Економија
Анѓушев: Западен Балкан треба да се ослободи од административните бариери кои го кочат развојот

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во рамките на Самитот за Западен Балкан во Полска, учествуваше на заедничка прес–конференција на која беше соопштенео дека наредниот Самит ќе биде во заедничка организација на Бугарија и Македонија.
Сумирајќи ги дискусиите кои се воделе за време на состанокот за Регионалната економска област, Анѓушев посочи дека Берлинскиот процес е одлична платформа за земјите од регионот, која дава резултати.
„Во иднина очекуваме уште подобри резултати кои ќе произлезат од оваа иницијатива, во насока на интеграција на регионот во ЕУ, каде и географски припаѓа. Нашиот регион, историски е познат по тоа што генерира повеќе историја и пречки, во однос на тоа колку може да конзумира, тоа мора да се промени во блиска иднина, односно да се генерира иднина и економска соработка“, потенцира вицепремиерот на прес–конференцијата.
Анѓушев нагласи дека Владата ќе остане посветена на одржување на стапките на раст на трговската размена со соседните држави.
„Во моментов во Република Северна Македонија имаме над 1 милијарда евра проекти во патната инфраструктура, но сметам дека не е доволно да се реализираат само инфраструктурните проекти; со инвестиција од 500 милиони евра ќе изградиме модерен автопат и ќе го намалиме времето на транзит за 20-ина минути, а потоа камионите со производи да стојат 3, 4 или 5 часа на граничните премини. Тука нема никаква економска оправданост и затоа покрај инфраструктурните вложувања, треба да работиме на отстранување на административните пречки и бариери кои постојат меѓу земјите, нешто што може да се направи брзо и ефикасно, многу побрзо отколку што трае процесот на изградба на инфраструктурата“, посочи вицепремиерот додавајќи дека е потребно да се направи стандардизирање и признавање на сертификатите издадени во земјите во регионот и да се намалат или укинат царините.
Како што информираат од владината прес-служба, покрај Анѓушев на заедничката прес-конференција учествувале и сојузниот министер за економија и енергетика на Германија, Петер Алтмајер, министерката за претриемништво и технологија на Полска, Јудвига Емилевич и заменичката министерка за економија на Бугарија, Лилја Иванова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.