Македонија
СДСМ: Сите честитаат за извештајот, а само Мицкоски го премолчи успехот
Сите честитаат за најпозитивниот извештај на ЕК, само Мицкоски го премолчи овој успех и продолжува да го брани Никола Груевски, реагира владејачкиот СДСМ, по обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Додека сите ги препознаа успешните реформи и честитаа за најпозитивниот извештај на Европската комисија откако нашата држава е земја кандидат за влез во ЕУ, Христијан Мицкоски го премолче и овој успех на државата.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не честитаа на препознаениот и признаен успех, туку го бранат криминалот на Никола Груевски со што продолжуваат да работат спротивно на интересите на државата и граѓаните.
Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште имаат шанса да го поздрават успехот и препораката за почнување преговри со ЕУ и да се вклучат во забрзување на реформскиот процес што е во интерес на граѓаните и државата.
ВМРО ДПМНЕ треба да даде поддршка за продолжување на работата на СЈО и да се откаже од барањето на скриена амнестија.
Република Северна Македонија продолжува напред колку и тоа да не му се допаѓа на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Продолжува реализација на децениските национални и државни интереси како што се интеграцијата во ЕУ и НАТО“, се додава во реакцијата на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев: Македонија повеќе нема луксуз да се движи по овој поданички пат
Носителот на листа од Левица во ИЕ 4, Сашко Јанчев, во своето обраќање до граѓаните, стави акцент на поданичките политики на СДС и ДПМНЕ, кои ја доведоа Македонија во ситуација повеќе да го нема луксузот да се движи по досегашната траекторија.
„Македонија не смее да ги бира оние кои веќе 30 години се директни виновници за ова дереџе во кое се наоѓа државата! Македонија нема луксуз да ги гласа истите, а да очекува промена! Нема што повеќе да зборуваме за СДС на нашата земја. Со Заев и после него, СДС се претвори во историски најантимакедонската организација која некогаш постоела!”, истакна Јанчев.
Според Јанчев, секоја партија која го гази интересот на својот народ за интерес на амбасадите, на крајот завршува отфрлена и од амбасадите и од својот народ.
,,СДС им се лижеа на амбасадите, а сега истите тие амбасади им го формираа ЗНАМ за да ги преполови!
Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, во кое ни В нема од ВМРО, повторно зборуваат за национално обединување. Јас 30 години слушам како тие нè обединуваат, но, искрено, јас воопшто не се чувствувам обединето. Напротив, се чувствувам предадено!
Се чувствував предадено и кога гласаа за амнестија на Хашките случаи. За амнестијата гласаше и носителот на ИЕ4, Александар Николовски.
Се чувствував предадено кога позајмија 8 пратеника за промена на името, а наместо на протест, Мицковски беше на прошетка во Битола.
Се чувствував предадено кога Мицковски му рече на Борисов дека ,ште го поткрепи’ Договорот за добрососедство со Бугарија!”, додава Јанчев.
На крајот од своето излагање, Носителот на ИЕ4 повика, Сашко Јанчев, порача:
,,Затоа, не го ситнете отпорот! Не го трошете бадијала гласот! Дајте го на Левица, за да има што повеќе пратеници во Собрание кои се на страната на народот!
Македонија
Лукаревска од Македонска Каменица: На 8 мај гласајте за силен СДСМ, сега е најважно да не се враќаме назад
„Ветувањата ги остваруваме, oвде од Македонска Каменица започнавме уште на почетокот на мандатот и веќе во 2018 година Владата на СДСМ обезбеди бенефициран стаж за рударите. Луѓето со најтешка и најпочитувана професија заслужуваат уште повеќе, социјалдемократите го ценат трудот на работникот, секогаш сме биле први во заштита на работничките права и во обезбедување на социјална правда, зашто човечкиот капитал е највреден. И сега остануваме на истите принципи, гарантираме уште повисоки плати и пензии, зашто еднаш веќе тоа го направивме“, рече носителката на листа во третата изборна единица, Сања Лукаревска.
Таа истакна дека СДСМ ќе продолжи со силна поддршка на домашната економија за побрз развој, за повеќе работни места, за повисоки плати и подобар стандард, со 180 милиони евра директна поддршка за домашните компании, 3,5 милијарди евра за капитални инвестиции, 1 милијарда и 350 милиони евра инвестиции за земјоделството, од кои 750 милиони евра директна финансиска поддршка.
„Ќе продолжиме со континуирана поддршка на земјоделците, но и на младите, на жените, од земјоделството да направат успешен бизнис за подобар стандард дома. За младите земјоделци што го превземаат земјоделското семејно стопанство грант од 20 000 евра. За жени земјоделки, за бизнис за преработка на примарното производство, финансиската поддршка се зголемува од 6 000 на 10 000 евра. Вложуваме во повеќе работни места и подобри плати, обезбедуваме по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на млади до 26 години. Затоа на 8 мај гласајте за силен СДСМ, сега е најважно да не се враќаме назад, во сојуз со граѓаните да продолжиме да работиме за просперитетна, напредна и модерна држава за сите, за подобар живот дома“, рече Лукаревска.
Македонија
(Видео) Стојчевски: ЗНАМ ќе направи темелна промена во правосудниот систем, со кој правдата ќе биде столб на општеството и ќе нема место за корупцијата
Носителот на листата на кандидати за пратеници од ИЕ 2, Даниел Стојчевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, денеска одржа прес конференција на која се задржа на мерките од програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ во однос на правдата и борбата со криминалот и корупцијата.
Стојчевски рече дека граѓаните сега имаат можност да направат избор со кој ќе видат дека има начин за да биде подобро, а изборите што се прават сега ќе ја одредат иднината на нацијата. Тој потенцира дека изборите овој пат не се само за тоа кој ќе управува, туку се за враќање на довербата во институциите, како и за создавање на Македонија која е посилна, почесна, и поправедна.
„Ние сме тука да предложиме конкретни решенија за трајни промени. Нашата програма, “Проглас за достоинствена Македонија”, се залага за темелна промена во правосудниот систем, каде што правдата е столб на општеството и каде за корупцијата нема место. Првата мерка е зголемувањето на казните за злоупотреба на службена положба и овластувања, со казна затвор од минимум 10 години. Ние сметаме дека казните треба да бидат строги за да се обесхрабри секој обид за корупција и злоупотреба.
Втората, ќе воведеме принцип на незастарување за делата на криминал и корупција. Престапите против државата и нејзините граѓани не треба и не смеат да бидат заборавени или игнорирани со текот на времето.
Третата, зајакнување на капацитетите и интегритетот на судскиот систем преку избор на судии и обвинители кои имаат докажано искуство и знаење, со минимално 10 години стаж и завршена Академија за судии и јавни обвинители.
Четвртата, укинување на доживотниот мандат на судиите и јавните обвинители и воведување на систем за реизбор на секои шест години. Со оваа мерка, тие ќе мора постојано да ја докажуваат својата компетентност и посветеност кон правдата.
Петтата, сите нотари и извршители ќе станат државни службеници, што ќе придонесе кон поголема контрола и стандардизација на нивната работа.
Шеста, зголемување на платите за администрацијата во правосудните органи за 30 проценти за да се овозможи најдобрите кадри да останат во нив“, рече Стојчевски.
Тој нагласи дека оваа битка е битка за сите нас, битка за почесна и праведна Македонија, без корупција и неправда. Според него секој од нас е дел од решението и треба здружено да се работи за иднина во која правдата не е само идеал, туку ќе биде реалност за секој граѓанин на земјата.
„Ние сме подготвени да дадеме „Максимум за Македонија“ и да застанеме рамо до рамо во борбата за подобра иднина, водени од љубовта кон нашата земја и желбата за подобрување на животот на секој еден нејзин граѓанин“, рече тој.
Запрашан кој е ставот на Движењето ЗНАМ во однос на коалициите за идната влада, и дали е Движењето е во преговори со ВМРО ДПМНЕ, Стојчевски одговори:
„Уште пред почетокот на кампањата Движењето ЗНАМ како политичка партија најави дека на изборите учествува за граѓаните, ќе работи за нив и ја бара нивната поддршка. Ние сме можеби единствената партија која не е во коалиција со ниту една политичка партија на овие избори. За нашите идни коалиции ќе одлучува раководството веднаш по изборите.“
Стојчевски беше прашан и каков е коментарот во однос на изјавата, односно ставот на ВМРО ДПМНЕ дека се надеваат дека не постои тројански коњ на власта во опозицијата, за што изјави:
„Вие гледате дека во изминатите денови, а особено по првиот круг на претседателските избори, каде што многумина беа изненадени од освоениот број на гласови што ги доби Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, дека сме мета на напади од двете најголеми политички партии поради тоа што, претпоставувам, се загрижени поради бројот на освоени гласови. Ние сме политичка партија која работи во интерес на граѓаните и тоа го покажавме со нашето делување во изминатите неколку месеци“.
Стојчевски исто така пред новинарите рече дека врвен државен приоритет е да се избере Претседател на Македонија.
„Двиежењето ЗНАМ ги повикува сите граѓани масовно да излезат и да гласаат за Претседател наМакедонија по сопствено убедување. Истовремено ги повикуваме граѓаните масовно да го поддржат Движењето ЗНАМ и да гласаат за број седум“, рече на денешната прес конференција Даниел Стојчевски, носител на кандидатската листа за пратеници во ИЕ 2 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.