Македонија
Македонија во Софија доби покана за членство во Организацијата за црноморска економска соработка

По покана на министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, во улога на земја претседавач со Организацијата за црноморска економска соработка, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денеска, во Софија, учествуваше на 40. состанок на Советот на министрите на Организацијата за црноморска економска соработка.
На денешниот состанок нашата земја доби покана да стане рамноправна членка на оваа организација. По тој повод министерот Димитров имаше обраќање во кое ги изнесе придобивките и можностите што ги нуди членството во оваа организација преку продлабочување на заемното почитување, довербата и соработката, во духот на пријателството и добрососедството.
„Ова е пресвртница за нашата регионална соработка давајќи ни можност стратешки да ги продлабочиме и зајакнеме нашите заеднички визии промовирајќи ги предностите што ги нуди овој регион. Земјите членки на БСЕК се и наш економски партнер не само поради нашата географската положба туку и поради нашата културолошка и историска поврзаност. Проширувањето на Организацијата за црноморска економска соработка со Република Северна Македонија само по себе претставува одличен пример за регионална соработка и солидарност поттикнувајќи ги нашите заеднички аспирации за раст и одржлив развој. Во овој контекст членството во Организацијата отвора нови хоризонти за економска соработка во регионалната средина. Тоа дополнително ќе го збогати духот на пријателство и добрососедство и особено за зајакнување на меѓусебното почитување, доверба и размена во регионот на БСЕК.
Не треба да ја пропуштиме можноста за подобар квалитет на процесите што нè зближуваат наместо да нè раздвојуваат. Градењето мостови на пријателство се од суштинско значење за градење инфраструктура и поттикнување на растот“, изјави Димитров.
Министерот оствари средба со Захариева, при што двете страни ги потврдија заложбите од двете страни за имплементација на договорот за пријателство.
Црноморската економска соработка (БСЕК) се појави како ветувачки модел на мултилатералната политичка и економска иницијатива со потпишувањето на декларацијата од самитот во Истанбул и изјавата на Босфор од страна на шефовите на држави и влади на земјите од регионот на 25 јуни 1992 година. Со влегувањето во сила на оваа повелба на 1 мај 1999 година, БСЕК стекна меѓународен правен идентитет и се трансформира во полноправна регионална организација – Организација за црноморска економска соработка. Во БСЕК членуваат 12 земји (Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Турција, Украина). Северна Македонија ќе стане полноправна членка по ратификација на повелбата на БСЕК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.
Македонија
Камион излета од магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка, сообраќајот во прекин

Од 17:10 часот магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка кај место викано Самоков е во прекин за сите возила во двата правци поради собраќајна незгода. Товарно моторно возило излетало од патот и на самиот пат има расврлани метални предмети кои ги превезувало, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
„Граѓаните да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши“: Тошковски во посета на Отсекот за оружје – Скопје и ОВР Гевгелија

Во рамки на денешните активности, министерот за внатрешни работи, заедно со дел од раководството на Министерството, оствари посета на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи – Скопје и на ОВР Гевгелија, при што одблиску изврши увид во тековното работење.
Посебно беше истакнато дека граѓаните од скопскиот регион, во споредба со останатите делови од државата, нешто подолго чекаат за издавање на одобренија и дозволи за оружје. Но, благодарение на соработката со судската власт, од денес е овозможена и електронска проверка во прекршочната евиденција на судовите. До вработените се дадени насоки во најкраток рок, хронолошки, да ги завршат сите преостанати проверки за лицата и да ги известат граѓаните за текот на постапките.
„Како резултат на макотрпната работа во изминатиот период, само оваа година низ државата се разгледани речиси 8.000 предмети – и од заостанатите од изминатите години и од новопристигнатите електронски барања. За споредба, она што е реализирано досега во 2025 година е четири пати повеќе од годишниот просек до 2023 година. Со новиот начин на работа се искоренува корупцијата во оваа област, која за жал беше многу изразена. Во таа насока, министерот апелира до сите граѓани да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши.“, потенцираше министерот Тошковски.
Во претстојниот период ќе се работи на надградба на дигиталната апликација, со што граѓаните ќе можат дел од доказите електронски да ги прикачат кон барањето, а единствено ќе биде потребно лично присуство само при подигнувањето на одобрението.
Министерот оствари работна посета и на ОВР Гевгелија, каде што со раководството разговараше за безбедносната состојба во регионот, кој е јужната порта на нашата земја и низ кој секое лето минуваат илјадници туристи.
Констатирано е дека безбедносната состојба е стабилна и дека во изминатиот период е забележано подобрување во речиси сите области на полициското работење.
„Цврсто верувам дека вистинската сила на полицијата лежи во партнерството, во блиската соработка со локалните структури и со самите граѓани. Само така можеме заеднички да обезбедиме мирна и безбедна средина за сите“, истакна министерот.