Економија
(Видео) Николовски: Преку новиот повик од ИПАРД 2 го развиваме најмоќниот дел на економијата

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја објави најавата за јавниот повик за мерката 7: „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ од ИПАРД 2-програмата. Во согласност со процедурите од Европската Унија, во овој триесетдневен подготвителен период на сите оние земјоделци и агробизнисмени што сакаат да конкурираат, а ги исполнуваат условите, им се дава можност да ја подготват потребната документација за аплицирање на новиот повик.
„Заинтересираните ќе може да аплицираат за модернизација на постојните или отворање нови погони за производство на тестенини, колачи, фарми за одгледување зајаци, дивеч, насади за дрва и дрвена маса, аквакултурни фарми за слатководна риба, отворање кино, радиодифузно претпријатие во рурални средини, како што се радио или локална телевизија, сместувачки капацитети, како и отворање ресторани кои нудат угостителски услуги. Во согласност со програмата, 65 отсто од прифатливите трошоци за реализираната инвестиција ќе им бидат вратени на апликантите преку средствата од ИПАРД 2-програмата. Расположливите средства за овој повик се очекува да бидат помеѓу 8 и 10 милиони евра“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Мерката 7 овозможува кофинансирање инвестиции за: алтернативно земјоделско производство, производство на прехранбени производи и пијалаци, и тоа за следните типови инвестиции: производство на непрехранбени производи, занаетчиски дејности, обезбедување услуги во земјоделството, развој на услуги за руралното население и промоција на руралниот туризам.
„Кога ќе заврши овој рок за подготовка нa документација и апликациите, ќе го објавиме и повикот за мерката 7 – „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“. Сакам да потенцирам, сите заинтересирани при аплицирање да водат сметка сите потребни документи што се наведени во упатствата за корисници да ги обезбедат уште при поднесувањето на барањата. На последниот повик за оваа мерка 7 склучивме 23 договори со вкупна вредност од 4,3 милиони евра“, изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николоче Бабовски.
Николовски и Бабовски посочија дека токму преку оваа мерка „Диверзификација на фармите и развој на мали бизниси“ се создаваат услови за развој на најмоќниот дел на економијата, а тоа се малите и средните претпријатија, кои се моторот на домашната економија. МЗШВ во наредниот период преку сите мерки и политики ќе создава поволна бизнис-клима за раст и развој на домашната економија, а еден од начините е токму ефикасната искористеност на мерките од ИПАРД-програмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески со ИФЦ: соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.
Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.
Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.
Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.
Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.
Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост, велат од НБРМ.
Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.