Македонија
Заев-Милошевиќ: Силна поддршка од Хрватска за почеток на преговорите со ЕУ ова лето
Премиерот, Зоран Заев, се сретна со делегација од Хрватскиот сабор, предводена од пратеникот Домагој Милошевиќ, претседател на Комитетот за европски работи, придружувана од амбасадорката на Хрватска во земјава, Данијела Баришиќ.
Како што соопштија од Владата, на средбата, на којашто присуствуваа пратеници и од власта и од опозицијата во Хрватскиот сабор, изразена е силна поддршка за европските перспективи на Република Северна Македонија, откако во Република Хрватска беше ратификуван Протоколот за членство на нашата држава во НАТО.
„На средбата се поздравени храбрите, лидерски политики на премиерот Заев, што ги отворија евро-атлантските интеграции на земјава и покажаа дека во политиката се можни решенија низ дијалог и за најчувствителните билатерални прашања. Ова е оценето како охрабрувачки пример за целиот регион. Изразено е очекување дека и Берлин и Брисел и цела Европа ќе го препознаат тој пример што придонесува за стабилноста и безбедноста на регионот, како и на самата Европска унија и ќе овозможи скорешен почеток на преговорите“, соопштија од владината прес-служба.
Заев се заблагодарил на хрватските пратеници за огромната пријателска поддршка од Република Хрватска за Република Северна Македонија.
„Претседателот на Владата, Заев, на средбата со пратениците од Хрватска изрази надеж, дека ќе се остварат очекувањата и најавите на претседателот на ЕК, Јункер,за добивање датум за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ова лето, во јуни или јули, пред годишните одмори“, соопштија од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Обвинителството да постапи за скандалот од 9 милиони евра
Бараме Јавното обвинителство да постапи за големиот корупциски скандал со тендери од речиси 9 милиони евра, доделени на фирма со само двајца вработени, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Јавно и детално, пред граѓаните, со факти и докази веќе ја презентиравме целата корупциска шема. Сите докази се јавно достапни, објавени, проверливи и повеќе од доволни за старт на истрага. Поднесовме и пријава до Државната комисија за спречување на коруцпија. Јавното обвинителство не смее да молчи туку да делува. Крадењето на народот преку корупциски шеми за пумпање на парите мора да запре и да следува одговорност“, рече таа.
Кузеска кажа дека станува збор за 9 милиони евра пари на граѓаните кои треба да завршат кај граѓаните, а не по џебовите на врхушхата на власт и во Белата палата.
„Власта на големо спроведува грабеж преку шема за испумпување на народните пари. Ова се истите шеми на Никола Груевски и Сашо Мијалков, со кои се испумпаа 2 милијарди евра пари на граѓаните. Мицкоски само го продолжува тоа што го научил од неговите учители“, рече Кузеска.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Богородица од грчка страна поради штрајк на земјоделците
Од 11:15 часот сообраќајот на ГП Богородица (од Грчка страна) е во прекин (блокиран) за секаков вид на возила поради штрајк на земјоделци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„Време е да ги почитуваме разликите, наместо да ги негираме“: Сиљановска-Давкова на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Претседателкатa Гордана Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Аbility awards“, што во пресрет на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одржа во организација на платформата „Абилитист“ којашто се бори за инклузија на овие наши граѓани.
Според претседателката, надминувањето на предизвиците е заедничка должност и одговорност да се гради општество во кое достоинствениот живот не е само етички идеал, туку реална човечка потреба, потсетувајќи дека промените не зависат само од индивидуални напори, туку од континуирана посветеност и координираната работа на надлежните сектори.
Таа го поздравува „Ability Awards 2025“ како просветителски проект со којшто им се оддава признание на 10 личности со попреченост чии професионални и лични достигнувања се доказ за релативизирање, па дури и бришење на попреченоста преку знаењето, емоционалната интелигенција и творечката умешност. Според неа, неопходни се правни и институционални решенија што препознаваат и овозможуваат непречено изразување на различните човечки потенцијали.
За неа, подеднакво важно е наградувањето на 10-те компании за развојот на иновативни и инклузивни практики. „Нивната работа покажува дека економскиот сектор може да биде значаен промотор на културни и структурни промени, особено кога пристапноста на секој субјект кон секој објект и ресурс е стратешка инвестиција што води сметка за правичноста и еднаквоста на шансите, но и можностите”, потенцираше таа.
На настанот претседателката му ја додели наградата „ИМПАКТ – Подигање на јавната свест“ на Марко Пејчиновски кој, за неа е симбол на храброст, дисциплина и младешки дух што ја претвора љубовта во инспирација за сите негови врсници.

