Култура
Предавање „Илјада маргини“ на Артан Садику вечерва на КРИК
Годинешниот КРИК – фестивал за критичка култура продолжува вечерва во 20 часот во Чифте амам со предавањето со наслов „Илјада маргини“ на Артан Садику, истражувач, истражувач, теоретичар и активист, кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните практики во политиката и уметноста. Садику во своето предавање ќе ги истражува можностите за надминување на предизвиците преку идејата на маргините/маргиналноста. Тој предлага да се приближиме кон маргините и наместо револуционерни практики, да развиваме маргинални мисли.
Денеска се одржува и семинарот „Естетичко образование наназад: политички ќор-сокаци на сегашноста“ со Нејтан Браун, професор од Монтреал, Канада. Политичките случувања покажуваат перверзна, но сепак предвидлива врска помеѓу реакцијата и реакцијата на реакцијата. Семинарот во фокусот го има разгледувањето на тоа како општествената структура и историските ќор-сокаци на ваквата релација може да се анализираат и да се адресираат како ефекти од политичко-економските контрадикции.

Синоќа, пред публиката во Чифте амам се обратија Искра Гешоска и Артан Садику, програмски уредници на фестивалот.
„КРИК – фестивалот за критичка култура годинава се одвива како процес и тоа беше нашиот сон уште од почетокот бидејќи веруваме дека критичката култура може да постои и се развива само низ процеси и подолготрајни поврзувања и навики, кои ќе бидат будни цело време за она што се случува во општеството, но и едновремено ќе му опонираат доколку тоа општество предизвикува незадоволство“, рече Гешоска.
За темата на годинешниот фестивал „Човек без својства – политики на маргините“, која потекнува од книгата на Музил, беше речено:
„Во светот во кој денес живееме има две тенденции: прогресивни, кои се трудат да влезат во општеството и да ја променат централизираноста и да ја внесат инклузивноста во општеството. Од друга страна, гледаме тенденција за ретрадиционализација, враќање на национализмот, религиозноста, како прилично доминантни идентитески преференции и пракси во нашето општество, и тоа не само во Македонија туку и во цела Европа и тие две струи се интересни да се разгледаат. Нашата појдовна точка годинава е контра тие струи, сакаме да му додадеме позитивни својства на немањето својства и на каква било форма на стабилизирање на идентитетот, кој станува авторитарен. Од друга страна, сакаме да ги истражиме потенцијалните политики и правци, кои се на маргините на централните идеи на општеството“, рече Садику.
Во рамките на програмата на КРИК 04, Нејтан Браун го одржа предавањето „Празнината, темнината и соголеноста: засновани врз детерминантите во Цвеќињата на злото“ и преку книжевноста го анализира политичкото. Поврзувајќи ја темата на фестивалот со својата студија на Бодлер, тој го постави прашањето за разликата помеѓу тоа да се биде детерминиран или да се детерминира. Преку разни теми, концепти и форми Les Fleurs du Mal (Цвеќињата на злото) постојано се занимава со детерминирањето на проблемот: во фокус е тензијата што се создава помеѓу тоа да се биде едновремено утврден и детерминирањето што произведува субјективна желба и поетска конструкција.
„Денес пропадна квалитативното одредување и на некој начин она што го зборуваше Музил пропадна поради вишокот искуство. Да не се прави ништо, е исто како да се прави сè. Вишокот квантитет го заменува недостигот на квалитет“, рече Браун.
„Театарот на мртвите на Жене“ е насловот на второто предавање што го одржа американскиот писаел и филозоф Арон Шустер. Тој преку анализа на претставата „Балкон“ од Жене поставена во 1956 годна анализира неколку одредувачки тенденции на современиот свет, особено моќта. Театарот на Жан Жене е еден од највеличествените политички театри на дваесеттиот век иако тој самиот ги нарекува своите претстави имплицитно политички и често јасно и прецизно го одредува нивното политичко значење. Така, Шустeр зборуваше за појавата на осамениот и фаталниот политички субјективитет во светло на современата политика.
„Зборувајќи за современиот американски контекст наспроти жалбите на либералите да не се нормализира Трамп, напротив, парадоксланиот театар на Жене веројатно би го отсликал Трамп како темпераментно дете наспроти идејата дека капиталистичката демократија ја водат возрасни луѓе“, рече Шустер.
Утре (22 јуни), на програмата е критичко читање низ филмови и во кафе-киното „Котур“, со почеток во 19.30 часот, ќе биде прикажан филмот Segunda Vez („Втор пат“) од 2018, во режија на Дора Гарсија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

