Македонија
Ѓорѓиевски: ГРЕКО потврди дека Владата е криминална
Владата е криминална, тоа го потврдува ГРЕКО, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Полицијата во извештајот, рече Ѓорѓиевски, е карактеризирана како најкорумпирана институција во Македонија, а граѓаните, наместо заштитник, во полицијата гледаат криминал и рекетар.
„Зоран Заев и Оливер Спасовски придонесоа за разнишување на угледот на полицијата во очите на граѓаните и за нејзино претворање во заштитник на криминалот. Полицијата е корумпирана затоа што Заев и Спасовски, наместо да бркаат криминалци, преку МВР распишуваат тендерски постапки за делење милионски бизниси на луѓе блиски до власта. Преку МВР на најсомнителен можен начин им беа доделени неколку лиценци за возачки испитни центри на фирми формирани непосредно пред да биде распишан огласот, без никакво претходно искуство, а од игра беа исфрлени фирми со децениско искуство. МВР е корумпирано и затоа што набави возила во висина од 1 милион евра, вредност поголема од нивната малопродажна цена“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој го обвини премиерот Заев дека поради него полицијата е нотирана како политизирана институција во извештајот на ГРЕКО.
„Две и пол години нема ниту една акција против функционери на власта, иако во целата држава наголемо се вели дека рекет бара секој партиски функционер од СДСМ, од маалски шериф до челниците на власта. Господине Заев, немојте да мислите дека ова ќе продолжи вака. Криминалот ќе биде санкциониран, а вие, како и сите други што ви помагаат во криминализирањето на Република Македонија, ќе одговарате кога ќе се врати правната држава во Република Македонија“, додаде Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Николоски: Започнаа промените во општина Карпош, ќе се реконструираат преку петнаесетина улици
Преку петнаесетина улици ќе се реконструираат во општина Карпош со подршка на Владата. Општината полека ќе го смени урбаниот лик и ќе се развива, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на општина Карпош.
Николоски заедно со градоначалникот Сотир Лукровски извршија увид во реконструкција на ул. Јуриј Гагарин, проект кој се реализира со подршка на Министерството за транспорт, а во заедничка соработка со општината.
“ Ова беше заглавен проект, ова беше проект без разлика што имавме обезбедено средства, не можевме да го реализираме. Откако беше избран за градоначалник, заедно со службите во општината, успееја да ги решат сите предизвици на овој проект, да се решат проблемите и еве веќе се гради и ако се оди добро и не послужи времето до Нова година може да се заврши оваа улица, паркингот зад зградите и да се добие нов урбан лик на овој простор. Сакам да најавам дека дополнително на ова имаме уште еден проект кој се реализира со Светска банка во вредност од над 13 милиони денари, тоа е улицата Петар Чаулев, целосна реконструкција околу 600 метри што дополнително се надевам ќе допринесе за урбаниот развој на општината. На тоа додаваме уште дванаесетина проекти кои што ги резлизираме преку вториот повик на Владата и севкупно имаме значајни проекти за општина Карпош. Тука е и подршката на Владата, мојата лична подршка за дополнителни работи кои треба да ги направиме во Карпош. Со изборот на новиот градоначалник, со неговата напорна работа се гледаат промените и навистина сите имаме желба да помогнеме и да се случуваат убави работи во општина Карпош”-изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Вечерва почнува зимска бајка на Плоштад Македонија: Елката ќе светне во 18 часот, Дедо Мраз ќе стигне на 27 декември
Елката на Плоштад Македонија вечерва во 18 часот ќе биде осветлена со свечена церемонија, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. До 31 декември секоја вечер со почеток во 18 часот ќе има празнична програма, а за дочекот, на барање на градоначалникот ќе пеат македонски музички ѕвезди.
„За првпат по неколку години стагнација во главниот град свечено ја почнуваме новогодишната приказна со церемонија за осветлување на градот поставувајќи темели на новата празнична традиција по примерот на најразвиените европски метрополи. Денес во 18 часот, во срцето на градот, на Плоштадот Македонија свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен новогодишниот маркет со што симболично го обележуваме почетокот на празничните случувања во нашиот главен град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски кој смета дека со оваа церемонија Скопје прави значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања.
Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.

