Македонија
Почна најголемата воена вежба во историјата на државата, учествуваат 2.700 војници

Над 2.700 припадници од армиите на шест држави, домаќинот Северна Македонија, потоа Соединетите Американски Држави, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија, од денеска до 9 јули како дел од досега најголемата вежба организирана во нашата држава, „Одлучен удар“, ќе ги развиваат подготвеноста и меѓусебната интероперабилност, клучни способности за сите армии во алијансата.
На отворањето на вежбата на полигонот „Криволак“ заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, порача дека оваа досега најголема вежба што ја организира нашата Армија се случува во вистинско време во кое нашата држава е исклучително горда на постигнатото и дека алијансата добива искрен и посветен сојузник.
„Ние сме сојузник што цврсто верува во вредностите на алијансата и кој знае да се бори за демократијата, слободата, еднаквоста, владеењето на правото. Сојузник што знае дека живеењето и практицирањето на тие вредности е основата за развој на едно современо, демократско, европско општество“, рече Максути.
В.д. амбасадорката на САД, Микаела Швајцер Блум, се заблагодари и ѝ честита на Армијата за организацијата на вежбата.
„Вежбите како ’Одлучен удар’ играат важна улога во зајакнувањето на нашата заедничка безбедност. Тие овозможуваат нашите армии да може да комуницираат и да изведуваат заеднички операции. Тие ги поврзуваат нашите војници градејќи меѓусебно разбирање и лични врски што траат и нè прават посилни“, истакна Швајцер Блум.
Командантот на Здружената оперативна команда, генералот Павле Арсоски, им оддаде признание на сите офицери вклучени во подготовката и организацијата на вежбата. За „Одлучен удар“ истакна дека ќе претставува најдобар доказ за подготвеноста и интероперабилснота на нашата Армија со сојузниците.
Директорот на вежбата, потполковникот Игор Манасовски, информира дека планираниот процес за развој на вежбата траел 16 месеци, а вклучени биле 80 офицери и подофицери од шесте земји учеснички.
Вежбата „Одлучен удар“, која почна денеска, ќе се реализира на полигонот „Криволак“ до 9 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски добил 200 илјади евра од Еразмус+, наместо младите

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека пари од програмата Еразмус+, наменети за образовни проекти за младите, завршувале кај поединци блиски до СДСМ.
Во денешното соопштение од партијата се наведува дека преку Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, со која раководела Лидија Димова, биле доделени 200 илјади евра на проект на професорот Љубомир Фрчкоски.
„Димова и Зоран Заев со пари од Еразмус+ си ги плаќаа послушните и подобните кои требало да им завршат некоја работа или пак јавно да ги бранат. Покрај што со пари од агенцијата, преку Лазар Нанев, Заев си ја купуваше слободата исто така си ги плаќаше и неговите идеолози и јавни поддржувачи“ се наведува.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Еразмус+ бил користен за „плаќање судии, професори и експерти блиски до власта“ и дека тоа е уште еден пример за, како што велат, злоупотреба на институциите за партиски интереси.
Македонија
Влен: Османи 20 години гради кариера, без проекти за Чаир

Коалицијата „Влен“ го критикуваше Бујар Османи, наведувајќи дека во изминатите 20 години тој градел лична политичка кариера, но не реализирал ниту еден проект за општина Чаир.
„Дваесет години Османи е во највисоките државни функции, а ниту еден човек од Чаир не почувствува поддршка или помош од него. Денес гледаме глума и празни зборови“, стои во соопштението.
Од ВЛЕН додаваат дека Османи не е кандидат за Чаир, туку за сопствена кариера и дека граѓаните на општината очекуваат посветеност, вистинска работа и конкретни резултати. Во реакцијата се наведува и дека младите во ДУИ се приклучуваат кон ВЛЕН, каде, како што велат, гледаат визија и перспектива.
Македонија
Повеќето пожари изгаснати, под контрола еден – ‘Јасен’ сè уште гори

До 8 часот утринава регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, активни се два пожари – во ПП „Јасен“ на подрачјето на општина Македонски Брод и во атарот на селата Лојане и Табановце во општините Куманово и Липково. Под контрола е еден пожар на територија на општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орешје.
Во текот на изминатите часови изгаснати се 24 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Долнени, Тетово, Врапчиште, Гостивар, Куманово, Штип, Струга, Кичево, Крушево, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден, Боговиње, Охрид, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Бутел и Карпош.