Македонија
Скопје ќе добие pumptrack-полигон кај Олимпискиот базен

Вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите набргу ќе имаат можност да ги покажат своите вештини на новиот pumptrack-полигон што Град Скопје почна да го гради на површината пред Олимпискиот базен „Центар“. Полигонот претставува сплет на кривини и контури кои овозможуваат забавна, но, пред сè, безбедна спортска активност.
Предвидениот pumptrack-полигон е со вкупна површина од 1.690 квадратни метри и е поделен на два дела – детски полигон со површина од 290 квадратни метри и полигон за возрасни со површина од 1.400 квадрати. Детскиот полигон е специјално приспособен за деца, за почетници и за лица во инвалидски колички. Тој е одделен од полигонот за возрасни и е составен од помали контури и кривини, со што е овозможено безбедно возење. Полигонот за возрасни, пак, има разни елементи – двојни и тројни контури, скокови, брзи кривини и друго, кои овозможуваат поискусните да ги подобрат своите вештини.
Полигонот е погоден за сите типови и големини на велосипеди, ролери, скејтборди, како и за лица во инвалидска количка.
Овој простор, кој досега беше неуреден, набргу ќе стане ново и уредено катче со зеленило, урбана опрема и содржини за забава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска дел од Карпош, Сарај и Бутел

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од село Горно Нерези и Горни Крушопек, општина Карпош и општина Сарај;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Призренска бр. 1, 2, 3, 6, 8, 9, 18, 22 и 53, општина Бутел.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд

Времето денеска променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд. Процесите ќе бидат поинтензивни особено во источните делови, каде ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 12 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во следните денови ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со честа појава на повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 20 л/м2), појава на грмежи и силен ветер (над 70 км/ч). Во понеделник попладне на планините ќе има услови врнежите да преминат во снег.
Македонија
Посебен режим на сообраќај на магистралниот пат ГП Блаце – Скопје: ќе се извлекува камион излетан од патот

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека денеска во периодот од 05.00 до 07.00 часот на магистралниот пат ГП Блаце – Скопје, на околу четири километри од вториот кружен тек, во насока кон Скопје, ќе се извлекува претходно излетано од патот товарно возило.
Министерството за внатрешни работи ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, при што во наведениот период сообраќајот ќе се одвива наизменично само за патнички моторни возила.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.