Регион
„Дојче веле“: Рама се надева на победа, опозицијата повикува на бојкот на утрешните избори
Гласачите во 61 град и општина во Албанија во недела бираат градоначалници, а на половина од овие места нема противкандидати за владејачките социјалисти, пишува „Дојче Веле“ (ДВ).
Покрај тоа, опозицијата повика на бојкот и смена на премиерот Еди Рама, а постои и страв од насилни конфликти на денот на изборите, поради што властите ангажираа и воени командоси.
„Најавените локални избори во Албанија се сè освен плуралистички“, пишува ДВ, бидејќи опозицискиот сојуз предводен од Демократската партија (ПД) ги бојкотира изборите.
На последните локални избори во 2015 година, опозицијата освои 48 отсто од гласовите. Затоа гласањето закажано за недела, на 30 јуни, повеќе се смета за референдум за социјалистичката влада на Еди Рама, а само во половина од локалните самоуправи се јавуваат противкандидати.
Пред четири месеци, целиот опозициски блок ги врати своите мандати и целосно го напушти албанскиот парламент. Наместо тоа, опозициските партии и нивните поддржувачи излегоа на улиците, обвинувајќи ја владата за корупција и изборна измама со купување гласови на парламентарните избори во 2017 година, притоа барајќи оставка на премиерот Рама и предвремени избори. Албанскиот премиер константно ги негира и одбива ваквите обвинувања.
„Сепак, западот ја критикува опозицијата”, тврди ДВ, и наведува дека САД и ЕУ кои ја признаваат владата на Рама и изборите во 2017 година го критикуваат бојкотот, главно поради повлекувањето на опозицијата од парламентот.
Рама, пак, во пресрет на утрешните избори порача дека опозицијата на нив ќе го добие конечниот удар, кој, како што вели, ќе го означи крајот на политиката која ја држела албанската држава како заложник цели 30 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

