Македонија
(Видео) Томовски за ивештајот на ЕК: Владата нема напредок кај животната средина

Европската Комисија во нејзиниот извештај нотира дека владата нема никаков напредок на полето на животната средина, изјави Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Тој рече дека согласно извештајот се покажало оти државата нема административен капацитет на централно и локално ниво да се справи со овој проблем.
„Од Европската Комисија се нагласува дека нема напредок во однос на донесување на клучните закони кои треба да ја имаат контролата врз животната средина а тоа се инспекцијата и Директивите за одговорност во животната средина, како и Директивата за еколошки криминал“, рече Томовски.
Тој цитира дел од извештајот во кој се наведува дека потребно е да се спроведат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот со обезбедување на ефикасна координација помеѓу централните и локалните власти, и обезбедување на доволни финансиски средства. Исто така, како што посочи Томовски, во извештајот се наведува дека во големите градови нивоата на загадување на воздухот се високи.
Тој додаде дека Скопје две години по ред е на врвот на листата најзагадени градови во светот, граѓаните во текот на зимскиот период се гушат, а болниците се преполни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Срамно и недозволиво е во 21 век, среде лето, болница каде што се лекуваат деца да остане без вода, велат од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ го доведе до колапс системот за водоснабдување во Скопје. Ништо не остана од комуналната инфраструктура во главниот град, велат од СДСМ.
Власта, додаваат од опозициската партија, треба да им објасни на граѓаните за чии интереси го доведе во ваква состојба системот за водоснабдување.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје не поддржаа ниту една одлука за одржување на водоводниот систем, а загубите на вода се огромни, дури повеќе од 50%.
Денес цената за незаинтересираноста на власта ја плаќаат децата од ЈЗУ Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – „Козле“ која два дена е без вода.
Срамно и недозволиво е во 21 век, во среде лето, болница каде што се лекуваат деца да остане без вода цели 48 часа.
Во објект во кој се лекуваат болни деца, нарушени се хигиенските и санитарните услови што е сериозен здравствен ризик за пациентите, нивните семејства, но и за здравствениот персонал.
Сето ова се случува во услови на неподнослива ареа, отсуство на санитарни услови и присуство на само една цистерна со техничка вода – која, според медицинските стандарди, не е соодветна за употреба во здравствени установи“.
Наместо грижа, Според СДСМ, пациентите се пренасочуваат во други здравствени установи, што не е решение на проблемот, туку како што велат, тоа е бегање од одговорност.
За СДСМ, иронични се објаснувањата дека причината за дефектот е слаб притисок и конфигурацијата на објектот, иако болницата досега никогаш не се соочила со ваков проблем, ниту пак во летните месеци кога потрошувачката е зголемена.
Ова, според опозициската партија, не е технички дефект туку е системски дефект на власта на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ бара итно решавање на хаосот со системот за водоснабдување, но и одговорност од сите надлежни за состојбата која претставува директна закана за здравјето и животот на децата.
Македонија
Мицевски за соработката со Унгарија: Пред нас е договор кој е особенo важен за нашата економија, која ќе добие нова енергија, капитал и технологии

Денес пред нас е исклучително значаен документ, Предлог-закон за ратификација на Договорот за стратешка соработка помеѓу Република Македонија и Унгарија, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Овој договор, како што дополнува, не е обичен акт на меѓународна соработка.
„Тој е јасна порака на Република Македонија дека гради стабилни, долгорочни, доверливи партнерства со вистински пријатели, во време кога ни се потребни вистински партнери повеќе од било кога. Ова е втор стратешки договор што оваа власт го склучува во првата година од мандатот.
Овој договор треба да се поздрави како чекор во вистинска насока, насока на конкретна надворешна политика, продуктивна економска дипломатија и визионерска посветеност кон иднината на државата.
Со овој договор се воспоставува формално стратешко партнерство помеѓу Македонија и Унгарија, земја членка на Европската Унија и НАТО, со која имаме децениско пријателство и стабилни политички односи. Таквото партнерство, ќе овозможи унапредување на соработката во многу важни сфери: инфраструктура, енергетика, транспорт, информатичката технологија, сајбер безбедност, и одбрана. Овие области се двигател на секој сериозен развој и гаранција за економска и безбедносна стабилност, што е од особено значење во моменталната геополитичка состојба во Европа“.
Договорот, според Мицевски, нуди нови можности за домашната економија, преку активно вклучување на македонскиот приватен сектор и внесување на странски инвеститори во реализацијата на стратешките проекти.
„Ова е особено важно што нашата економија има потреба од нова енергија, капитал и технологии.
Република Македонија со овој договор, се обврзува да ги олесни административните и законодавни бариери за имплементација на стратешките проекти. Ова е силен сигнал дека се насочуваме кон ефикасна држава, која не е сопствена сопирачка туку двигател на развојот.
Овој договор доаѓа во време кога Унгарија, е еден од најгласните и најдоследни поддржувачи на нашите европски интеграции. Во време на политичката несигурност и отворените кочење на нашето европско досие, поддршката од земја како Унгарија е од круцијално значење. Ова партнерство е мост кон европското семејство, а не декларација без содржина“.
Како што рече за ВМРО-ДПМНЕ, стратешките сојузништва не се дневнополитичка реторика, туку темел на стабилна и суверена државност.
Мицевски оценува дека поддршката од Унгарија е доказ дека сме способни да градиме пријателства кои што носат резултати, проекти, инвестиции, работни места и побрза економска интеграција.
„Да не дозволиме овој договор да биде сведок на партиски поделби, туку на единство кога се работи за националниот интерес“.
Македонија
Армијата ја засилува својата борбена готовност, промовирани новите артилериски орудија „Боран“

