Македонија
Финансиските истраги – тема на работна посета во Врховното државно обвинителство на Република Словенија
Делегација предводена од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески од 4 до 7 јуни престојуваше во работна посета на Република Словенија .
Целта на посетата беше да се добие увид во функционирањето на словенечкиот систем за финансиски истраги особено во однос на успешната конфискација на имот стекнат на нелегален начин.
Во рамки на посетата Јовески оствари средба со Драго Шкета, Генерален јавен обвинител на Република Словенија, со кого размени искуства во поглед на развојот на финансиските истраги и одземањето на имотна корист од сторени кривични дела при борба со организираниот криминал.
Посетата се реализираше во рамките на програмата за меѓународна развојна соработка на Република Словенија, организирана од словенечкиот Центар за европска перспектива.
Освен Јовески, во делегацијата учествуваа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и претставници на Царинската управа на Република Северна Македонија, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи и Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Како дел од посетата, претставниците на сите овие институции потпишаа и Заеднички насоки за финансиски истраги во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

