Македонија
(Видео) Костадинов: Новата снимка потврди дека Груевски и Јанкулоска го криеле убиството на Нешковски
Никола Груевски не треба да пишува статуси на „Фејсбук“ од Будимпешта и да се слика со старлети, туку треба да се врати во државата и да си ја одлежи казната затвор согласно правосилната судска пресуда. Ова го изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање за најновиот статус на „Фејсбук“ на екс премиерот Никола Груевски, кој вели дека за време на проектот „Вистината за Македонија“, биле пуштени само одделни исечоци од целосните снимки кои одговараат за актуелниот политички момент, поконкретно за бомбата за убиството на Мартин Нешкоски.
„И од оваа снимка која што ја објави Ел Чека, јасно може да се види дека тогашниот премиер Никола Груевски и тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска свесно се обидуваат да прикријат дека во моментот на убиството полицаецот Спасов не бил таму како член на обезбедувањето на Никола Груевски, туку бил приватно. Понатаму во снимката можеме јасно да видиме дека Никола Груевски и наредува на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска да каже во јавноста дека Спасов никогаш и не бил член на неговото обезбедување. Свесни сме, имавме можност сите да го слушнеме, дека впрочем, Спасов бил ангажиран како дел од обезбедувањето на Никола Груевски, со усна наредба на шефот на обезбедувањето на Никола Груевски“, рече Костадинов одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека од снимката станува јасно дека Јанкулоска и Никола Груевски се договараат за да имаат медиумска покриеност и да го искористат апсењето на Спасов, исто како што го искористиле и апсењето на Љубе Бошковски.
„Се поставува прашањето и зошто, доколку во разговорот јасно се кажува дека треба да се оградат од шефот на обезбедувањето на Никола Груевски, а знаеме дека во 2011 година тоа не се случи. Зошто Гордана Јанкулоска и Никола Груевски се обидуваат да го заштитат шефот на обезбедувањето? Нормално, затоа што тројцата се соучесници во обидот за прикривање на убиството на Мартин Нешкоски“, рече Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

