Македонија
Филипче и Царовска: Родовата еднаквост е клучна алатка за напредок на нашето општество
Министерот за здравство Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска учествуваа на одбележувањето на Светскиот ден на населението, преку дискусија на тема „Обмислени лидерски разговори за Меѓународна конференција за население и развој (ICPD) – Што се променило во последните 25 години?“, во организација на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.
Во своето обраќање, министерот Филипче потенцираше дека за првпат во 2010 година е донесена првата Национална стратегија за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) за период 2010-2020 година, која ги дефинираше приоритетите за сексуалното и репродуктивно здравје, односно како да ги планира, мобилизира и координира ресурсите неопходни за ефективна акција базирани на четири главни принципи: човекови права, родова еднаквост, мултисекторски пристап и вклученост на заедниците.
„Со цел имплементација на Националната стратегија, во 2016 година, од Министерството за здравство со поддршка на УНФПА – Фонд за население при Обединетите нации, беше спроведена проценка на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје, и согласно извештајот од националната проценка во текот на 2017 беа спроведени серија од консултативни работилници со разни чинители во државата и за првпат се подготви Акциски план за имплементација периодот 2018 – 2020“, рече Филипче.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, потенцираше дека родовата еднаквост е неопходна за воспоставување одржлив развој и само ако секој има еднакви права и еднакво учество во општеството можеме сите заедно да одиме напред.
„Родовата еднаквост е една од развојните цели на Обединетите нации, што значи дека е светски препознаена како клучна алатка за општествен напредок. Унапредувањето на правата на жените во ниту една земја не се завршена работа, ниту во нашата. Новите закони за социјална заштита и за недискриминација се историски исчекор во унапредувањето на заштитата подеднакво на сите граѓани и граѓанки, и продолжуваме да работиме понатаму. Министерството за труд и социјална политика направи повеќе чекори со кои се подобрува положбата на жените во општеството. Ја ратификувавме Истанбулската конвенција, а во фаза сме на изработка и на нов закон за кој ги опфаќа сите форми на насилство врз жените“, изјави министерката.
Во своето обраќање, таа додаде дека за да ја имплементираме конвенцијата истовремено се развиваат и услуги. Постои кризен центар во Скопје со престој 24/48 часа, но дополнително ќе се развиваат советувалишта и засолништа директно да влијаат на заштитата на жртвите и нивна ресоцијализација и реинтеграција во општеството.
До крајот на годината предвидено е отворање на специјализирани сервиси во 5 плански региони на територијата на државата, а во скопскиот регион, се прошируваат леглата за згрижување/сместување на жртвите на насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

