Свет
Лори Лов: Шансите Асанж да добие фер судење во САД се рамни на нула
Британскиот хакер Лори Лов, кој успешно се избори против американската екстрадиција од Велика Британија, вели дека шансите Џулијан Асанж да добие фер судење во САД се рамни на нула, пренесува РТ.
Зборувајќи за сослушувањето за екстрадиција на Асанж во САД, кое беше одложено до февруари 2020 година, Лов рече дека Асанж се соочува со тешка битка за враќање на нарацијата што се шири во американската јавност.
Лов (34) се соочи со екстрадиција во САД за да му се суди за наводно хакирање илјадници безбедни мрежи во Федералните резерви, НАСА и во ФБИ. Наредбата за екстрадиција беше поништена во 2018 година од министерот за правда на Велика Британија бидејќи, според него, тоа нема да биде во интерес на правдата поради голем број причини вклучувајќи го и високиот ризик дека Лов ќе се самоповреди.
Лов проценува дека шансите на Асанж успешно да го добие својот случај за екстрадиција се силни со оглед на огромната јавна поддршка што ја има во Велика Британија. Меѓутоа, ако Асанж ја загуби правната битка и биде испратен преку Атлантикот, Лов предупредува дека е малку веројатно дека тој ќе помине добро во американскиот правен систем.
„Шансите за фер судење во САД се рамни на нула; 97 отсто од обвинетите за федерално кривично дело воопшто не излегуваат на суд зашто ги принудуваат на вонсудска спогодба“, тврди Лов.
Со оглед на веќе лошата здравствена состојба на Асанж, Лов е загрижен дека таа ќе се влоши во условите во центрите за притвор во САД, што значи дека губењето на процеот за екстрадиција може да има сериозни последици.
„Мислам дека треба да победиме тука. Ако го екстрадираат, мислам дека тоа ќе заврши со трагедија. Не само за Џулијан како човечко суштество туку и за светот поради напуштањето на некој чие единствено дело е да ја зборува вистината пред власта“, додаде тој.
Лов рече дека верува оти еден од најтешките елементи со кои Асанж се соочува е затворање во нехумани услови во САД не поради вистинска правда, туку за да се испрати порака до другите луѓе дека вистината не треба да се кажува“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

