Свет
Норвешка сака да наметне родово рамноправен ислам со квоти за жените
Четири од најголемите и најстари џамии во Осло немаат жени како членови на одборот, а градските власти имаат намера да ги поправат тоа со воведување квоти и закана за повлекување на државната поддршка, пренесува националната радиотелевизија НРК.
Норвешката Лабуристичка партија побара квоти за родова еднаквост во одборите на џамиите за да се поправи изместената родова рамнотежа. Според норвешкиот закон, жените мора да сочинуваат најмалку 40 отсто од членовите на одборот.
Во моментов, 71,6 отсто од норвешките џамии немаат жени членови на одборот и покрај тоа што добија близу 170 милиони норвешки круни (20 милиони долари) државна помош. Во четирите најголеми џамии во Осло, и покрај вкупно 23.221 членови, ниту еден член на одборите не е жена.
„Сакаме да ја изгубат државна помош ако немаат најмалку 40 отсто жени во нивните одбори. Ова не е приватна работа; државата обезбедува 400 милиони норвешки круни за поддршка на верските заедници. Исто така, мора да бидеме во можност да поставуваме барања”, рече градоначалникот на Осло, Рејмонд Јохансен, од Лабуристичката партија.
Според него, ова е јасна повреда на норвешките насоки за родова еднаквост. Норвешкото законодавство обезбедува правила за полова распределба во голем број различни видови одбори, и јавни и приватни. Во големите одбори со десет или повеќе члена, двата пола мора да бидат застапени со најмалку 40 отсто.
Во меѓувреме, вкупниот процент на жени во сите норвешки џамии во анкетата се мизерни 8 отсто, односно 68 жени од 845 членови на одборот. Спротивно на тоа, 59 отсто од членовите на одборот на Норвешката црква се жени. Јохансен смета дека бројките се разочарувачки.
„Гледам продолжување на структурите во кои мажите имаат моќ и во општеството и во семејството. Секој поединец, без оглед на нивниот пол, мора да ги има истите права и можности да влијае”, објасни тој.
Притисокот за родова еднаквост од Лабуристичката партија ги подели политичкиот естаблишмент и општеството во Норвешка. Министерот за деца и семејство, Кјел Инголф Ропстад, од Партијата на христијанските демократи, ги нарече резултатите на џамиите во родовата еднаквост разочарувачки, но е против насилно втурнување на жените.
„Мислам дека ова е лош предлог од Лабуристичката партија. Мора да постои висок праг за регулирање на верските заедници бидејќи верската слобода мора да биде силна во Норвешка”, рече Ропстад.
Уни Викан, социјален антрополог кој се фокусира на муслиманските земји, го нарече предлогот на лабуристите креативен бидејќи ги предизвикува џамиите. Според неа, не постои контрадикција меѓу религиската слобода и барањето поголемо учество на жените. Таа ја наведе Црквата на Норвешка, која од цврсто „не“ за женско свештенство сега има 15 отсто жени пастори.
Басим Гозлан од џамијата „Рабита“ во Осло, каде што двајца од осумте члена во бордот се жени, е со позитивен став да има повеќе жени, но тоа да не се направи на принуден начин. Во моментов, 59 муслимански верски заедници со над 80.000 членови имаат седиште во Осло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешен британски министер под истрага поради Епстин, Стармер: Нè излажа повеќе пати
Британскиот премиер Кир Стармер изрази жалење за назначувањето на Питер Манделсон за амбасадор на Велика Британија во Вашингтон, велејќи дека ветеранот од Лабуристичката партија повеќе пати лажел за своите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Стармер попушти под притисокот од опозициската Конзервативна партија, како и од делови од неговата Лабуристичка партија, и се согласи да објави документи поврзани со назначувањето на Манделсон за амбасадорска функција во 2024 година.
Манделсон, поранешен министер во лабуристичката влада пред повеќе од 15 години, поднесе оставка од Домот на лордовите во вторник поради неговите врски со Епстин и сега е под полициска истрага за наводна злоупотреба на службената должност.
Документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела вклучуваат пораки што сугерираат дека Манделсон му испраќал доверливи владини документи на Епстин и дека бил платен за тоа.

Манделсон изјави дека не се сеќава дека примил пари, но сè уште јавно не коментирал за наводите за доставување доверливи материјали, ниту пак одговори на медиумските прашања.
Стармер се бранеше тврдејќи дека дејствувал брзо, одземајќи му ги сите титули и должности на Манделсон, обвинувајќи го за предавство на националните интереси на Обединетото Кралство.
Сепак, објаснувањето на премиерот за тоа како е назначен Манделсон не ја смири опозицијата, која отворено го доведе во прашање политичкото расудување на Стармер, како и улогата на неговиот најблизок советник Морган МекСвини.
Аферата предизвика незадоволство и во рамките на Лабуристичката партија, каде што пратениците се сè повеќе фрустрирани од серијата непријатни политички пресврти што ја погодија владата на Стармер.
Свет
Гутереш: Истекот на договорот „Нов СТАРТ“ е сериозен момент за глобалната безбедност
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, оцени дека истекот на договорот „Нов СТАРТ“ е сериозен момент за меѓународниот мир и безбедност и ги повика Русија и САД без одложување да започнат преговори за нова рамка за контрола на нуклеарното оружје.
Договорот „Нов СТАРТ“, кој истече на полноќ во среда, го ограничи бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што Русија и САД можеа да ги распоредат, како и бројот на ракети и бомбардери базирани од копно и подморница, дизајнирани да ги испорачаат.
„За прв пат по повеќе од половина век, се соочуваме со свет без никакви обврзувачки ограничувања за стратешките нуклеарни арсенали на Руската Федерација и Соединетите Американски Држави, двете држави кои поседуваат огромно мнозинство од глобалниот нуклеарен арсенал“, рече Гутереш во соопштението.
Тој предупреди дека разоткривањето на децениските достигнувања во контролата на оружјето се случува во време кога, рече тој, ризикот од употреба на нуклеарно оружје е највисок во последните децении.
Во исто време, тој нагласи дека постои можност за „ресетирање“ и создавање режим на контрола на оружјето прилагоден на променливата глобална средина и ги поздрави изјавите на лидерите на Русија и САД за потребата да се спречи враќањето на неконтролираното ширење на нуклеарното оружје во светот.
„Светот сега гледа кон Русија и САД да ги претворат зборовите во дела“, рече Гутереш, повикувајќи ги двете земји без одложување да се вратат на преговарачката маса и да се договорат за договор-наследник што ќе ги врати проверливите граници, ќе ги намали ризиците и ќе ја зајакне заедничката безбедност.
Свет
Израел врати 54 тела и 66 кутии со останки во Газа
Министерството за здравство на Газа вчера објави дека 54 палестински тела и 66 кутии со човечки останки се префрлени во Појасот Газа откако биле предадени од Израел, а испораката се изврши преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Министерството соопшти дека телата и останките пристигнале во медицинскиот комплекс Ал-Шифа со возила на Црвениот крст, каде што медицинските екипи веднаш започнале со форензичка обработка во согласност со одобрените медицински процедури.
Се вели дека во тек е работа за завршување на процесот на преглед и документирање во координација со надлежните органи и специјализираните комитети, пред да им се дозволи на семејствата да ги идентификуваат телата според утврдените протоколи.
Израелската војска продолжи да го крши договорот за фазен прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври, и покрај објавата на САД во јануари дека започнала втора фаза.
Таа фаза вклучува дополнителни израелски повлекувања од Газа и започнување на напорите за реконструкција, за кои ОН проценува дека ќе чинат околу 70 милијарди долари.
Прекинот на огнот стави крај на израелската офанзива што започна во октомври 2023 година и траеше две години, во која, според палестинските бројки, беа убиени речиси 72.000 Палестинци, а повеќе од 171.000 беа ранети, додека околу 90 проценти од инфраструктурата на Газа беше уништена.

