Македонија
Филипче: Ќе продолжиме да ја подигнуваме свеста за раната дијагноза на ракот на грло на матката
Министерот за здравство, Венко Филипче, присуствуваше на настан во рамките на иницијативата Ride4Women почната од неколку европски лекари со цел преку возење велосипед на долги патеки да се подигне свеста за важноста на превенцијата и раната дијагноза на ракот на грлото на матката, потребата за подобрување на целокупното здравје, како и зачувување на животот на жените.
„Министерството за здравство спроведува континуирана кампања за важноста од редовен гинеколошки преглед со цел избирање матичен гинеколог. Во согласност со Програмата за рана детекција на малигните заболувања за 2019 година се предвидува да бидат испратени 32.000 покани до жени на возраст од 36 до 45 години (што претставува околу 22 отсто од проценетото женско население на таа возраст), како и да се направат 24.000 ПАП-теста во рамките на организираниот скрининг (посебна програма финансирана од страна на Министерство за здравство). Исто така, се заложивме да се зголеми буџетот за нов тип вакцина против ХПВ. Наместо досегашната двовалентна, сега е четиривалентна. Апелирам да се зголеми опфатот со вакцинација затоа што целосно може да се елиминира ризикот да се заболи од ова заболување, кое може да биде и смртоносно. Ќе продолжиме да ја подигнуваме свеста и со разни кампањи и информирање на јавноста“, посочи министерот.
Според податоците добиени од центрите за јавно здравје, вкупниот број жени што примиле покани во 2018 година изнесува 46.438, а 17.477 од нив не се јавиле на преглед што претставува дури 38 отсто од поканетите жени.
Жените на која било возраст имаат можност да направат ПАП-тест при редовен преглед кај својот матичен гинеколог, а оваа услуга е покриена преку Фондот за здравствено осигурување.
За скрининг на рак на грлото на матката во првиот квартал на 2019 година се поканети вкупно 10.633 жени на возраст од 36 до 45 години.
„Имаме изготвено сеопфатна анализа со каква инфраструктура и со каков кадар располагааат здравствените установи, како и процена на ниво на целата држава за потребата од матични лекари, меѓу кои се и гинеколозите. Го унапредуваме здравјето на секоја жена и почнуваме од еден од клучните аспекти, а тоа е унапредување на достапноста на гинеколози во државата преку воспоставување поголема територијална покриеност и достапност на кадарот во здравствените региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни или достапноста е ограничена. Во таа насока нашата заложба е да ги препознаеме компетенциите на матичните лекари специјалисти по семејна медицина, кои вклучуваат и грижа за сексуалното и репродуктивно здравје, како што се услуги за семејно планирање, контрацепција, сексуално преносливи инфекции итн. Понатаму, нашата визија е во здравствените региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни, како што се Македонски Брод, Демир Хисар, Пробиштип и Крушево, да ги обезбедиме овие услуги преку капацитетите со кои здравствениот систем располага на секундарно ниво“, истакна министерот Филипче.
Министерот посочи дека посебен акцент е ставен на зајакнување на кадровските капацитети на примарното здравство. Во континуитет се распишуваат и кофинансирани специјализации за матични гинеколози и во изминатиот период има 10-ина специјализанти на кофинансирана специјализација по гинекологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.
Македонија
Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна
Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.
Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.
Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.
Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.
АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.

