Македонија
Шекеринска и Бошковиќ на Криволак: „Одлучен удар“ завршува со успех
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, денеска на армискиот полигон „Криволак“ ги посетија припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на војската на Црна Гора, кои како дел од вежбата „Одлучен удар“ извршија артилериско боево гаѓање со минофрлачи.
Министрите Шекеринска и Бошковиќ го изразија своето задоволство од текот на вежбата, која започна на 5 јуни, а завршува утре, 9 јули.
„Оваа вежба ќе биде не само најголема вежба во нашата држава, туку дефинитивно и една од најуспешните. И покрај големиот логистички предизвик, успеавме да обезбедиме добри резултати и во организацијата и во реализацијата на вежбата“, рече министерката Шекеринска.
Министерката истакна дека како резултат на оваа вежба направени се две подобрувања и унапредувања на работата на полигонот „Криволак“ – реконструкцијата на железничкиот крак до полигонот, кој не бил реновиран од осумдесеттите години на минатиот век, како и постојаната контрола на животната средина при изведување на вежбата.
„Во соработка со железници, успеавме да го реновираме кракот на железничката пруга кој што доаѓа на ’Криволак’ и на тој начин да овозможиме најголемиот дел од транспортот во иднина да го реализираме преку железница, а не преку генералната патна инфраструктура. Тоа е добро за Армијата бидејќи сме поефикасни, меѓутоа тоа е и добро за државата, бидејќи ја ослободуваме државата од потребата да се користи патната инфраструктура за транспорт на вакво вооружување. Најголемиот дел од возилата на завршување на вежбата ќе заминат по железнички пат“, рече министерката.
Шекеринска информираше дека при извршените мерења на животната средина заедно со лабораторијата „АМБИКОН“ на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ и Институтот за јавно здравје, утврдено е дека активностите на вежбата немаат предизвикано штетни последици по природата и по граѓаните и нивното здравје.
Мониторингот на животната средина, рече министерката, ќе стане стандард при изведување на вакви вежби.
Црногорскиот министер Бошковиќ и честиташе на нашата земја за успешно спроведениот процес на пристапување кон Алијансата, за брзата динамика на ратификации и изрази очекување до крајот на оваа година, 30. земја – членка да седи како полноправен член на заедничката маса на НАТО.
Министерот Бошковиќ истакна дека сета соработка во одбраната ги потврдува заедничките интереси и заедничките вредности. За односот помеѓу Северна Македонија и Црна Гора, рече дека може да послужи како пример за многу други на просторот на Западниот Балкан.
„Црна Гора беше несебичен промотор на интересите на Северна Македонија кога станува збор за членството во НАТО, а денеска од страна на мојата колешка добив две студии кои покажуваат дека нема загадување на животната средина, на просторот каде што се изведуваат гаѓањата, што за нас е мошне значајно со оглед дека и кај нас е во план да се отвори еден полигон и е од голем интерес на јавноста“, рече Бошковиќ.
Професорот Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на теренската лабораторија за животна и работна средина, „АМБИКОН“ образложи дека перманентниот мониторинг покажал дека не постои загадување на животната средина од вежбовните активности.
„Мониторингот беше перманентен од 30 мај заклучно со 30 јуни. Се мереа во реално време концентрациите на суспендирани цврсти честички. Генерално по периметарот ниту еден од резултатите не ги надмина дозволените норми за 24-часовна вредност. Во просек се движат од 20-30 микрограми на метар кубен. На една од локациите во кампот на војниците беше поставен и гравиметриски сеплер кој што служи за проверка на хемискиот состав на прашината. Беа анализирани сите неоргански елементи – значи типична прашина, соодветна на геолошкото потекло на подлогата во зоната на Криволак. Ниту еден од тешки метали не е надвор од дозволеното, дури и некаде ги нема “ рече Мирковски.
Вежбата „Одлучен Удар“ на која учествуваат над 2.700 припадници на армии на шест држави – Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора, завршува утре. Оваа вежба претставуваше можност за развој на интероперабилноста на нашата Армија со вооружените сили на земјите – учеснички, кои се и земји – членки на Алијансата. Воедно, нашата држава како домаќин на вежбата, покажа дека поседува искуство и капацитет за организација на големи и комплексни вежби, и тоа на полигон кој ги поседува сите потребни услови за изведување на ваков тип теренски вежби, велат од Министерството за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