Денеска во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски беше промовирана нова артилериска батерија составена од шест хаубици 105 mm, „Боран“ и друга придружна опрема, кои се набавени од Турција во рамки на процесот за модернизација и опремување на Армијата.
На промоцијата, премиерот Мицкоски истакна дека „нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка”, туку реални инвестиции, план, стратегија, има волја и одговорност.
„Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците. Македонија која се грижи за своите војници, која ја почитува својата Армија и која знае дека силна Армија значи сигурен народ. На сите припадници на Армијата – ви честитам.
Оваа опрема е за вас. За вашата безбедност, за вашата способност и за вашата посветеност кон татковината. А вие сте нашиот прв бедем и гордост на државата. Македонија мора да успее. А ќе успее само ако е силна, самостојна и сигурна“, рече Мицкоски.
Министерот Мисалјовски истакна дека Министерството инвестира и ќе продолжи да инвестира во Армијата која „се гради континуирано, со секој изминат ден“. Градењето на македонските одбранбени капацитети, рече, значат силна и опремена Армија, секогаш подготвена да одговори на потребите на граѓаните и безбедноста на државата.
„Оваа опрема е произведена во Турција согласно највисоките НАТО стандарди. Набавката на оваа воена опрема преку договорот Влада со Влада упатува една јасна порака, дека ние имаме огромна доверба во високиот квалитет на производите од турската воено-наменска индустрија“, рече министерот.
Мисајловски им се заблагодари на амбасадорот Фатих Улусој, одбранбеното аташе полковникот Реџаи Јилмаз како и на сите инволвирани лица за искрената поддршка и посветеност и порача дека соработката е обострана, а успешен пример за тоа е и Рамковниот договор за воена соработка кој беше потпишан минатата година.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски порача дека со набавката на хаубиците „Боран“ започнува реализацијата на една од клучните компоненти во рамки на проектот „Опрема и муниција за индиректна огнена поддршка“ и директно придонесува за исполнување на нашите обврски од пакетот на НАТО Цели на способности зададени во 2021 година и потврдени со новиот пакет на цели од 2025 година.
„Се работи за ново модерно вооружување кое ги поседува бараните тактичко-технички карактеристики. Турските вооружени сили го добија ова вооружување во 2021 година, а само четири години подоцна е дел и од нашата Армија, со што сме првата земја во Европа која го поседува. Обезбедувањето на овие артилериски средства значително ги зајакнува капацитетите за индиректна огнена поддршка на Армијата, а истовремено се постигнува и посакуваната интероперабилност за учество во НАТО водени операции“, потенцираше генералот.
Амбасадорот на Турција, Фатих Улусој подвлече дека соработката во полето на одбранбената индустрија претставува важен дел од билатерални односи и дека стабилноста и безбедноста на Балканот преставува приоритет на турската надворешна политика.
„Денес заеднички ги согледуваме конкретните примери од нашата соработка во полето на воената и одбранбената индустрија. БОРАН хаубиците на МКЕ и системите за команда и контрола на огнена поддршка на АСЕЛСАН кои Северна Македонија ги набави од нашата земја се важен чекор во достигнување на НАТО стандардите од страна на македонската армија. Цениме дека нашите компании, кои произведуваат по европски стандарди и по ниски цени, ќе продолжат да придонесуваат во напорите за модернизација на нашиот сојузник, Армијата на Северна Македонија според стандардите на НАТО“, истакна амбасадорот Улусој.
Шесте хаубици „Боран“ се дел од декларираната батерија од артилерискиот баталјон во рамките на Лесната пешадиска баталјонска група на Армијата.