Македонија
Димитров: Берлинскиот процес е подготовка за пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ
Во рамките на програмата на Министрите за надворешни работи во склоп на Берлинскиот процес со кој годинава претседава Полска, министерот Никола Димитров учествуваше на работен ручек со останатите колеги од земјите учеснички во Берлинскиот процес, на кој се дискутираа прашањата за евроинтегративната перспектива на земјите од регионот на Западен Балкан.
Како што информираат од ресорното министерство, се разговарало и за понатамошниот развој на самиот Берлински процес во наредниот период.
Состанокот продолжи со пленарна сесија на која беа разгледани актуелни прашања поврзани со регионалната соработка, пресек на постигнатите резултати и постојните предизвици во Регионот, соопштуваат од македонското МНР.
На крајот, била одржана и прес-конференција на која било објавено дека наредната година Македонија и Бугарија ќе бидат копретседавачи на Берлинскиот процес.
„Треба да бидеме многу задоволни од тоа што се постигнува, Берлинскиот процес почна со агендата на патно поврзување, се прошири со создавање на регионална економска зона – и двата проекти се всушност подготовка за пристапувањето. Процесот го препозна силниот потенцијал на регионалната соработка што се преточи во конкретни проекти и инцијативи за секторска соработка со цел забрзување на европската интеграција, економски раст и стабилност. Фокусирајќи се врз конкретни проекти од заемен бенефит, демонстриравме зрелост и политичка волја за меѓусебно поврзување во светло на зголемената побарувачка за Европа во регионот. Преку Берлинскиот процес, понудивме европско разбирање и соработка во насока на заемен раст, регионална стабилност и просперитет”, посочил министерот Димитров на прес-конференцијата.
На маргините на Самитот, Димитров остварил билатерална средба со финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто, чија земја од 1 јули го започна своето претседавање со Советот на ЕУ.
На панелот посветен на интеграцијата на Ромите, биле презентирани заложбите на Владата по ова прашање, а на панелот со наслов „Подобра животна средина за подобар живот” се разговарало за важноста на животната средина и начините за решавање на горливите еколошки проблеми во Регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.
Македонија
Ѓорѓиевски најави историска трансформација на Скопје
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска соопшти дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, по средбите во Брисел. Заедно со министрите Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, Ѓорѓиевски оствари средба со еврокомесарот Глен Микалеф, каде ја претстави подготвеноста на градот да влезе во нова ера на европски стандарди и трансформација.
Градоначалникот најави историска трансформација на градот преку деблокирање на процесот, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучна инфраструктура.

„Деновиве, заедно со министерот Тимчо Муцунски и Зоран Љутков сме во Брисел, каде што остваривме значајна средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф. Ја претставивме нашата јасна позиција за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. И денес можам со гордост да кажам, дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година“, објави Ѓорѓиевски.
Како нов градоначалник, додаде тој, ја отворам најважната страница за нашиот град, започнуваме историска трансформација што ќе нè подготви конечно да ја носиме оваа титула со достоинство.
„Проектот беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но со сериозна работа во изминатиот период го деблокиравме процесот и го насочивме кон транспарентно, професионално и законско функционирање. Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена. 2028 е моментот кога Скопје конечно ќе стане јасно присутно на европската и светската културна мапа“, вели Ѓорѓиевски.
Тој најави инфраструктурни промени во градот.
„Започнуваме и со клучни инфраструктурни промени како што се Скопско Кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, нов Европски центар за култура, зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори – инвестиција од над 55 милиони евра што ќе го трансформира градот. Паралелно, го склучуваме и итниот Договор за локална соработка и интеграција – прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува 10 општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, НВО секторот, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе“, објави градоначалникот.

