Македонија
(Видео) Арсовски: Во услови кога економијата крахира, Анѓушев цвета
Во услови кога економијата во Република Македонија крахира, кога граѓаните осиромашуваат, бизнисот на фирмите на вицепремиерот на владата на СДСМ, Кочо Анѓушев, цвета и, како по обичај, и тоа цвета со народни пари, обвини Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Анѓушев можеби не знае да најде решение кое би ја подобрило македонската економија, но затоа успеа да најде идеален начин како производите од неговите фирми да бидат набавувани на сите тендери во државата, а тој воопшто да не конкурира на јавните набавки распишани со народни пари. Последниот скандал во кој вицепремиерот Кочо Анѓушев е повторно замешан во случајот со набавки на возила за метење улици од типот ‘грин машинс’ произведени од неговата фирма ‘Брако’ Велес. Имено, вкупно 240 илјади евра народни пари за половина година се инкасирани во џебот на Анѓушев преку фирмата ‘Сандра-М Љупчо ДООЕЛ експорт-импорт Кавадарци’, која е дистрибутер на овие метларки, идеална шема за собирање на народните пари. Јавноста алармираше дека четири комунални претпријатија склучиле договори за набавка на метларките на Кочо Анѓушев, а тоа се ЈП ‘Исар’ од Штип, ‘Плавија’ Радовиш, Паркинзи на Општина Центар, ЈП ‘Водовод’ Кочани исто така преку дистрибутерот на метларките на Анѓушев од Кавадарци“, рече Арсовски.
Да потсетиме, додаде тој, дека Кочо Анѓушев за овие возила веќе еднаш од државата доби бенефиции, односно царински поволности за литиум-јонски батерии за електрични возила произведени од „Брако“, а сега и општините се подредени на список за набавка на овие возила токму од фирмата на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
„За Анѓушев овде нормално нема ништо спорно, бидејќи набавката на овие возила била јавен интерес, а одлевањето на буџетските пари на граѓаните на негово конто било позитивно затоа што на тоа дополнително се наплаќало и трговската маржа. Ова е веќе трагично, набавката на возила вакви со народни пари кај вицепремиерот не е од јавен интерес туку е единствено од интерес на Кочо Анѓушев. Ни срам, ни перде, а богами ни одговорност не гледаме кај Кочо Анѓушев. Метларка треба да почне да се вози на ‘Илинденска’, конкретно од Владата и тоа што е можно поскоро. Да почне од Анѓушев, Заев и Тевдовски, луѓето што ја упропастија економијата и коишто единствено работат за нивно лично богатење“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

