Македонија
Општина Прилеп: Земјоделците ќе бидат обесштетени по вчерашното невреме

Невремето што вчера зафати повеќе населени места од Прилепско зад себе остави катастрофални последици, информираат од Општина Прилеп. Штети на земјоделските површини се направени во атарот на селата Канатларци и Ерековци, како и во други населени места. Оштетени се нивите со тутун, бостан, житни култури и пипер.
„Вчерашното невреме, кое беше проследено со пороен дожд и град, направи штети во атарите на населените места Канатларци и Ерековци, како и во другите населени места во овој регион. Најмногу се оштетени тутунопроизводителите, но штета има и во земјоделските посеви на житото, бостанот и пиперот. Комисијата за процена на штетите од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп е веќе формирана и уште од денеска сите оштетени земјоделци може да достават барања за направената штета, а веќе од утре комисијата да излезе на терен и да направи процена“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Заедно со градоначалникот Јованоски во посета на погоденото подрачје беа и раководителот на подрачната единица за земјоделство, Зоран Пачешкоски, и претседателот на Комисијата за процена на штетите од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп, Жарко Северкоски.
Пачешкоски рече дека комисијата за утврдување штети е веќе излезена на терен и побара од земјоделците веќе од утре во Општина Прилеп да доставуваат барања, имотен лист од нивите, копии од трансакциска сметка и лична карта.
„Од утре во Општина Прилеп треба да достават трансакциска сметка, копија од лична карта и имотен лист. Сè што може, ќе направиме за да бидете соодветно обесштетени“, изјави Зоран Пачешкоски, раководител на подрачната единица за земјоделство.
„Формирана е комисија за посебна процена на штетите и како што веќе истакна градоначалникот Јованоски, од денеска земјоделците може да доставуваат барања во Општина Прилеп за нивна процена. Комисијата е веќе формирана и штом ќе излезе на терен, ќе почне да прави процени на земјоделските култури што се оштетени. Веднаш потоа се изготвува еден вкупен елаборат, кој се испраќа до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје, каде што се прават конечните процени и се врши исплата за направената штета“, изјави Жарко Северкоски, претседател на комисијата за процена на штетите од елементарни непогоди при Советот на Општина Прилеп.
Во моментот штетата не е утврдена за што комисијата работи на терен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Чаир

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, соопшти дека, денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од фи-200 мм, на ул. Бајрам Шабани бр. 7, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Бајрам Шабани, Челопек, Чаирска, Јајце и Ордан Чопела. (Општина Чаир)
· Поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од фи-80 мм мм, на ул. Коле Неделковски бр. 59, од 08:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Коле Неделковски и Киро Крстевски -Платник. (Општина Центар)
Македонија
Претежно сончево, кон крајот на денот со зголемена облачност

Времето денеска, претежно сончево со слаб до умерен ветер од јужен правец. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 33 степенiи.
Во наредните денови следува период на претежно сончево време, освен во среда кога ќе преовладува променливо облачно со сончеви периоди. Во среда и четврток ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер, а дневните температури ќе опаднат за неколку степени.
Македонија
Додека Мицкоски измислува странски служби и хибридни напади, неговиот министер Тошковски јавно го демантираше, велат од СДСМ

Според СДСМ, она што се случува деновиве покажува дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не само што e неспособна туку е во целосна конфузија.
Според оваа партија, додека премиерот Христијан Мицкоски измислува странски служби и хибридни напади, неговиот министер Тошковски јавно го демантираше, ја префрла вината врз граѓаните кои живеат покрај депониите.
„Јасно како ден е дека „хибридниот напад од странски центри“ е смешно алиби за неспособноста на Мицкоски и неговата влада. Мицкоски глуми жртва секој пат кога е фатен во неспособност да одговори на проблемите.
За овие 15 месеци имавме 5 различни и измислени сценарија, за дестабилзаиција, за странски служби, за дронови, за следење на премиерот и сега еве хибридни напади од надворешни центри на моќ.
Неспособност не може да се покрие со изговори, таа се гледа и граѓаните многу добро ја знаат затоа што ја плаќаат со најважното нешто, нивното здравје“.
Од оваа власт, додаваат од СДСМ, не видовме ниту едно решение за ниту еден проблем, затоа се изговорите.
„Резултатот на владата на Мицкоски е катастрофален: депониите горaт, воздухот не се дише, канцерогените материи се зголемуваат, а институциите се парализирани од лагите и изговорите на власта“.