Култура
Фестивал „Актерот на Европа“ од 6 до 11 јули во Преспа

Седумнаесеттото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ 2019 ќе почне со свеченото прогласување на култната актерка Мариа До Сеу Гера од Португалија како добитник на престижното меѓународно признание Актер на Европа 2019.
Фестивалот „Актерот на Европа“ традициионално се одржува од 6 до 11 јули на бреговите на Преспанското Езеро. Овој фестивал почна летото 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското Езеро за меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.
Марија До Сеу Гера, која ќе ја прими наградата на 6 јули во 21 часот во предворјето на Сарајот во Ресен, со своето име ќе се вгради во европската меморија на Балканот покрај имињата на досегашните добитници, како што се Љуба Тадиќ (Србија), Јон Карамиитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија), Селма Алиспахиќ (БиХ) итн.
Традиционалната Голема повелба „Балканот – срцето на Европа“ оваа година е доделена на грчкиот публицист и издавач Ставрос Ѕимас, познатиот албански режисер и еден од основачите на Academia Balkanica Europeana, Кујтим Чашку и на првиот претседател на Собранието на Република Македонија, писател и публицист, Стојан Андов, за неговите Одбрани дела во десет тома, во издание на Матица македонска.
На истата церемонија, признанијата Клучевите на Преспа ќе ги добијат проф. д-р Агим Полјоска, од Филолошкиот факултет Скопје, и бугарскиот поет Захари Иванов.
Фестивалот свечено ќе биде отворен со стиховите од класиците на македонската, грчката и албанската поезија, а потоа ќе следуваат поздравните говори на градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, почесниот претседател на фестивалот, Бранислав Мичуновиќ-Жага, претседателот на интернационалното жири, Мето Јовановски, и ректотот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш.
Во официјалната конкуренција на фестивалот оваа година се селектирани:„Шеги на љубовта“ од Чехов, во изведба на Сатиричен театар од Софија, „Смртта и девојката“ од Ариел Дорфман, во изведба на Народниот театар од Подгорица, Црна Гора, „Симедеја или човечки глас“ од Фадил Хисај од Косово, според делото на Жан Кокто, „Зоо приказна“ од Едвард Олби во изведба на Здравко Стојмиров, и „Пауна“ по текст на Мирјана Ристевска Селчанец, во изведба на Сара Марковска од Македонија; и „Со кого, со што во Европа“ во изведба на Драган Тешиќ, од Драфт Театар, Тузла (БиХ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Вечер на шлагери“ на Скопско лето 2025

На 22 јуни, недела, во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“ ќе се одржи концерт „Вечер на шлагери“ – 20 години СПОНА, со почеток во 20:30 часот на Платото пред Македонскиот народен театар.
Диригент ќе биде Иван Еминовиќ, а водител на настанот Вера Јанковиќ.
На сцената ќе настапат Оркестарот на „Полифонија“, а изведувачи се Денис Димоски, Оливер Њего, Васко Здравков, Андријана Јаневска, Вера Јанковиќ, Теа Пејиќ, Ана Петановска, Маја Г. Панчева и Александар Тарабунов.
Култура
Отворање на Скопско лето 2025

На 21 јуни, сабота – првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката – ќе се отвори 46. издание на фестивалот „Скопско лето“.
Во 19 часот во Музеј на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ на нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски.
Трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија. Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первентираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па сè до денес. Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“ рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена, а собраните средства ќе бидат донирани на Здружението за заштита на животните „Anima Mundi“.
Во 20:30 часот во Салата на Македонската Филхармонија ќе се одржи концерт насловен „Мостови на музиката: Софија – Скопје“. На сцената ќе настапат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија – Софија, како и млади диригенти и музички уметници од Македонија и Бугарија.
Диригенти: Ана Спасовска и Николаи Хилендаров
Солисти: Јана Каевска – флејта, Марија Магдалена Желјазгова – флејта, Санја Јович Джорджевич – виолина, Тодор Иванов – виолончело, Искра Атанасова – Митуш – пијано и Николај Маринов – пијано.
На концертот ќе бидат изведени дела од А. Вивалди, В.А. Моцарт, Ф. Лист, П.И. Чајковски.
Една сцена. два града, еден заеднички јазик – музиката. Концерт што го слави музичкото пријателство и креативната соработка меѓу млади уметници од регионот. Очекувајте вечер исполнета со енергија, инспирација и уметност без граници!
Влезот е слободен.
Култура
Концерт на оркестарот на Институтот „Фејмс“ со врвниот Емилио Перцан во Сули ан

Скопје ова лето ќе биде домаќин на еден навистина посебен музички настан. Во недела, на 6 јули, историскиот двор на Сули ан ќе се претвори во магична сцена на концерт под ѕвездено небо, каде што ќе настапи еминентниот виолинист и диригент Емилио Перцан, заедно со европскиот оркестар на институтот „Фејмс“, составен од млади музичари од цела Европа.
Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамки на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа.
Публиката ќе има можност да ужива во репертоар кој ги обединува Вивалди, Делабако, Пучини и Рихтер – различни музички епохи – од барокот и романтизмот, па сè до современи композиции со силна општествена порака и со посебен акцент на композицијата „Рекомпонираните Четири Годишни Времиња“ на Макс Рихтер, која претставува модерна реинтерпретација на делото на Вивалди инспирирана од климатските промени.
„Овој концерт е многу повеќе од изведба – тој е прослава на иднината на европската класична музика. Со тоа што младите музичари од различни земји се здружуваат, учат и настапуваат заедно во Скопје, ние градиме уметнички мостови и ја покажуваме моќта на иновацијата во музичкото образование,“ велат од тимот на „Фејмс“.
Емилио Перцан, кој веќе настапувал на сцени како Театро Колон во Буенос Аирес, Берлинската филхармонија и Концертгебау во Амстердам, ќе се појави во двојна улога – како солист и диригент.
Отворениот амбиент во Сули ан ќе овозможи интимна и несекојдневна атмосфера, совршена за љубителите на класичната музика.
Билетите се веќе достапни преку mktickets.mk – со строго ограничен број места.