Македонија
Здравствениот инспекторат побара проверка на стручноста на лекарите за смртта на родилката
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера извршил вонреден инспекциски надзори во сите здравствени установи каде што била лекувана родилката од Охрид, која минатата недела почина на скопските клиники.
Од ДСЗИ, по контролата, велат дека не констатирале недостатоци, но со цел проверка во однос на стручната работа на здравствените установи и здравствените работници што учествувале во породувањето на пациентката, како и нејзиниот постоперативен третман, Државниот санитарен и здравствен инспекторат до министерот за здравство иницира спроведување стучен надзор над работата на здравствените работници што учествувале во породувањето и натамошниот третман на пациентката.
„Пациентката М. Т. на 11 јуни, во 4.15 часот, е примена на одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Општа болница Охрид со пукната плодова вода во 38. гестациска недела. По направените испитувања по протокол, поставена е индикација за оперативно завршување на раѓањето. Оперативниот тек бил уреден, без компликации, родено е живо женско бебе, со родилна тежина и должина 2.130 гр/46 см, со добри витални параметри. Раниот постоперативен период на пациенката е уреден сè до утрото 16.6.2019 година, петти постоперативен ден, кога од страна на дежурниот е забележан оскуден серозен исцедок од раната поради што е извршена тоалета на раната. Во текот на денот направени и се лабораториски испитувања и дијагностички процедури. Наредниот ден поради влошена здравствена состојба и врз основа на конзилијарно мислење, пациентката со медицинска екипа и возило од ЈЗУ Општа болница Охрид се транспортира на клиниките во Скопје.
Во ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство пацинтката М. Т. е донесена на 17 јуни во 14 часот, прегледана е, земен ѝ примерок за нова лабораторија и со сите претходни анализи пратена е на конзилијарен преглед од абдоминален хирург. Во 18.30 часот пациентката е вратена на ГАК, направен е запис за прием на оделот за анестезија и реанимација. По спроведени повеќе дијагностички и лабораториски испитувања, поради локален наод на оперативно поле, на клиниката направена е ревизија и обработка на флегмонозната рана, дадена е јака антибиотска терапија, но и аналгетици, антикоагуланти, антиеметици и гастропротективна терпија.
И покрај преземените дијагностички и терапевтски мерки, состојбата на пациентката се влошувала, така што на 20 јуни во 14 часот е примена на понатамошен третман и евалуација на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ – ОЕ АРИЛ со дијагноза О90.0 – дисрупција на рана од царски рез. На прием пациентката е со немерлива тензија, ниска сатурација, во крајно тешка општа состојба. Веднаш е поставена на механичка вентилација и пристапено е кон поставување централен венски катетер. За кратко време настанува брадикардија, асистолоја, по што е пристапено кон реанимација по сите протоколи, но пациентката не реагира на реанимацијата и настапува смрт во 15.30 часот“, велат од ДСЗИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

