Македонија
Промоција на книгата „Македонски безбедносни лавиринти“ на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски
Во четврток со почеток во 19.30 часот во Домот на АРМ во Скопје ќе биде промовирана трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ на Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и публицист, и на проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор и поранешен декан на Филозофскиот факултет во Скопје, експерт од областа на одбраната и безбедноста и прв цивилен министер за одбрана на независна и суверена Република Македонија и член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, во која во три книги на 1.200 страници се објавени 49 интервјуа кои беа емитувани на програмите на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2006 до 2018 година.
„Македонски безбедносни лавиринти“ – I книга која, всушност, е реиздание на книгата што под ист наслов беше објавена во 2015 година, содржи 22 интервјуа кои беа реализирани во периодот од 2006 до 2014 година. Тие се однесуваат на она што се случуваше во времето на осамостојувањето и прогласувањето на независноста на нашава земја, на предизвиците и премрежињата пред кои беше исправена младата македонска самостојна држава, на дислокацијата на тогашната ЈНА од територијата на нашава земја, на изградбата на самостојниот македонски одбранбен и безбедносен систем и на неговата оружена компонента – Армијата на Република Македонија, на ирационалниот спор што соседна Грција го наметна околу уставното име на нашава земја, на македонскиот пат кон евро и евроатлантските интеграции, на несреќниот за нас Букурешки самит на НАТО во 2008 година, како и на уште понесреќната 2001 година, кога се соочивме со најголемиот дотогаш предизвик – оружениот конфликт, на меѓуетничките односи и верската толеранција, на дијалогот меѓу цивилизациите, на добрососедските односи и сл.
Втората книга на „Македонски безбедносни лавиринти“ содржи 15 интервјуа што беа реализирани во текот на 2015 и 2016 година, кои тематски се однесуваат на клучните процеси кои се одвиваа во Република Македонија во тие две години, како и на историското значење на одредени датуми од македонската подалечна и поблиска историја.
Третата книга, пак, содржи 12 интервјуа реализирани во текот на 2017 и 2018 година, кои во најголемиот дел им се посветени на анализите на македонските перспективи за членство во НАТО, при што акцентот е насочен кон можностите за забрзување на економскиот развој на Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, на последниот самит на НАТО во Брисел и на Договорот од Преспа со кој се затвора речиси тридеценискиот спор што соседна Грција го наметна околу уставното име на нашава земја. Исто така, оваа книга содржи и три интерјуа посветени на одбележувањето на 25-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија, како и на реформите во безбедносниот систем, а застапени се и теми кои се однесуваат и на глобалната безбедност, на предизвиците и ризиците со кои се соочува современиот се повеќе глобализиран свет, како што се оружените конфликти, организираниот криминал, верскиот фанатизам, профилацијата на оружје за масовно уништување и сл.
Но, она што дополнително и дава уште поголема тежина и вредност на трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ е тоа што повеќето интервјуа, всушност, се и еден вид своевидна исповед и сведоштво на еден од најодговорните луѓе на македонската одбрана во периодот на осамостојувањето на Република Македонија и создавањето на самостојниот македонски одбранбен систем и, особено, на Армијата на Република Македонија, чие формирање беше неопходен услов Македонија да профункционира како самостојна и независна држава.
Промотори на трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ се Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија, проф. д-р Лидија Георгиева, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, Зоран Иванов, новинар и публицист и доцент д-р Марјан Ѓуровски, продекан за наука и развој на Факултетот за безбедност во Скопје. За уметничкиот дел е задолжен младиот македонски виртуоз на пијано со светско реноме Арда Мустафаоглу, а модератор на промоцијата ќе биде Анета Трпевска, спикер на Македонското радио – Радио Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

