Македонија
Асоцијација на спортски обложувалници: Измените на Законот за игрите на среќа ќе остават 7.700 луѓе без работа
Под покровителство на Европската организација на игри на среќа (EOGL) вчера, 11 јули, во Бања Лука се одржа меѓународна конференција насловена како „Нови регулаторни решенија на игрите на среќа во Југоисточна Европа: Влијанието на стандардите на одговорно приредување на игрите на среќа“ на која е укажано на новите трендови во регионот, кои можат или веќе имаат исклучително штетни ефекти на пазарите, но и на заедницата во целина.
На конференцијата на која беа собрани голем број експерти од оваа индустрија, се дискутираше за законските измени во земјите од регионот. Во однос на измените, покрај фактот што истите се во директна спротивставеност со основните ставови на Европската Унија за слободен пазар, укинување на монополот и фер конкуренцијата, како и со постигнатите современи стандарди за заштита на играчите, ранливите групи и одговорното организирање на игрите на среќа, заедничко им е и тоа што се прилагодуваат на работењето на нелиценцираните странски компании и „цветањето“на црниот пазар, и сето тоа на сметка на домашните играчи на игри на среќа.
Правните експерти, истражувачите и претставниците на деловните здруженија кои учествуваа на конференцијата зборуваа за феноменот на нелогично заострување на регулаторните решенија, од предлогот за воведување на оддалеченост од 500 метри од образовните институции во Северна Македонија (што всушност резултира со затворање на целата индустрија), до целосна забрана на игрите на среќа во Албанија и Косово. Тие истакнаа дека сето ова, проследено со сериозни буџетски загуби, оди во прилог на развојот на црниот пазар со сите негативни ефекти кои тој ги носи, предводени од неможноста да се заштитат играчите и ранливите групи – првенствено малолетници – со чии интереси се правдаат предлагачите на овие законски измени, притоа игнорирајќи го фактот дека таквите забрани се спротивни на европските стандарди и дека тие не постојат во прописите на развиените европски земји
Токму во овој контекст, на конференцијата свое излагање имаше и претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), Васко Илијевски, кој се осврна на актуелните предлог-измени на Законот за игрите на среќа во РСМ. Посочувајќи го предложеното растојание од 500 м оддалеченост од образовните и верските објекти од страна на предлагачите на законот, Илијевски истакна дека, доколку се усвои оваа измена, тоа дефинитивно би значело затворање на целата индустрија. Следствено на тоа, повеќе од 7.700 вработени преку ноќ ќе останат без работа, а државата ќе загуби огромни суми средства кои по основ на даноци и други давачки од оваа значајна стопанска гранка, се слеваат во државниот буџет. Најголемата закана за државата, притоа и за малолетниците, на кои се правдаат предлагачите на законот е тоа што, затворањето на легалните обложувалници ќе го отвори патот на нелегалните и развојот на сивата економија. Во такви услови, никој па ни малолетниците, нема да бидат заштитени, заклучи Илијевски во своето излагање на конференцијата.
Во своите презентации учесниците на конференцијата го разгледаа комбинираниот нееднаков третман на специјалните игри на среќа преку разни даночни оптоварувања и оданочување на добивката (дури и помали), што е присутно во речиси сите земји од регионот. Во ерата на немерливиот раст на бизнисот преку интернет и мобилните комуникации, тие посочија дека таквото постапување – посебно оданочување на профитот – директно ги насочува играчите кон нелиценцираните веб-оператори (црн пазар на интернет) во кои не постои такво оданочување, потсетувајќи на други крајно штетни последици од таквата даночна политика.
Во контекст на правното и социјалното опкружување во кое е можно законите кои имаат кардинални последици за економијата и општествената заедница на земјите од регионот воопшто да бидат усвоени, учесниците на конференцијата заклучија дека ваквите појави се резултат на недоволно силни и недоволно изградени државни институции, што, по правило, доведува до корупција. Додека некои од регулаторните институции, како што се примерите во Република Српска и Северна Македонија, покажуваат доза на несериозност (која е по својата суштина единствена во светот), постојат и многу позитивни примери во регионот на Југоисточна Европа.
Така на пример, во Србија во 2011 година поради корупција повеќе вработени во Дирекцијата за игри беа уапсени, во Хрватска, Србија и Северна Македонија речиси целосно се елиминирани нелегалните пазари, во Србија е воспоставена комуникација помеѓу сите засегнати страни и е формирана Работната група која работи на подготовка на законски измени и сеопфатна анализа на потенцијалните ефекти од измените, а во Црна Гора, на барање на граѓаните, Собранието го укина данокот на добивка, а Уставниот суд ја забрани инсталацијата на терминали во угостителски објекти за вистинска заштита на малолетници.
Конференцијата ја отвори генералниот секретар на Европската асоцијација на игрите на среќа, Зоран Пухач, кој на 13 јуни годинава присуствуваше на Јавната расправа во собранието по предлог-измените на Законот на игрите на среќа, каде истакна дека актуелниот Закон за игрите на среќа на РСМ веќе ги има сите елементи на заштита на малолетниците, кои исто така ги имаат и соодветните закони во развиените земји.
„Правецот во кој може и треба да се размислува не е законот, туку по примерот на земјите во ЕУ, потенцијалното вклучување на професионални организации и поединци и развојот на програми за едукација и превенција, како и развој на програми на т.н. одговорно приредување на игрите на среќа“ – заклучи тогаш Пухач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

