Македонија
Арсовски: Над 400 дивоградби во Охрид се во зоните што се заштитени од УНЕСКО
Според изработениот регистар на дивоградби во општина Охрид има 1076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони од УНЕСКО, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција.
Како што посочи, од 19 препораки на УНЕСКО во моментов ниту една не е спроведена , пред 43. седница на УНЕСКО во Баку каде што се разгледува прашањето за одземањето на титулата на Охрид.
„Дивоградбите и непостапувањето по нив е најголемото зло што може да му се случи на Охрид и Охридското Езеро.
Целата држава знае дека дивоградбите на советникот Нефи Усеини, кој е во коалиција со СДСМ и е многу близок соработник на Зоран Заев и актуелниот градоначалник, ги дозволува и ги штити директно Зоран Заев преку градоначалникот од СДСМ Константин Георгиевски. Дивоградбите на Нефи Усеини, бетонската база на Нефи Усеини на крајбрежјето на Охридското Езеро, на само неколку метри од езерото, огромната тераса кај Чинарот во центарот на Охрид којашто исто така е на Нефи Усеини и сите други дивоградби коишто се повеќе од 400 во заштитената зона и над 1.000 во целиот Охрид се под директна заштита од Зоран Заев и Константин Георгиевски, и тоа единствена причина се предизборните коалиции со истиот советник којшто гради каде што ќе стигне и никој не го санкционира тоа“, рече Арсовски.
Тој упати прашање до премиерот Зоран Заев дали кога говори за рушење на дивоградбите мисли на рушење на терасата на Нефи Усеини, рушење на бетонската база на Нефи Усеини, рушење на минарето во центарот на градот кое е незаконски изградено.
„Само да потенцираме дека Општината Охрид има тендер од 20.000 евра, односно 1.200.000 денари за рушење на сите дивоградби. Ова е смешно и просто се прашуваме како е возможно со 20.000 евра да се срушат над 1.000 дивоградби?
Со овие 20.000 евра не е возможно да се срушат ниту дивоградбите на Нефи Усеини, коишто се огромни и ќе треба месеци да се срушат. Едно е јасно, ниту ќе се срушат дивоградбите во Охрид, ниту, пак, ќе се воведе ред со СДСМ во Охрид“, рече Арсовски и додаде дека СДСМ го руинирало Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

