хрватска и Босна и Херцеговина.
„Кратко, но силно“, коментира жител од Дубровник.
„Многу кратко, но се почувствува“, вели друг жител од областа Дубровник.
Регион
Жена со нож упаднала во основно училиште во Бугарија: ја удрила наставничката во лице

Жена упаднала во основното училиште во Бугарија и нападнала наставничка, јавуваат бугарските медиуми.
Приведена е жена (37) чие дете учи во споменатото училиште. Наставничката се здобила со повреди на лицето.
Според локалните медиуми, осомничената жена влегла во училиштето, извадила нож, замавнала со него, ја навредувала, а потоа ја нападнала наставничката.
Инцидентот веднаш бил пријавен од вработените во училиштето. Полицијата брзо пристигнала на лице место, ја разоружала агресивната мајка и ја привела.
Поради инцидентот во училиштето поведена е истрага, а за се е известено и надлежното Обвинителство.
Се уште не е јасно како дошло до нападот, ниту зошто жената ја нападнала наставничката.
Истрагата за овој инцидент е во тек, според тамошните медиуми.