Македонија
Таки Фити : Треба да се заборават поранешните штетни практики на привилегирање на бизниси блиски до власта
Последната сесија од вториот дел од форумот „Две години влада – Одоговорно пред граѓаните“, посветен на приоритетите на Владата, беше посветена на економијата, и на неа зедоа учество претседателот на Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија – МАНУ, Таки Фити, претседателот на УО на НЛБ Банка ад Скопје, Антонио Аргир и Коста Петров, претприемач.
Претседателот на Академијата на науките и уметностите, Таки Фити истакна дека академијата во своите документи ја има истакнато пазарната економија како носител на економскиот раст и развој и дека тој развој треба да дојде од реалниот сектор, со поддршка на политиките на Владата.
„Владата мора да обезбеди модерна стопанска инфраструктура, праведна и фер регулација на бизнисите, еднаков третман на фирмите во пристапот до јавните набавки и со сите облици на државна помош на стопанството“, потеннцираше академик Фити и додаде дека треба да се заборават поранешните штетни практика на привилегирање на бизниси блиски до владејачка структура.
Академик Фити потенцираше дека особено внимание во иднина треба да се посвети на реализацијата на јавните инвестиции, особено во патната инфраструктура, гасификацијата и енергетиката, со посебно внимание на заштитата на животната средина.
Како посебна препорака за идните приоритети на Владата, академик Фити ја нагласи неопходноста од промената на структурата на македонската економија за да им се даде предност на иновативните, современо ориентирани компании.
„Кај нас знаењето во економијата учествува само со 30 % во динамизирање на растот, во развинетите земји овој процент изнесува од 50 до 60%, и затоа е особено значајно тоа што го прави Владата, заедно со Фондот за иновации и технолошки развој во поддршката на иновативни бизниси“, рече претседателот на Академијата на науките и уметнстите на Северна Македонија – МАНУ, академик Таки Фити.
Антонио Аргир, претседателот на УО на НЛБ Банка АД Скопје, ја поддржа препораката на академик Фити за поддршка на иновативните бизниси и на економијата заснована на знаење, а посебно ја истакна вредноста којашто произлегува од стабилната политичка ситуација, од решените проблеми со соседите, од стабилни макроекономски политики кои резултираа со задолженост и стабилен банкарски сектор.
„Она што е клучно е да го золемиме нивото на реализација на капитални инвестиции, како клучни за краткорочните и долгорочни ефекти важни за економијата. Мојата препорака за еден од идните приоритети на Владата е да ги засили политиките за борба против одлевањето на младите стручни потенцијали од земјата.
Претседателот на УО на НЛБ Банка АД Скопје Антонио Аргир сугерираше дека фокусот во иднина треба да биде ставен на дополнителен поттик на домашните, извозно ориентирани компании, кои во рецесијата се покажаа како најрезистентни на економските кризи.
Во својот дел од учеството во вториот дел од форумот „Две години влада – Одоговорно пред граѓаните“, посветен на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија на економијата, претприемачот Коста Петров нагласи дека за прв пат во историјата на државата имаме успешни бизниси кои се резултат на љубов и макотрпна работа, и на поддршката на Владата на малите и средни компании.
„Овие претприемачи се факторот кој може да ја промени бизнис реалноста на Северна Македонија, и многу е важно да продолжат политиките и економските програми за да бидат уште понепосредни вклучени во процесите кои ќе го направат нашиот живот подобар“, нагласи Петров, и ја поддржа неопходноста од поголема соработка на гигантите со старт ап компаниите, како и неопходноста од поголемо учество на жените во политиката и во бизнисот.
Премиерот Заев, како резиме на денешниот форум „Две години влада – Одговорно пред граѓаните“, се заблагодори за интересот и активното учество на учесниците на настанот, кои како претставници на општеството и граѓаните, го дадоа својот придонес за критички осврт кој е од голема помош за идните активности на Владата.
„Оваа Влада покажа дека сака да учи и да се корегира. Владеењето на правото да го видиме во пракса, борбата против омразата и против корупцијата да ги видиме во пракса и на дело. Мора да се осврнеме на ранливите категории на граѓани. Тоа е обврска на сите. Мора да го дигнеме квалитетот на живот на граѓаните“, нагласи премиерот Заев и додаде дека имплементацијата на законите ќе биде поуспешна ако се вградат и граѓаните со своите коментари.
„Овие форуми се своевиден брејнсторминг за иднината на нашето општество. Помага да се менуваме на подобро за да бидеме подобра Влада во следниот период“, потенцираше премиерот Заев на „Две години влада – Одговорно пред граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.

