Култура
Денови на современиот мексикански филм од 21 до 25 јуни

Во Кинотеката од 21 до 25 јуни ќе се одржат деновите на современиот мексикански филм. Станува збор за филмови од поновата мексиканска продукција. Програмата се реализира со поддршка на Амбасадата на Мексико во Белград во соработка со Кинотеката.
Влезот за проекциите е бесплатен. Повеќе инфо за филмовите на kinoteka.mk.
21 јуни (петок) 20 часот
НЕ Е ВИНОВНО ДЕТЕТО
(¿Qué culpa tiene el niño?)
Игран филм, Мексико
2016, 105 мин., колор, ДЦП
Режија и сценарио: Густаво Лоза (Gustavo Loza)
Улоги: Карла Соуза, Рикардо Абарка, Басини Сегура (Karla Souza, Ricardo Abarca, Biassini Segura)
Мару е успешна девојка, која неодамна била оставена од момчето со кое била во долга врска, а за кое таа сметала дека еден ден ќе се омажи. По една пијана вечер, на свадбата на својата пријателка Мару ќе остане бремена и ќе мора да се сети со кого била таа ноќ.
Со помош на своите пријателки таа дознава дека татко на нејзиното дете е едно неискуно и невработено 19-годишно момче. Ќе бидат принудени да стапат во брак под присила на традицијата и стереотипите.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
22 јуни (сабота) 20 часот
ПОЧЕТОКОТ НА ВРЕМЕТО
(El Comienzo del Tiempo?)
Игран филм, Мексико
2014, 110 мин., колор, ДЦП
Режија и сценарио: Бернардо Арелано (Bernardo Arellano)
Улоги: Aнтонио Перез Карбахал, Берта Оливиа Рамирез, Франческо Бареиро (Antonio Pérez Carbajal, Bertha Olivia Ramírez, Francisco Barreiro)
Антонио и Берта се постара двојка во деведесеттите години од својот живот, кои ќе се најдат во неволја кога нивните пензии ќе им бидат сопрени поради социјалната и финансиската криза во земјата. Со оглед на тоа што долго време не ги виделе нивните две деца, тие ќе се соочат со преживување во тешките услови на суровата реалност, и тоа преку продажба на своите лични предмети и ситниот криминал. Животот на постарата двојка се менува кога синот Хонас и внукот Пако, по десет години, неочекувано ќе се појават во нивниот живот.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
23 јуни (недела) 20 часот
ГЕНЕРАЦИЈА СПИЛБЕРГ
(Generación Spielberg)
Игран филм, Мексико
2013, 110 мин., колор, ДЦП
Режија и сценарио: Хибран Базан (Gibrán Bazán)
Улоги: Бруно Бишир, Силвија Карусиљо, Софи Гомез, Алехандро Дуран (Bruno Bichir, Silvia Carusillo, Sophie Gómez, Alejandro Durán)
Пет поврзани приказни. Љубовници ќе се обидат да останат 24 часа во постелата обидувајќи се да личат на Јоко Оно и Џон Ленон. Една девојка е заглавена во лифт во една зграда заедно со еден поштар и сметководител. Група писатели инхалираат „мескалин“ во едно комбе и се враќаат во времето. Психоаналитичар се заклучува себеси во бањата во обид да изврши самоубиство. Една директорка и мајка се заклучува во шпајзот во својата фирма. Сите тие се поврзани меѓу себе и комуницираат преку нивните мобилни телефони.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
24 јуни (понеделник) 20 часот
КОГА ЌЕ СЕ ВРАТАТ ДЕЦАТА
(Cuando los Hijos regresan)
Игран филм, Мексико
2017, 100 мин., колор, ДЦП
Режија: Хуго Лара (Hugo Lara)
Сценарио: Клаудија Гонзалес-Рубио, Хуго Лара (Claudia González-Rubio, Hugo Lara)
Улоги: Фернандо Лухан, Кармен Маура, Сесилија Суарез, Ирене Азуела, Франциско де ла Регера (Fernando Luján, Carmen Maura, Cecilia Suárez, Irene Azuela, Francisco de la Reguera)
Пензионерска двојка ќе мора да си го одбрани домот од заканата за враќање на нивните деца.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
25 јуни (вторник) 20 часот
ТОВАР
(La Carga)
Игран филм, Мексико
2016, 94 мин., колор, ДЦП
Режија: Алан Хонсон (Alan Jonsson)
Сценарио: Алан Хонсон, Артуро Руиз Серано (Alan Jonsson, Arturo Ruiz Serrano)
Улоги: Марија Валверде, Хорасио Гарсија-Рохас, Ерик Францес, Герардо Тарацена, Еусебио Лазаро (María Valverde, Horacio García-Rojas, Eric Francés, Gerardo Taracena, Eusebio Lázaro)
Доцен шеснаесетти век. Еден Индијанец од племето Тамеме и благородничка бегаат низ шумите на новиот свет барајќи ја својата слобода. Нивното избезумено патување ќе ја ублажи тензијата меѓу нив и ќе ги надмине разликите, а тоа ќе прерасне во интимна врска што ќе го загрози нивниот опстанок.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Доделени наградите на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов ја доби наградата за уметничко остварување на претставата во целина на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Жирито во состав Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ, ја додели наградата со мнозинство гласови, а на истата претстава ја додели и специјалната награда за колективна актерска игра за ансамблот на МНТ.
На прес-конференцијата што се одржа денес во Центарот за култура во Прилеп, уметничкиот директор Ана Стојаноска се заблагодари на жири-комисијата и на сите што го поддржаа фестивалот.
„59. издание на МТФ беше исклучително интересно, возбудливо со многу предизвици. Се заблагодарувам на жири комисијата. Наградата за најдобра претстава од публиката ја доби претставата „Слепци“ и прв пат имавме оценка 5.00 од публиката“, истакна Стојаноска.
Чест ми е што бев воопшто од оваа комисија, ова е многу важно – мојата работа во театарот многу пати со македонската култура, сум правела претстави овде, во едни од најзначајните театри, колку што ги ценам наградите по светот, толку и наградата за режија што сум ја добила во Македонија, рече Абаџиева.
-Ова не го кажувам за да ве запознаам со себе, ама да кажам дека уметноста гради мостови кои политичарите не можат да ги изградат. Овие културни мостови кажуваат дека уметниците немаме предрасуди – рече Абаџиева.
Таа ја пофали играта на актерите на „12“, но пред се, „режисерот Синиша Евтимов кој создава ситуација“.
-Актерско достигнување на секој еден актер од екипата, дава претстава на системот на Станиславски и методот на Ли Стразберг, за автентичното живеење на сцената, би кажала, по учебник. Екипната актерска работа во претставата „12“ ни говори за театарот тука и сега. Тоа се бескрајно талентирани актери со големо партнерство, но се гледа и борба меѓу нив или со јазикот на филмот – тоа е како да имаме еден филмски кадар. Секој актер е дел од таа исклучителна работа, создава атмосфера и чувство на публиката како да сме воајер – рече Абаџиева.
Членот на жирито Иван Меденица посочи дека има чувство дека македонскиот театар е во криза и дека за 60.издание треба да се отвори ова прашање. Нела Оташевиќ ја пофали организацијата на фестивалот, волонтерите и целиот тим.
Ова се награди на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“:
1.Награда за рекламен материјал со мнозинство на гласови доделува на Медина Хоџа за рекламниот материјал од претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
2.Награда за кореографија и сценски движења со мнозинство на гласови се доделува на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
3.Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
4.Награда за костимографија едногласно се доделува на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.
5.Награда за сценографија едногласно се доделува на Валентин Светозарев за сценографија во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.
6.Награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за драматизација и адаптација на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен Театар – Битола.
7.Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови се доделува на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.
8.Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ Театар Комедија Скопје.
9.Награда за млада актерка едногласно се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски Театар – Скопје.
10. Награда за женска епизодна улога со мнозинство на гласови се доделува на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на НУ НТ Комедија.
11.Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови се доделува на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на НУ МНТ Скопје.
12.Награда за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
13.Награда за главна машка улога едногласно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар Битола.
14.Награда за режија со мнозинство гласови се доделува на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
15.Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „12“.
– Специјална награда за колективна актерска игра едногласно се доделува на ансамблот на НУ МНТ – Скопје за претставата „12“.
Со врачување на наградите и со изведба на претставата „Вистината 2“ на Театар Комедија вечерва ќе биде спуштена завесата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Култура
Претставата „12“ на МНТ добитник на три награди на МТФ „Војдан Чернодрински“

