Македонија
Возобновено списанието „Безбедност“ по повеќе од две децении

Денеска во Домот на Армијата во Скопје се одржа промоција на првиот број од возобновеното научно списание на МВР „Безбедност“. Возобновувањето на списанието, сега како меѓународно научно списание „Безбедност“, доаѓа по повеќе од две децении во кои Министерството за внатрешни работи немаше свое научно ниту стручно списание.
Меѓународниот уредувачки одбор ги запази процедурите на издавање и ги доби потребните согласности да се продолжи традицијата од поранешното списание на МВР, па возобновеното списание ќе ја продолжи долгата традиција и ќе продолжи да излегува во 59 година од објавувањето.
„Свесни за потребата од поконкретно поврзување на теоријата и практиката, во сфера исклучителна по важност – како што е безбедноста, по неколкумесечни подготовки, сега имаме готов производ, којшто како дополнителна и корисна алатка треба не само да ги презентира овдешните, но и светските искуства во разните области од безбедноста и полициското работење туку истовремено да биде и медиум преку којшто ќе се промовираат новите научни, стручни, професионални идеи и достигнувања отворени како за домашната и меѓународна академска јавност, така и за широката читателска публика“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој додаде дека овој издавачки потфат, меѓу другото, има за цел да ги демонстрира отвореноста и подготвеноста на Министерството за внатрешни работи кон конкретно ангажирање на стручната мисла, искуства и практики во своето секојдневно работење. Дотолку повеќе што следењето на научните трендови од областа на безбедноста, со сета нејзина интердисциплинарост, е особено важно во процесот на востановување на ефикасен функционален континуитет на секоја безбедносна служба.
На промоцијата се обрати и поранешниот претседател на уредувачкиот одбор на Ревијата за криминалистика, криминологија и кривично право, пензионираниот професор Љупчо Арнаудовски, кој се присети на времињата во кои списанието „Безбедност“ беше едно од најчитаните научно-стручни изданија и имаше силно влијание во министерството, особено во годините пред и по осамостојувањето од поранешната СФРЈ.
Главниот и одговорен уредник проф. д-р Никола Дујовски зборуваше за идејата за возобновување на списанието, се заблагодари на членовите на Меѓународниот уредувачки одбор и на раководството на министерството за отворената и професионална соработка и издржаните предлози кои доведоа до тоа да имаме издание со кое сите ќе се гордееме.
Според одлуката на уредувачкиот одбор, првиот број на списанието има ревијален карактер и ги претставува различните организациони единици во министерството, со бројни предлози и идеи за подобрување на функционирањето во министерството.
Покрај печатеното, списанието ќе има и електронско издание, кое е веќе објавено на веб-страницата на министерството и ќе биде лесно достапно за сите заинтересирани читатели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.