Македонија
Правосудниот испит ќе се полага писмено и усно наместо електронски
Министерството за правда ќе го промени начинот на полагање на правосудниот испит. Подготвен е нов Закон за правосудниот испит кој Владата го усвои на вчерашната владина седница. Овој закон е уште еден од низата реформски закони во правосудството.
Основната цел на овој закон е укинување на електронскиот начин на полагање на правосудниот испит и воведување на писмено и усно полагање на кандидатите пред стручна комисија, врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на нивните знаења.
Правосудниот испит ќе можат да го полагаат дипломирани правници кои имаат 300 кредити според европскиот кредит – трансфер-систем (ЕКТС), кои работеле најмалку една година на правни работи во суд, јавно обвинителство, Државно правобранителство, кај Народен правобранител, адвокат, нотар или извршител.
Испитот ќе можат да го полагаат и дипломирани правници кои работеле најмалку две години на правни работи во други државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни лица. Предвременото полагање на испитот ќе биде забрането.
Писмениот дел ќе се полага по предметите Кривично и Граѓанско право. Усниот дел ќе се полага по предметите Кривично право (кривично материјално и процесно право), Граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право), Трговско право, Трудово право, Уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, организација на правосуден систем и управно право и судир на закони и меѓународна правна помош.
Доколку предметот е составен од писмен и устен дел, кандидатот ќе мора прво да го положи писмениот дел за да пристапи кон полагање на усниот испит. На писмениот дел од испиот, пред кандидатот ќе се најде определен случај од практиката (архивиран судски предмет), кој ќе треба да го реши со примена на законските прописи од соодветната област.
На усниот испит по секој предмет кандидатите ќе одговараат на три прашања кои тие ќе ги извлечат од претходно подготвените прашања. На истиот ќе се оценува и способноста на кандидатот за усно изразување.
Kандидатот се смета дека го положил испитот доколку во текот на една испитна година ги положи сите предмети. Доколку во текот на една испитна година не бидат положени сите предмети, се смета дека кандидатот не го положил испитот и може да го почне полагањето по сите предмети одново наредната испитна сесија.
Правосудниот испит ќе може да се полага во февруарска, априлска, јунска, октомвриска и декемвриска испитна сесија, соопшти Министерството за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

