Македонија
(Видео) Ново судење за „Таргет-Тврдина“, Јанкулоска и Мијалков се појавија во судот

Во Кривичниот суд продолжува судењето за незаконското прислушување „Таргет-Тврдина” на СЈО. Во судницата се појавија обвинетите ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Судењето треба да продолжи со вкрстено испрашување на сведокот Звонко Костовски од страна на Мијалков и со сослушување на сведокот Сашо Трајковски.
Вкрстеното испрашување на Костовски почна на претходното рочиште. Случајот се наоѓа во доказна постапка.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Милевски: Виница 4 години назадува, катастрофално владеење на Петков и ВМРО-ДПМНЕ

Така наречениот отчет на градоначалникот Миле Петков и ДПМНЕ е најдобар доказ за четири години катастрофално и досега невидено лошо владеење на една локална власт во Виница, изјави кандидатот на СДСМ за градоначалник на Виница, Гоце Милевски.
Наместо вистински отчет, додаде тој, видовме обид за замачкување на очите на јавноста и бегање од одговорност за неисполнетите ветувања.
„Затоа таканаречениот отчет беше во скап хотел а не на улиците, во градот и селата во Виница. Затоа што реалноста е разочарувачка. Ниту еден од капиталните проекти од програмата на Петков и ДПМНЕ за Виница не се реализирани“, рече Милевски.
Според Милевски, Петков се фалел со наследени проекти од претходната власт на СДСМ и неколку асфалтирани улици.
„Но фактите говорат: сегашната власт нема реализирано ниту 20 километри улици, наспроти 45 километри изградени во времето на СДСМ. Виница денес изгледа како мала депонија од не собереното ѓубре и смет, собирен центар за кучиња скитници, со небезбедни кратери од вода и хаос од неправилно паркираните возила, со запуштени зелени површини и ниту едно ново засадено дрво. Тоа сликата за Виница после 4 години неспособна локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме оваа казна да продолжи уште четири години! Локалните избори се шанса за промени во Виница“, рече Милевски.
Македонија
Голема акција на Финансиската полиција: уапсени седум лица за даночни измами и перење пари, го оштетиле буџетот за 430 милиони денари

По двегодишна опсежна предистражна постапка, во текот на денешниот ден Управата за финансиска полиција спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на општина Липково, Куманово и Желино.
Се работи за сложена предистрага, која опфаќа повеќе правни и физички лица, а целта е целосно разоткривање на криминална група, која дејстувала подолг временски период и имала цел вршење на кривичните дела злосторничко здружување, даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело, со намера организаторите и припадниците на групата да стекнат противправна имотна корист во висина од над четиристотини триесет милиони денари, со што е предизвикана огромна штета на буџетот на Република Македонија.
По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на САЕ „Тигар“ од слобода се лишени седум лица и тие се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот.
Македонија
Утре сончево време, со температура до 34 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за локален краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
За време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. В сабота ќе дува умерен до засилен југозападен, а в недела ветерот ќе го смени правецот во северен.