Економија
Конференција во Охрид за плаќањата и пазарната инфраструктура во организација на Народната банка

Во Охрид ќе почне дванаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура што ја организира Народната банка на Република Северна Македонија во соработка со Банката на Холандија. Годинава, конференциската програма ќе биде на тема „Отворени врати за менување на платежниот пејзаж“, при што во текот на трите конференциски дена ќе бидат отворени поголем број актуелни прашања од платежната сфера.
На конференцијата, која традиционално има меѓународен карактер, и годинава со свои презентации ќе учествуваат претставници на Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и Банката за меѓународни порамнувања (БИС), што уште еднаш ги потврдува високиот квалитет и препознатливоста на оваа конференција во меѓународни рамки. Претстојното конференциско издание повторно во Охрид ќе обедини претставници на централните банки кои му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки и на централните банки од регионот на Западен Балкан и Црното Море, овој пат за да споделат мислења и да дискутираат за најновите светски трендови во областа на плаќањата и предизвиците за нивната примена. Според конференциската програма, на настанот ќе бидат споделени експертски гледишта за повеќе клучни прашања поврзани со промените во правната рамка за платежната сфера во Европската Унија, најновите платежни решенија управувани од финтек-компаниите, отвореното банкарство, развојот на инстант-плаќањата, дигиталните валути и криптосредствата. Во рамките на конференцијата ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек ќе говорат за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата.
Конференцијата ќе ја отвори гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по што со своe излагањe ќе се обрати и Михил ван Дуверен од холандската централна банка. Во текот на првиот конференциски ден свои излагања ќе имаат и претставници на повеќе централни банки од евросистемот, како и претставник на ЕЦБ. Програмата за вториот конференциски ден ќе почне со обраќања на министерот за финансии, Драган Тевдовски, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, по што, меѓу другото, свое обраќање ќе има претставник на БИС, а ќе биде одржана и тематската панел-дискусија. Во текот на третиот завршен ден на конференцијата некои од експертите ќе дискутираат за неколку клучни прашања за новите трендови во платежната сфера и во одделни работни групи. Во текот на конференциската завршница ќе се обрати вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, која ќе ги изнесе и заклучните согледби од годинешното конференциско издание.
Одржувањето на оваа конференција е само една од формите преку кои Народната банка постојано се залага за следење на светските новини и поттикнување на развојот на платежните услуги кај нас, што во натамошниот период би донело и многубројни придобивки за домашната економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.