Македонија
Џафери со свечен прием му посака добредојде на Столтенберг
Со свечен прием во Собранието, претседателот на парламентот Талат Џафери, вечерва им посака добредојде на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и на Северноатлантскиот совет на НАТО, кои од денеска се во дводневна посета на земјава. Генералниот секретар Столтенберг ја предводи делегацијата од 29-те амбасадори на земјите членки на НАТО во Брисел.
На приемот што го приреди претседателот Џафери, присуствуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, кој ја предводеше владината делегација, како и претставници од дипломатскиот кор во земјава.
Претседателот Џафери, во своето поздравно обраќање изрази задоволство што е домаќин на Северноатлантскиот совет, што за нашата држава претставува своевидно признание и потврда дека заслужено стануваме членка на НАТО Алијансата.
„Свесни сме дека членството во НАТО е динамична категорија која носи многу предности и придобивки, но во исто време, налага и многу обврски. Зачувувањето на мирот и безбедноста на глобално ниво, справувањето со сите предизвици кои го загрозуваат мирот, почитувањето на човековите права и слободи, парламентарната демократија и владеењето на правото, сѐ се тоа вредности врз кои почива НАТО Алијансата и кои се обврска на секоја земја членка. Република Северна Македонија верува во овие принципи и во оваа пригода, сакам јавно да нагласам дека, како полноправна членка на НАТО, посветено и одговорно, како и досега, ќе продолжиме во остварувањето на овие темелни вредности и принципи кои не обединуваат со сите земји членки на НАТО“, порача Џафери.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг и честиташе на земјава за успесите што ги постигна изминатиот период на патот кон евроатланските интеграции, за храброста и решителноста да го реши проблемот со името, кој ја кочеше нашата земја премногу долго. Тој оцени дека придобивките за Република Северна Македонија од зачленувањето во НАТО се веќе очигледни, инвестициите оваа година се зголемени за три пати, а нашата држава веќе учествуваше на состаноците на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржаа во февруари и во април оваа година.
„Нашата Алијанса се грижи за безбедноста на луѓето, но и за почитување на нашите вредности – слобода, демократија и владеење на правото. Во 1949 година, министрите за надворешни работи од дванаесет земји го потпишаа Договорот од Вашингтон. Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот“, порача Столтенберг.
Високата делегација на НАТО ја пречекаа и потпретседателите на Собранието, Фросина Ташевска Ременски, Горан Мисовски и Весел Мемеди, координаторите Јован Митрески, Ејуп Алими, Никола Мицевски и Елизабета Канческа Милевска, како и пратеници од повеќе парламентарни партии.
Делегацијата од Владата ја сочинуваа и заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата одговорен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за правда Рената Десковска, министерот за финансии Драган Тевдовски, како и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

