Македонија
Лидерите на Самитот за Западен Балкан го поздравија копретседавањето на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес
Во документот Финални заклучоци на Самитот за Западен Балкан во Познањ е запишано дека лидерите учесници на самитот го поздравија претстојното прво заедничко претседателство на Република Бугарија и Република Северна Македонија за 2020 година. Копретседавањето со Берлинскиот процес, како платформа за европски дијалог, соработка и поддршка на проширувањето, е важен симбол за поголема сопственост на процесот на земјите од регионот, соопшти владината прес-служба.
Учесниците на Самитот во Познањ уште еднаш ги поздравија и ја истакнаа важноста на имплементација на Договорите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија.
Во финалните заклучоци, лидерите на Западен Балкан ја истакнуваат важноста на регионалната соработка, и ја потврдија својата силна посветеност кон Регионалната економска област, како и на спроведувањето на реформите чија цел беше да го обезбедат просперитетот во регионот и да ги зајакнат економските врски меѓу Западен Балкан со економиите на ЕУ. Особено внимание во идниот период треба да се посвети на имплементацијата на одобрената Декларацијата за признавање на квалификациите од високото образование од земјите во регионот.
Во заклучоците од Самитот, како што пренесе владината прес-служба, лидерите на Западен Балкан ја потврдуваат важноста за заеднички регионални инвестиции. Министерската заедничка изјава за политиката за развивање регионално прифатливи стандарди за преговарање за меѓународни договори за инвестиции, усвоена на Самитот, е во согласност со рамката и стандардите на инвестициската политика на ЕУ.
Лидерите на Западен Балкан се обврзаа да ги интензивираат напорите за диверзификација на финансиските пазари со цел да се прошири пристапот до финансиите во Западен Балкан.
Во однос на дигиталната економија и развојот на општеството, лидерите на Западен Балкан повторно ја нагласија нивната посветеност кон Дигиталната агенда за Западен Балкан и во Регионалната економска област.
На Самитот во Познањ е поздравен и успешниот почеток на имплементацијата на Дополнителниот протокол 5 за олеснување на трговијата и за поддршка на побрза, полесна и поевтина трговија, како и взаемното признавање на програмата за овластен економски оператор.
На предлог на Република Северна Македонија на Самитот во Познањ е усвоена Декларација на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во процесот на проширување на ЕУ, со што лидерите од регионот ја истакнаа потребата од заедничка заложба за засилување на интеграцијата на ромската популација, како една од најранливите групи во општествата во регионот.
Поврзувањето останува приоритет и во заклучоците за оваа година како двигател за раст и за креирање нови работни места. Овој процес помага да се привлечат инвестиции и ја подобрува конкурентноста на регионот преку создавање врски и можности за бизнисите и граѓаните. Поврзувањето ги приближува луѓето и економиите во регионот со економиите и граѓаните на ЕУ, и учествува во подобрувањето на добрососедските односи.
Шефовите на влади на земјите од Западен Балкан на завршницата на Самитот во Познањ ги потпишаа Меморандумот за рамковната соработка за воспоставување на Институт за Југоисточна Европа за одржливи технологии и Меморандумот за признавање на академски квалификации на земјите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Соработка со Чешка за обединет и поефикасен систем за справување со кризи
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го прими амбасадорот на Република Чешка во Македонија Н.Е. Јарослав Лудва и директорот на Генерален директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерство за внатрешни работи на Република Чешката, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација.
Тема на разговор на средбата во ДЗС беше соработката на полето на заштита и спасувањето и за процесите на трансформација на системот за управување со кризи и за чешките искуствата во оваа област. Притоа, Ангелов посочи дека Македонија е во фаза на темелна реформа, со цел обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во единствен, функционален и поефикасен систем. На средбата во ДЗС беа споделени искуства за едукација на пожарникари, а и стручни мислења за заштита и спасување, со можност за заедничко учество на планирани оперативни вежби.
Ангелов, при работната средба, им се заблагодари на високите претставници на Чешка за поддршката на Македонија за справување со кризни ситуации: „не само со давањето на опрема и технички средства, како на пример, вчерашната донација на противпожарно возило „татра” со капацитет oд 10 тони за пожарникарите од Кочани, туку и за директното помагањето со чешки сили, со опрема и со техника при справување со огнените стихии, конкретно со противпожарното дејство на чешкиот хеликоптер ,,блек хок” минатото лето, што беше успешно реализирано во содејство со противпожарни сили од нашата земја и од Словенија.
Македонија
Алиу на онлајн состанок со странските експерти за кардиохируршки интервенции
Денес се одржа онлајн состанок меѓу интерната и странската експертска комисија ангажирана од Министерството за здравство, во рамки на процесот за стручна анализа и испитување на посочените кардиолошки и кардиохируршки интервенции.
Состанокот го отвори министерот за здравство Азир Алиу, кој ги информираше експертите за досегашниот тек на постапувањето, начинот на прибирање и стандардизација на документацијата за пациентите и целта на двостепената стручна проверка.
„Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија, како и да помогнат да ги препознаеме можните системски празнини. Наодите треба да го зајакнат нашиот здравствен систем, притоа доколку се идентификува потреба, ќе пристапиме и кон измени на правната регулатива. Целта е подобар перформанс на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди“, рече министерот Алиу.
На состанокот беше усогласена работната методологија по која ќе постапуваат странските експерти во рамки на втората експертска анализа.
Министерството потсетува дека странската експертска група е составена од тројца врвни професионалци – д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Нивниот ангажман има за цел да обезбеди дополнителна медицинска експертска тежина и меѓународно споредливи стандарди во анализата на доставените случаи за извршени операции или непотребно упатени за операција.
Македонија
Забраната на социјалните мрежи за најмладите во Македонија би била радикален чекор, рече министерот Андоновски во Прилеп
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Владата не размислува за забрана на социјалните медиуми за деца и млади, оценувајќи дека таков потег би бил премногу радикален и би можел да значи мешање во основните слободи.
„Премногу е радикално кога државата се одлучува на чекор да забрани некоја алатка, бидејќи доколку би тргнале да се движиме во таа насока, тогаш можеме да стигнеме и до нарушување на правото на слободен избор и на слободен говор“, изјави Андоновски одговарајќи на новинарско прашање, откако повеќе држави низ светот почнаа да ја воведуваат или разгледуваат оваа мерка.
Сепак, тој додаде дека Владата и Министерството остануваат отворени за дискусија доколку се појави иницијатива за уредување на ова прашање.
Изјавата на министерот доаѓа во рамки на голем настан организиран по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет во ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ во Прилеп, во соработка со Општина Прилеп и проектот МКСафеНет.
Андоновски нагласи дека ова е втора година по ред како Министерството го одбележува Денот на побезбеден интернет, со цел подигање на свеста кај најмладите за одговорно и безбедно користење на интернетот. Преку проектот, досега се опфатени над 70 училишта низ државата, а на родителите и наставниците им се доставени алатки и упатства преку Министерството за образование за тоа како да воспостават поголема контрола и заштита врз децата во дигиталниот простор.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, се заблагодари за соработката и ја истакна поддршката од Министерството за дигитална трансформација, посочувајќи дека Прилеп е меѓу приоритетите на ресорното министерство.
Како пример, го посочи новиот Центар за услуги на Министерството, отворен во просториите на даночната управа, каде граѓаните отсега ќе можат и физички да пристапат до услугите достапни преку порталот uslugi.gov.mk.

