Македонија
Заев го посети новоизграденото училиште во Гази Баба: Вложуваме во децата за силна економска иднина
Премиерот Зоран Заев денеска се обрати на свеченоста по повод комплетирање на изградбата на основното училиште „Вера Јоциќ“, во општина Гази Баба.
Во својот говор Заев истакна дека вложувањето во младите и во децата во училишна возраст претставува силен влог во иднината.
„Учениците кои учат во училиштето ‘Вера Јоциќ’ ќе добијат нова модерна мултифункционална спортска сала за една година од сега. Со тоа се отвораат големи можности за спортување и негување здрави навики на учениците, децата и младите од општина Гази Баба. Оваа сала ќе биде одлично катче на кое спортските здруженија и клубови ќе регрутираат и откриваат нови спортски таленти“, рече Заев и додаде дека во салата во која ќе се тренира и игра мал фудбал, одбојка, кошарка, ракомет, гимнастика и други спортови и граѓаните на Гази Баба ќе имаат можност да се собираат на спортски натпревари за, како што кажа, одлична дружба и забава во општината.
Од владината прес-служба информираат дека училиштето „Вера Јоциќ“ е едно од четирите новоизградени училишта во последниот период, а во тек е изградбата и на други две нови училишта.
„Владата заедно со Министерството за образование и општините работи интензивно на изградба на капитални објекти во образованието. Остануваме силно посветени на вложување во човечкиот капитал, во луѓето и децата како наш врвен приоритет и поттик да изградиме долгорочна одржливост на една силна економија која ќе отвора шанси и можности за сите“, нагласи премиерот на свеченоста.
Почетокот на градежните работи за изградба на нова спортска сала на училиштето, со свое обраќање го означи и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.
„Салата ќе биде комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, со соблекувални и санитарни јазли, туш кабини и канцеларија за професорите, а ќе се протега на површина од 650 квадратни метри. Салата е енергетски ефикасна, а ќе има и пристап за лица со инвалидитет“, рече градоначалникот.
Од Владата информираат дека со проектот за изградба на 145 спортски сали потпомогнат од Банката за развој при Советот на Европа, изградени се вкупно 69 сали, а во тек е изградба и на 15 нови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

