Македонија
АСОМ: Законот за игрите на среќа де факто значи бришење на една цела стопанска гранка
Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) присуствуваше на јавната расправа во Собранието за предлог-измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и забавните игри кои предвидуваат дислоцирање на просториите во кои се приредуваат игрите на среќа на растојание од најмалку 500 метри воздушна линија од училиштата, факултетите, универзитетите, институтите, библиотеките, детските градинки, домовите за згрижување деца без родители и сл.
АСОМ смета дека измените на законот би значеле целосно затворање на сите обложувалници на територијата на целата држава.
„Ова мора да е кристално јасно и сакам сите добро да го знаат. Иако де јуре законот не предвидува затворање, де факто ќе се случи буквално бришење на цела една стопанска гранка и преку ноќ 7700 луѓе ќе останат без работа“, потенцираше претседателот на АСОМ, Васко Илиески, во обраќањето и додаде дека ова предлог решение ќе го поттикне нелегалното кладење, а индустријата од регулирана ќе премине во нерегулирана и ќе го отвори патот на „црниот пазар“.
Илиески нагласи дека согласно постоечкиот Закон, прашањето за забрана за учество на малолетни лица во игрите на среќа и забрана за влез во просториите во кои се приредуваат игри на среќа е целосно регулирано.
„Обложувалниците целосно го почитуваат овој закон и најстрого внимаваме да нема никакви прекршувања. Ние немаме никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помали до 18 години и доследно го спроведуваме Законот. Како Асоцијација сме подготвени да прифатиме и построга контрола, построга регулација и казни за прекршување на овој закон“, истакна Илиески.
На денешната расправа, на покана на АСОМ присуствуваше Зоран Пухач, генерален секретар на Европската организација на игрите на среќа (EOGL) со седиште во Брисел која ги претставува европските играчи и обложувалници, лиценцирани и регулирани со правото на ЕУ, чија примарна цел е промовирање на безбедна и сигурна средина во игрита на среќа, заштита на малолетниците, обука на вработените за препознавање на зависност од игрите на среќа и др.
„За 11 години интензивно следење на проблемот со одговорното обложување во Европа и во светот, не најдов ниту едно релевантно истражување кое на било кој начин би ја поврзала оддалеченоста на објектите за игри на среќа со било каков вид на патолошко однесување. Законите на развиените земји немаат таков вид ограничувања, бидејќи веќе одамна утврдиле дека растојанието не е поврзано со учеството на малолетни лица во игрите на среќа. Сите современи решенија одат кон целосна забрана за пристап и учество за малолетници со санкционирање на прекршителите“, истакна Пухач.
Тој потенцира дека земјите кои воведоа забрана на игрите на среќа, придонесоа кон создавање црн пазар.
Во однос на предложеното растојание, Пухач истакна дека во Република Северна Македонија како мала земја, 500 метри растојание од установи каде се врши воспитно-образовна дејнност би значело затворање на сите приредувачи на игрите на среќа, што ќе го отвори патот на нелегалното кладење и црниот пазар, што ќе предизвика бројни негативности.
Пухач дополнително образложи дека ако се создаде „црн пазар“ државата ќе ги загуби милионите кои се влеваат во нејзиниот буџет по основ на сите давачки од индустријата на игрите на среќа. Тоа ќе значи дека, и организациите како Агенцијата за спорт и млади во случајот на РСМ, и други социјални организации кои се финансираат од државниот буџет ќе останат без значителен дел од приходот, а она што е најалармантно е дека голем број граѓани- вработени во областа ќе останат без работа.
„Со своето работење индустријата на игри на среќа придонесува со една четвртина милијарди евра во буџетот на државата. Mинатата година, државниот и локалните буџети од индустријата на игри на среќа оствариле 253 милиони евра. Од тоа, 135 милиони евра од директни приходи и 118 милиони евра, благодарение на индиректните приходи од ДДВ, локални такси, придонеси и даноци за плати, закуп на деловен простор. За плати за своите вработени, компаниите приредувачи на игри на среќа издвоиле околу 32 милиони евра, а државата на име на даноци инкасирала 11 милиони евра. Овие податоци споредени со 2017 година покажуваат дека придонесот на индустријата на игри на среќа во јавниот буџет во 2018 година е зголемен за неверојатни 41%“, велат од АСОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на починатите деца од „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да го преиспита случајот
Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 34. Марш за ангелите во Кочани побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка. Исто така, тие испратија порака до новиот државен јавен обвинител – да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, како што рекоа, за да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
-Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња. Имаат приказни. Имаат семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака: дека сме тука, дека паметиме, и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца, рече Александар Наунов, татко на починато девојче од пред полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани, Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, нагласи дека оставката на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е задоцнета.
-Денес, во време кога ние повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител Коцевски поднесе неотповиклива оставка. Оставка што доаѓа предоцна. Затоа што немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, тој бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени, децидно рече Трифунова.
Таа смета дека новиот државен обвинител треба да го преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нивните деца.
Протестниот марш, вообичаено, започна од „Паркот на Револуцијата“, преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, кон полициската станица и Судот. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, запирајќи, родителите направија застој во сообраќајот, на што возачи реагираа со свирежи од нивните автомобили и не знајќина од кои причини е стојат подолго време во место.
Македонија
Петти конгрес на ДУИ – Ахмети бара нов историски договор
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешниот Конгрес на партијата во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Ахмети предложи и воведување на „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Лидерот на ДУИ истакна дека иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.
– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер; Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници, смета Ахмети.
Ова, според него, ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници. – Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите етнички заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт, рече Ахмети.
Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.
-Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите, рече Ахмети.
Трета мерка, додаде, е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, односно, како што рече, „финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат“.
Во делот за владеењето на правото, Ахмети изјави дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, приватизацијата и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.
Најави дека нивниот предлог за „Национален договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти за заедничка визија на државата „во која достоинството е гарантирано, а соништата се остварливи“. На крајот од обраќањето Ахмети упати повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во, како што рече, процесот за изградба на европска иднина, бидејќи „иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост, не со експерименти, туку со државничка одговорност“.
На Конгресот, партијата усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.
Македонија
Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата
Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот Аеродром Скопје има пет откажани, два пренасочени и шест летови со доцнење. Од 12 часот временските услови се подобрени, така што три лета пристигнаа, еден полета, а три лета се спремни да полетаат, информираат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија апелираат до сите патници дека временските услови се менуваат постојано и во однос на нивните летови да ги следат насоките кои им ги дава нивната авиокомпанија.
-Денеска, 20 декември 2025, од 00:00 часот до 14 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје има 5 откажани летови, 2 пренасочени летови и 6 летови со доцнење, како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина. Од 12 часот временските услови се подобрија, така што 3 лета пристигнаа (од Дортмунд, Истанбул и Париз), 1 лет полета (за Истанбул), а 3 лета се спремни да полетаат (за Осло, Љубљана и Баден-Баден), информираат од ТАВ Македонија.
Маглата, што го зафати денеска Скопје го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб-страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.

