Македонија
Два земјотреси ја стресоа Грција, почувствувани и во делови од земјава

Македонската телеметриска сеизмолошка мрежа денескa регистрира два земјотреса чиишто епицентри се наоѓаат на 220 километри јужно од Скопје во соседна Грција и потекнуваат од епицентралното подрачје Козани.
Првиот земјотрес беше во 12 часот и 50 минути со Рихтерова магнитуда од пет, а вториот во 12 часот и 59 минути со Рихтерова магнитуда од четири степени.
Првиот беше почувствуван и од населението во југозападниот дел и тоа во Охрид, Струга, Битола и Ресен со интензитет IV степени според Европската макросеизмичка скала. Во Кичево и околината со интензитет од III-IV степени а во Скопје и дел од источниот дел од Републиката со интензитет од III степени.
Додека пак, вториот земјотрес беше почуствуван во Битола и околината со интензитет од III степени според истата скала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Данела Арсовска до Орце Ѓорѓиевски: Дај одговори им на скопјани зошто се криеш и лажеш за надлежностите за УСЈЕ

„Добро утро Орце Ѓорѓиевски. Незгодно ми е што ти досаѓам, гарант ќе ти преседне утринското кафе со Хрисафов од Усје, знаеш она истото УСЈЕ што го загадува Скопје!“, напиша градоначалничката Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Туку дај одговори им на скопјани зошто се криеш и лажеш за надлежностите за УСЈЕ, а бидејќи си јак претседател на сите општини на ЗЕЛС, ингеренциите на секоја општина вклучително и на својата добро ги знаеш (се надевам)
1. Интегрираната А лиценца на УСЈЕ не е надлежност на Град Скопје туку е надлежност на Министерството за животна средина на Изет Меџити ама на него не смееш да му писнеш
2. Град Скопје како единица на локална самоуправа е единствена општина што правела надзор врз УСЈЕ иако ИСТИТЕ НАДЛЕЖНОСТИ ГИ ИМАШ И ТИ (ама тебе или ти е страв, или имаш интерес, па глумиш ненадлежен)
3. Секој градоначалник вклучително и ти може да влезе во заеднички надзор по лично барање со Државниот инспекторат за животна средина во било кој индустриски објект, тоа како претседател на ЗЕЛС исто би требало да го знаеш
4. Јас поднесов кривична пријава за УСЈЕ за УТВРДЕНОТО ЗАГАДУВАЊЕ пред 2,5 години и трпам закани постојано, ама за тоа треба храброст, а не оправданија
На УСЈЕ иако им се измерени 300% ПМ10 честички над дозволеното, и ниво на азотни оксиди NOx 711,9 милиграми на м3 што е двојно повеќе од дозволеното, СЕУШТЕ НЕ ИМ Е ОДЗЕМЕНА ИНТЕГРИРАНАТА А ЕКОЛОШКА ЛИЦЕНЦА од Министерството за животна средина на Изет Меџити, ама пак има тој други посериозни проблеми не му е до животната средина“, пишува Арсовска.
Македонија
Уважена жалбата на Мојсоска за патните трошоци и кириите на пратениците

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ја уважи жалбата на пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, со која таа реагираше дека Собранието континуирано одбива да ги обелодени патните трошоци и надоместоците за кирија на пратениците.
Од парламентарната партија Левица соопштија дека иако пратеничката во изминатите пет месеци поднесувала официјални пратенички барања до генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, одговор не бил доставен. Потоа, Мојсоска се обратила и како физичко лице со барање за пристап до јавни информации, но одговорот што го добила бил непотполен и паушален.
„Бујрумте скандинавци од власта, имате 15 дена да ги доставите трошоците на вашите галантни пратеници“, напиша Мојсоска на својот фејсбук профил.
Партијата извесно време алармира дека постои сомнеж дека дел од пратениците истовремено користеле и надоместоци за кирија и за патни трошоци.
Македонија
Бислимоски ќе побара цената на водата да ја одредува РКЕ место советите на општините за да се намали загубата, која сега изнесува 64 отсто

За да се намали загубата на водата за пиење, која на национално ниво во просек изнесува речиси 64 отсто, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комуналните услуги – АДКОМ.
За тоа да се случи, неопходно е да се направат измени на сет закони за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство, со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините, да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието за да почне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки, и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.
Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б-опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем што ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари што ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.