Култура
(Видео) Бесплатна филмска проекција на „Пријателка“

Во четврток, 27-ми јуни, во рамките на Месецот на гордоста на ЛГБТ+ луѓето – кога ширум светот се организираат настани во знак на сеќавање на стоунволските демонстрации, првиот бунт на ЛГБТ+ заедницата и нејзините поддржувачи против систематскиот прогон на сексуалните малцинства, што се случија во Њујорк при крајот на месец јуни во 1969 година и претставуваат пресвртна точка во поставувањето на темелите на ЛГБТ+ движењето, односно борбата за еднаквост и почитување на човековите права и слободи на ЛГБТ+ луѓето – во градско кино Милениум во Скопје со почеток од 20 часот ќе се одржи проекција на играниот филм „Пријателка“ („Rafiki“), кој ни ги доближува проблемите и предизвиците со кои се соочуваат геј-луѓето во општество каде истополовата љубов е забранета, а хомосексуалноста е кривично дело кое се казнува со затвор од 5 до 14 години.
Во режија на Ванури Кахиу, која го потпишува и сценариото, „Пријателка“ е кениски драмски филм за пријателството и деликатната љубов која се развива меѓу две млади жени, Кена и Зики, и покрај семејните и политичките притисоци околу правата на ЛГБТ+ луѓето во Кенија. Филмот беше забранет за прикажување во сопствената земја, но ги освои срцата на луѓето ширум светот и доби бројни пофални критики.
Постои изрека која вели дека „добрите кениски девојки стануваат добри кениски сопруги“, но Кена и Зики копнеат за нешто повеќе. И покрај политичкото ривалство меѓу нивните семејства, девојките истрајуваат и остануваат блиски пријателки, поддржувајќи се меѓусебно во следењето на своите соништа во едно конзервативно и религиозно општество какво што е она во Кенија. Кога љубовта процветува меѓу нив, тие ќе бидат приморани да направат избор меѓу среќата и безбедноста.
„Пријателка“ ја имаше својата интернационална премиера во програмата „Un Certain Regard“ (во превод „од друга гледна точка“) во рамките на официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал во 2018 година; инаку тоа беше првиот кениски филм прикажан на фестивалот. Досега има освоено десеттина награди на повеќе филмски фестивали во светот.
Билетите за еднократната филмска проекција се бесплатни и може да се подигнат на билетарницата на киното на принципот „прв дојден, прв услужен“. Настанот го организираат Скопје Филм Фестивал и Млади артивисти за промена во соработка со Здружението за културен и медиумски аквизам КВИР СКВЕР од Скопје и со финансиска поддршка од Амбасадата на Холандија во Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Јовановиќ: Прикажавме силно авангардни и ангажирани филмови на унгарската филмска вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ викендов во копродукција со МФФ Киненова беа прикажани унгарските филмови „Три илјади изброени парчиња“ и „Без здив“.
Кинo-проекциите се одржаа во Центарот за култура „Григор Прличев“, а беа дел од Унгарската вечер на фестивалот, која беше поддржана од Унгарската амбасада и Општина Охрид.
– Силно авангардниот и ангажиран филмт „Три илјади изброени парчиња“ во режија на Адам Чаши ја отвори филмската вечер, а продолжи со филмот „Без здив“ во режија на Каталин Молдовај.Настанот привлече бројна публика, а филмот „Три илјади изброени парчиња“ кој е силно ангажиран и авангарден филм сметам дека предизвика силни импресии кај присутите со темата за дискринимација на одредени малцинства во европските општества, вели Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова.
Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.