Култура
Голем музички концерт во Битола – гостуваат „Псохомодо поп“, „Ласт експедишн“ и „Дивље свиње“
Голем музички концерт ќе се одржи во рамките на манифестацијата „Битола – отворен град 2019“, на кој ќе настапат „Псохомодо поп“, „Ласт експедишн“ и „Дивље свиње“. Концертот ќе се одржи на 30 јуни (недела) во 21 часот на плоштадот Гоце Делчев на Широк сокак.
„Психомодо поп“, бендот кој речиси четири децении е незаобиколен музички арбитер на овие простори, на 30 јуни првпат ќе настапи во Битола. Во 1983 година ја почна својата музичка историја. Првото име на бендот било „Нерон“, а потоа се преименува во „Психомодо поп“, инспирирани од албумот на групата Cockney Rebel, со име „Психомодо“, а додавката „поп“ дошла како почит кон Iggy Pop, Andy Warhal и поп-артот. Бенд што се напојувал од музиката на Ramones & Sex Pistols, вежбале во загрепските гаражи, снимиле 15 албуми, со појава и сценски настап што се паметат и еве сè уште не ги напушта тој луд жар за настапи во живо пред стара, но и нова публика. Фронтмен им е харизматичниот Давор Гобац, а нивните хитови „Ја волим само себе“, „Секси магазин“, „Фрида“, „Рамона“, „Кад сам имао 16“ ги пеат разни генерации веќе 35 години.
„Ласт експедишн“ е една од најзначајните групи во историјата на македонскиот рокенрол. Оваа година нејзиното реобединување дојде како супер освежување на сеќавањата на 90-тите. Нејзиното враќање е музички „фејслифтинг“ направен по сите критериуми, а сепак е оној стар добар звук на експедицијата која буквално е враќање во иднината.
Формиран е 1986 година во скопски Ѓорче Петров. Алтерантива на рок што звучеше добро и тогаш, а сега ќе звучи уште пожестоко поради новите сили на бендот, кои даваат спреј на новото време. Со нетрпение ќе очекуваме на „Битола – отворен град“ да се вратат на трите студиски албуми и еден снимен во живо: Intro (1993), „Изгубени ликови“ (1994), Box (1997) и Live – A1TV Exic (2001) и на музичките химни „Песната за песот“, „Далеку си“, „Ќелав дабар“, „Шефе“, „Не е важно“… и енергичниот хит „Хеј хо“, кој е најава за новиот албум што набргу излегува.
„Откако диви свињи го нападнаа Белград по зголемувањето на водостојот на Дунав, инвазијата продолжува на југ“ – ова е вистинит наслов од еден српски весник, а ние најавуваме дека новосадскиот панк-квартет „Диви свињи“ ни доаѓа во Битола. Бенд што се формирал спонтано во 2016 година и носи еден охрабрувачки звук кој испорачува канонада од панк-енергија, многу слична на онаа што е креирана од страна на првата генерација светски панк-артисти. Овој бенд на свој начин комбинира автентични панк-елементи со панк-рок-додавка, неиспеглани гитарски баражи и препознатлива текстуална форма, која е сурова критика на политичките и социјалните случувања во општеството. Нивниот албум, кој носи Чомски инспириран наслов „Не гледајте телевизију“, ќе го чуете на концертната сцена во Битола преслушувајќи ги песните чии наслови се пораки сами по себе – „Шишање“, „Канцелар“, „Бахатост“, „Јагњече бригаде“, „Правила“…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

