Македонија
(Видео) Костадинов: Заев ги брани државните и национални интереси

,,Прв се јави антизападниот пион Христијан Мицкоски.Мицкоски е очигледно фрустриран поради тоа што премиерот Зоран Заев жестоко ги брани државните и националните интереси, членството во ЕУ и НАТО!И тоа го прави секаде, и во јавните настапи и во телефонските разговори”, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник.
Според него, оставка не поднесува оној којшто се бори државата да стане полноправна членка на НАТО, и да продолжат интеграциите во Европската унија.
,,Заканите од хибридни напади, лажни вести и манипулации се само затоа што сме посветени и стануваме 30 земја членка на НАТО.Мицкоски треба да се засрами што им слугува на туѓите интереси, на они кои не сакаат нашата татковина да стане членка на НАТО и ЕУ.Што се однесува до предвремените избори, Мицкоски исто вака лажно се силеше и пред претседателските избори, па доживеа пораз.Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги загубија претседателските избори, но ги загубија и локалните избори во Охрид и Ново Село.
Антизападниот Мицкоски, кој нема ниту програма ниту понуда, може да се надева само на уште еден пораз.Покрај сите лажни вести, манипулации, покрај деструктивноста на Мицкоски, успехот во нашите стратешки цели на државата и граѓаните не може да се запре.
Северна Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ”, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска положи венец пред спомен плочата на македонски јазик во базиликата во Рим

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја посети базиликата Санта Марија Маџоре, во рамки на престојот во Рим по повод чествувањето на 24-ти Мај – Денот на сесловенските просветители.
Во базиликата таа положи венец пред спомен плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј и оддаде почит на гробот на Неговата светост, папата Франциск.
Претседателката, по посетата изјави дека е инспиративно да прочитате на македонски јазик, покрај на другите словенски јазици, дека без делото на Кирил веројатно тешко би се просветиле, бидејќи тој е носителот, промоторот на писменоста, а без писменост не можете ни умот, ни мислите да ги изразите.
За неодамна починатиот папа Франциск, со кој Сиљановска-Давкова, минатата година во Рим долго разговараше, нагласи дека тој ќе остане запаметен по неговата посветеноста, ерудиција, по блискоста до граѓаните, верниците, по длабоката верба во Бога, во мирот, човек посветен на обичните и на сиромашните.
Македонија
Филипче: Владата воведе данок на иднината, а под хипотека се неколку идни генерации

Логични и легитимни се нашите прашања за Договорот со Велика Британиј, ниту ние ниту јавноста не знае ништо за тој договор, ниту кој е рокот, ниту колкава ќе биде каматата, изјави денеска од Охрид претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање.
„Министерката за финансии нема одговор на овие прашања. Тоа е еднакво неодговорно и ако не знае, и ако ги крие информациите. Тоа не доликува на некој што треба да ја чува државната каса“, рече Филипче.
Пресметките на СДСМ покажуваат дека со вакво задолжување сериозно ќе се оптовари јавниот долг и ќе се стави товар на грбот на неколку идни генерации, додаде тој.
„Практично оваа влада воведува данок на иднината а под хипотека се ставаат неколку идни генерации“ рече претседателот Венко Филипче, повикувајќи на итна и целосна транспaрeнтност.
Македонија
Да не се делиме пред надворешните фактори – Мицкоски повика на единство

Денес, кога нашиот народ стои пред нови предизвици, кога светот се обидува да нè дефинира и објаснува, мисијата на Свети Кирил и Методиј нè потсетува кои сме, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прославата за Свети Кирил и Методиј во Црквата Света Софија.
Премиерот во обраќањето рече дека и на ваквите денови вообичаено во одредени кругови следи, се води дебата за тоа кои се Светите браќа, чии се, кому му припаѓаат, но нема никогаш да навлезе во таквата несуштествена реторика, затоа што ние самите не смееме да се поткопуваме себеси и најдобро знаеме кои сме, и од што сме создадени.
Мицкоски зборуваше и за надворешните напади, блокадите и негирањата со кои 30 години како држава се соочуваме. Вели дека овие напади се насочени кон разјадување на темелите на нашето постоење – нашето знаме, народ, химна, јазик, култура.
„Како човек и како претседател на Владата сум многу спокоен, затоа што знам кој сум, знам кои сме и што сме. И не треба да не вознемируваат таквите негирања, затоа што во глобалниот свет на поголеми и помали, на посилни и послаби, тоа е природен процес на докажувања. На помалите народи им преостанува да играат мудро и стабилно. А во однос на негирањата одговорот ќе го добијат и тие и сите други во оригиналните списи кои во оваа прилика се изложени на десетина метри од местото на овој мој говор. Со оригиналните ракописи на еден од многуте „големи“ за нашиот народ. Ѓоргија Пулевски еден од најзначајните личности во македонската историја, борец за национална самобитност, писател, револуционер и еден од првите што го истакнуваат постоењето на македонската нација и јазик, пред два века напиша: ‘Јас сум по народност Македонец, Македонците се народ, а не племе, и да сакаме да имаме свои книги, свој јазик и своја многу вековна историја’“, цитираше Мицкоски.
Премиерот се осврна и на домашните превирања, државните сопки кои ги правиме пред очигледните притисоци однадвор и ја истакна неопходноста за единство и обединетост. Да не се делиме пред надворешните фактори, и да не паѓаме во нивните очи преку математиката на броење на прозападни и происточни крвна зрнца, повика премиерот. Замислете, рече Мицкоски, позиција каде власта и опозицијата ќе делуваат единствено, нема да имаме внатрешни процепи, каде секој политички чинител, своите слабости и не поддршка од народот нема да ја надополнува преку попустливост пред оние предизвици коишто доаѓаат од надвор.
„Замислете каде ќе бевме сега доколку пред повеќе од 30 години направевме силни пактови со нашите стратешки партнери, западни сојузници, доколку тогаш и во сите години потоа не се делевме, не се каравме за стратешките цели и склучувавме пријателства од кој бенефит ќе имаа сите граѓани. Не одете подалеку, погледнете неколку од нашето соседство, кои имаа таков пристап, тие отидоа и подалеку и посилно, затоа што ги фатија и приграбија историските шанси. А да не заборавиме, додека сите тука заедно седиме во удобни одела, и меки седишта, во ниту еден момент не заборавајте дека народот живее тешко, мачно и некои процеси како иселувањето се многу болни и штетни. И ова не се случи од вчера, туку ова тивко умирање е најглавниот предизвик со кој мораме да се соочиме. Ова се проблемите со кои заспивам и се будам. Но воедно ова се проблемите за чие решавање треба сите заедно да работиме“, рече Мицкоски.
За да направиме квантни скокови, вели тој, потребно ни е градење на државно и национално единство. Подавање на рака, и клучна согласност за најважните прашања за татковината. Како што порача, нема поголем патриотизам од тоа да се обединиме за доброто на сите. Не за поединци, не за партии, туку за нашата татковина. Нашите победи се тивки, но длабоки, а ние сме народ кој многупати бил потценет, но никогаш покорен. Народ кој чекори исправено, рече премиерот.