На овогодинешниот 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ претставата „12“ е добитник на три награди. Жири-комисијата, во состав: Лилија Абаџиева – театарска режисерка и педагог, претседателка на жирито; Нела Оташевиќ – продуцентка во Црногорско народно позориште и Иван Меденица – театролог и универзитетски професор, ги додели: наградата за уметничко остварување во целина и специјална награда за колективна игра за претставата „12“, како и наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ на Оливер Митковски во истоимената претстава.
Македонскиот народен театар со претставата „12“, по мотиви на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов, на 6 јуни го отвори фестивалот и учествуваше во официјалната натпреварувачка програма, во конкуренција со уште осум театарски куќи.
Во претставата настапува извонредна актерска екипа, која ги освои и домашниот и меѓународниот аудиториум: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Култура
Награда во Еквадор за „Јон Вардар против галаксијата“

Првиот македонски анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за најдобар долгометражен филм на 9. Филмски фестивал во Портовјехо, Еквадор.
Фестивалот се истакнува по својата програма која промовира иновативни и храбри филмски дела од целиот свет. Ова е четврта фестивалска проекција на филмот во Латинска Америка, по претходните успешни учества во Аргентина и Бразил.
„Чест ми е што Јон Вардар ја продолжува својата галактичка одисеја низ Латинска Америка, тоа е признание не само за нашата екипа, туку и за целата македонска анимација. Топлината и љубопитноста на оваа публика совршено се поклопуваат со бунтовниот и хумористичен дух на филмот“, вели режисерот Гоце Цветановски.
Балканскиот хумор, сатиричниот тон и универзалните теми на филмот ја освојуваат и латиноамериканската публика.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.