Македонија
ГДУ: Наместо чистка на неспособните, Заев си додели нова функција
ГДУ преку соопштение ги искоментира промените во владиниот состав, нагласувајќи дека наместо чистка на неспособните, Заев си доделил нова функција.
Партијата ја поздрави одлуката на Петар Атанасов да се повлече од функцијата заменик- министер за образование, бидејќи не видел промени во образованието.
Оттаму велат дека и тие не гледаат промени во овој сектор, освен одлуките да се затворат неколку основни училишта на македонски јазик и, како што велат, незнаењето како да се одржат неколку паралелки на албански освен со уредби и наредби.
ГДУ ја коментира и одлуката министерот за животна средина, Садула Дураки од ДУИ, да биде министер за политички систем.
„Садула Дураки пак е ѕвездата во старо-новиот кабинет на премиерот Заев. Со полни гради, свеж и еколошки освестен, ќе ја има честа да оживее ново, современо и преку потребно министерство – како и да се вика!
Урбаната мафија во земјава – што и да значи овој одамна одомаќинет израз- ќе ја продолжи плодната соработка со министерот Сугаревски и разните органи во состав на Министерството кое е целосно ненадлежно за дивоградби од секаков вид и тип“, велат од ГДУ.
„На Министерката за војна, веројатно и е потребен телескоп, затоа што ништо не и се гледа од Криволак, веројатно очекува да биде назначена за почесен амбасадор на УНЕСКО!
Конечно, сето ова не би било можно без нашиот Лорд Протектор, нашиот премиер, нашиот министер за финансии, борец, соборец на Дудуш, исповедник на Мукоски и благ но строг кон Канчевска, претседателот на СДСМ Зоран Заев.
И доколку имате дилеми за културата воопштено, ви го предлагаме делото на Théodore Géricault како своевиден приказ на нашево секојдневие!
Се среди премиерот Заев во државата, животот дојде, плата од 500 евра, реформи спроведени, па останаа уште финасиите. Какво мајтапење е ова со граѓаните? Наместо чистка на неспособните во извршната власт, Заев си додели нова функција. Реконструкција за класична концентрација на моќ. Човекот за кој во биографијата стои дека е скромен, вреден, популарен отворен и храбар, освен премиер ќе ни биде и министер за финасии. А пак Тевдовски човекот кој од Македонија ќе правеше Данска, ќе му стане советник на премиерот и министерот. Лекар ќе ја води културата, финансиски советник екологијата, а проблематичниот инженер Садула Дураку кој не се занимава со граѓаните, доби награда. Ќе го води новото министерство за политички ситем чија улога ќе биде вдомување на партиски кадри.
Колку импресивна понуда, исто како биографијата на новиот министер за финасии.
Метлата не замете, туку ги стави под тепих работите. Во Кабинетот на Заев му останаа местачите на тендери, оние кои потпишуваат договори во четири очи, функционери кои имаат афери со непотизам, министри и советници неработници.
Само за џабе Заев ја замајуваше јавноста со месеци дека ќе заиграла метлата, ќе направел суштински промени, ќе ги изметел криминалот и неспособноста. Не само што не го направи тоа, туку сега и повеќе ги загрижи граѓаните. Оти токму тој ќе управува со финансиите.
А оние функционери кога видоа колку е часот, решија сами да се заметат. ГДУ ја поздравува одлуката на Петар Атанасов да се повлече од функцијата бидејќи не видел промени во образованието. И ние не гледаме и не само во образованието, туку и во судството и во администрацијата и во економијата“, велат од ГДУ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

