Македонија
Демократски сојуз: Со една изборна единица Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните

Демократскиот сојуз (ДС) смета дека за демократизација на државата, зголемување на одговорноста на власта и демонтажа на 30-годишниот, како што велат, еднопартиски систем, неопходни се системски промени, меѓу кои и изборниот модел.
„Демократскиот сојуз е за пропорционален изборен модел, Македонија да биде една изборна единица и за отворени листи. Анализата што ја подготви ДС покажува дека само со една изборна единица, составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, а во носењето на круцијалните одлуки за државата и граѓаните ќе партиципираат повеќе политички субјекти“, се наведува во споопштението на оваа политичка партија.
Од таму ја подржуваат иницијативата на претседателот Стево Пендаровски за отворање на расправа за изборниот модел, но како што велат, засега големите партии не се расположени да создадат услови за еднакви изборни шанси за сите и губење на нивната монополска положба.
Поради тоа од Демократскиот сојуз јавно ги повикуваат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ја подржат иницијативата за промени во изборниот модел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова: Загадувањето од греењето мора да се намали

Кандидатката за градоначалник на Скопје и поранешна министерка за животна средина во времето на владеењето на СДСМ, Каја Шукова, најави план за намалување на загадувањето.
„Убаво е на Видиковец, одовде се гледа цело Скопје. Но, во есен и зима, градот го нема. Се губи под густа магла и сив смог. Тоа не е природна појава, туку слика на едно запуштено, загадено и загушено Скопје. Дали дишеме воздух или отров?“ изјави Шукова.
Таа порача дека загадувањето од греењето мора да се намали и дека има конкретен план со мерки за поквалитетен живот и почист воздух. „Скопје мора да биде град со чист воздух. Ова не е само еколошко прашање – овде се работи за здравје и квалитет на живот,“ додаде Шукова.
Македонија
Владата ќе обезбеди 700.000 евра за реконструкцијата на најстариот спортски комплекс во Куманово, најави Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети општина Куманово, каде заедно со градоначалникот најави реконструкција на најстариот спортски комплекс „Соколана“. За овој проект, Владата ќе обезбеди 700.000 евра.
„Сакам да изразам задоволство што сум еве денеска заедно со градоначалникот овде во Куманово, да честитам за сето она коешто го прави изминатиов период, но исто така заеднички да сработиме уште повеќе во периодот којшто следи. Еден од тие објекти е и овој за којшто веќе градоначалникот зборуваше,“ изјави Мицкоски.
Тој се заблагодари и на советниците и општинската администрација, за кои, како што рече, „ја поддржуваат успешната работа на градоначалникот“.
Посетата на спортскиот комплекс следела по средбите со стопанственици од Куманово, кои, според Мицкоски, упатиле исклучително позитивни коментари за соработката со општината.
„Заедно Владата, Општината, градоначалникот правиме исклучително добри работи и ќе продолжиме да правиме исклучително добри работи за Куманово,“ рече тој, додавајќи дека посебна благодарност упатува и до пратениците од Куманово „коишто се борат Куманово да има проект повеќе којшто ќе биде финансиран од страна на Владата“.
Мицкоски нагласи дека реконструкцијата на „Соколана“ ќе чини околу 700.000 евра и средствата ќе бидат обезбедени од Владата. „Проектот е изработен, останува уште ние како Влада да ги обезбедиме средствата, во што сум сигурен, средствата ќе бидат обезбедени и ќе почне реконструкцијата на овој објект,“ истакна премиерот.
Македонија
Увидот во Трубарево отежнат поради затрупувањето на локацијата, се вршат и дополнителни мерења на загадувањето

Скопското обвинителство и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по настанатиот пожар во Трубарево.
Увидните дејствија, како што информират од Обвинителството, се преземаа како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација. Извршено било фотографирање и дронско снимање на локацијата.
„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата“, велат од Обвинителството.
Исто така, се уште на лице место е стационирана и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување. Обвинителството и истражните органи продолжуваат да преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот.