Регион
На Јахорина се собраа претседатели и високи претставници на земјите од Југоисточна Европа

Самит на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа почна во утринските часови на Јахорина, во близина на Сараево, а на состанокот учествуваат шефовите на пет од тринаесет земји членки, вклучувајќи го и претседателот на Албанија, Илир Мета, кој пристигна во Сараево во понеделникот навечер и покрај претходните најави дека неговата земја ќе го бојкотира овој настан.
Покрај членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ на самитот присуствуваат и претседателите на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, и нашиот претседател, Стево Пендаровски.
Албанија претходно најави дека ќе го бојкотира настанот во знак на солидарност со Косово, чии претставници ја одбија поканата за учество како земја со неутрален статус.
Србија и Бугарија ги претставуваат премиерите Ана Брнабиќ и Бојко Борисов, додека другите земји се претставени на ниво на министерствата за надворешни работи.
И покрај фактот дека завршувањето на едногодишното претседателство на Босна и Херцеговина со ПСЈИЕ е во сенка на конфликтот меѓу домаќините и косовските власти, кои одлучија да го бојкотираат самитот бидејќи нивната земја не беше поканета со статус на независна држава, со оглед на фактот дека БиХ не ја признава, се очекува учесниците на самитот на Јахорина да усвојат заедничка изјава која генерално беше договорена на техничко ниво на состанокот одржан во понеделникот.
Изјавата од страна на сите земји членки ја потврдува нивната подготвеност да продолжат да работат заедно преку оваа иницијатива почната во 1996 година, со цел зајакнување на регионалната соработка, безбедност и стабилност, економската соработка и соработката во областа на судството, борбата против организираниот криминал и тероризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучевиќ: Ѓилас го уништи Белград повеќе од германските окупатори

Премиерот на Србија во технички мандат и претседател на СНС, Милош Вучевиќ денеска изјави дека претседателот на Партијата на слободата и правдата, Драган Ѓилас го уништил и опустошил Белград повеќе од германските окупатори и дека веќе никој не верува во неговите „Потемкинови села“.
„Внимавајте што вели експертот за кражба на народни пари, човекот кој Белград го направи негова приватна сопственост и го уништи и го направи полош од германските окупатори“, рече Вучевиќ на мрежата Икс, реагирајќи на најавата на Ѓилас на социјалните мрежи за формирање на новата влада на Србија.
Вучевиќ изјавил дека цената на кражбата на Ѓилас ја платиле граѓаните на Србија со години, додека тој кон Белград имал долг од 1,2 милијарди евра, а в џеб ставил 619 милиони евра.
„Почитуван Ѓилас, одамна никој не верува во вашите „Потемкински села“, Белград и Србија не се лонец со злато од кој можете да извадите пари колку сакате“, истакна Вучевиќ.
Тој додаде дека никој не сака неговите алтернативи за нормален живот и сигурна иднина да бидат криминал, ароганција, грабеж, насилство, неморал, злоупотреба на службената положба, бидејќи, како што истакна, тоа се синоними за Ѓилас и неговата „банда крадци кои би се вратиле на власт без волјата на народот“.
Нема да се извлечете! Србија ќе победи!“, нагласи Вучевиќ, пренесува Танјуг.
Регион
Земјотрес во Црна Гора, почувствуван и во Хрватска: „Беше краток, но силен“

Црна Гора беше погодена од земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во 11 часот и 52 минути, јавува ЕМСЦ.
Епицентарот бил на 48 километри од Подгорица и 20 километри од Никшиќ.
Според корисниците на EMSC, земјотресот бил почувствуван и во Хрватска и Босна и Херцеговина.
„Кратко, но силно“, коментира жител од Дубровник.
„Многу кратко, но се почувствува“, вели друг жител од областа Дубровник.
Регион
Жена со нож упаднала во основно училиште во Бугарија: ја удрила наставничката во лице

Жена упаднала во основното училиште во Бугарија и нападнала наставничка, јавуваат бугарските медиуми.
Приведена е жена (37) чие дете учи во споменатото училиште. Наставничката се здобила со повреди на лицето.
Според локалните медиуми, осомничената жена влегла во училиштето, извадила нож, замавнала со него, ја навредувала, а потоа ја нападнала наставничката.
Инцидентот веднаш бил пријавен од вработените во училиштето. Полицијата брзо пристигнала на лице место, ја разоружала агресивната мајка и ја привела.
Поради инцидентот во училиштето поведена е истрага, а за се е известено и надлежното Обвинителство.
Се уште не е јасно како дошло до нападот, ниту зошто жената ја нападнала наставничката.
Истрагата за овој инцидент е во тек, според тамошните медиуми.