Регион
Мицотакис: Свесен сум за историската одговорност

Свесен сум за историската одговорност што ми ја доделивте, рече Кириакос Мицотакис, во обраќањето до јавноста по објавувањето на првичните резултати од предвремените парламентарни избори во Грција, според кои неговата партија Нова демократија освои победа.
„Суверениот грчки народ вечерва проговори, неговата пресуда е јасна. Општеството сака да тргнеме напред и да се обединиме, сака раст, работни места, безбедност. Ќе бидам премиер на сите Грци. Ќе работиме за да ги убедиме нашите сограѓани кои не нѐ поддржуваа, малку сме поделени и имаме многу да правиме заедно“, рече Мицотакис.
Ја преземам власта, додаде тој, свесен за тешкотиите, но имам доверба во моите сили и ќе ја остварам мисијата што ми ја доделивте.
Тој најави дека новата влада ќе работи напорно.
„Јас сум посветен на помалку даноци, многу инвестиции, развој, ефикасна држава. Транспарентноста, одговорноста и меритократијата се враќаат во земјата. Нашиот национален глас се зајакнува во Европа. Почнуваме сега. Владата ќе работи цело лето. Не барам грејс период. Немаме време за губење“, порача Мицотакис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мајка се обидела да го задуши своето 8-месечно бебе со перница во болница во Бања Лука

20-годишна мајка се обидела да го задуши своето осуммесечно бебе со перница во Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука. Мајката била уапсена, а бебето, кое претходно имало здравствени проблеми, било спасено во последен момент.
Кликс.ба неофицијално дознава дека дваесетгодишната девојка имала психички проблеми.
„Вршителот на должноста обвинител на Окружното јавно обвинителство во Бања Лука, по сослушувањето на осомничената В. П., родена во 2005 година, на 18.06.2025 година поднесе предлог за определување мерка притвор до Окружниот суд во Бања Лука, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело Тешко убиство во обид на штета на дете.
Обвинителот поднесе предлог за определување мерка притвор поради постоење на посебни околности што го оправдуваат стравот дека осомничената ќе го доврши обидот за кривично дело“, соопшти Окружното јавно обвинителство.
Судијата на Окружниот суд во Бања Лука ќе одлучи дали на 20-годишната девојка ќе ѝ биде одреден притвор.
Регион
Укинат притворот за петмина осомничени за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на петмина осомничени во истрагата за фаталното уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, објави судот.
Судот донесе одлука со која делумно ги прифати жалбите на адвокатите на обвинетите во кривичната постапка во врска со трагедијата во Нови Сад, која предизвика бран повеќемесечни протести и обвинувања за корупција и лошо извршување на работите за неодамнешната реконструкција на станицата.
Меѓу првично уапсените, судот веќе претходно го укина притворот на поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, а со нова измена на одлуката, уште петмина обвинети беа ослободени од притвор, против кои ќе се примени електронски надзор и тримесечна забрана за напуштање на станот, како и забрана за користење на телефон, интернет и прием на други лица во станот.
Кон крајот на минатата година, беше поднесено обвинение против 13 лица, но судот го врати на понатамошна истрага.
Меѓу обвинетите се поранешната вд директорка на Српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димовски, како и поранешниот генерален директор на Српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан.
Тие се обвинети за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност. Во обвинението се товарат и неколку инженери, проектанти и лица одговорни за изградба, контрола и надзор.
Регион
Индискиот премиер пристигна во историска посета на Хрватска

Индискиот премиер Нарендра Моди слета во Загреб, каде што ќе се сретне со својот хрватски колега Андреј Пленковиќ попладне и со претседателот Зоран Милановиќ навечер. Ова е прва посета на индиски премиер на Хрватска.
„Индија е еден од најважните партнери на Хрватска во Азија. Ова е историска, прва посета на индиски премиер. Тоа е најнаселената земја во светот, (со) 1,44 милијарди жители“, рече Пленковиќ на владина седница.
Тој ги опиша билатералните односи меѓу двете земји како добри и во „фаза на подем“, додавајќи дека Моди доаѓа во Хрватска по самитот на Г7 во Канада на негова покана. Се очекува претставниците на двете земји да потпишат голем број меморандуми и билатерални договори во различни области, вклучувајќи земјоделство, култура и образование.
„Двете наши земји уживаат вековно стари блиски културни врски. Бидејќи ова е прва посета на индиски премиер на Хрватска, тоа ќе отвори нови патишта за билатерална соработка во области од заеднички интерес“, напиша Моди на социјалната платформа Икс.