Култура
(Видео) Огнен и Марина ја крунисаа љубовта на 46-тата Галичка свадба

Во Галичник денеска се одржа 46-то издание на традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“, која повеќе од 4 децении ги негува свадбарските обичаи и ритуали на жителите од мијачкиот крај.
Манифестацијата во исто време придонесува за зачувување на автентичноста на изворните песни и ора, како и на надалеку познатата галичка носија на која е врежан печатот на вековните македонски традиции.
Младенци на годинешната „Галичка свадба“, која секоја година се одржува на Петровден, односно за време на викендот кој е најблизу до овој празник, се Марина Петровска и Огнен Караѓозовски, кој по потекло е од Галичник.
Тие денеска по низата свадбени обичаи, како и со изведбата на невестинското и други ора, се венчаа во црквата „Св. Петар и Павле“. Инаку, традиционално, почетокот на „Галичката свадба“ се означи во саботата, со поставување на свадбарското знаме, а свадбената свеченост заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
„Галичката свадба“, која традиционално се реализира со поддршка од Министерството за култура, ја следеа претседателот Стево Пендаровски, министерот за култура, Хусни Исмаили, како и голем број гости и посетители од земјава, но и од странство, кои можеа да проследат над 30 обичаи кои се изведуваа за време на свадбарските денови.
Инаку, традиционално, со одржувањето на „Галичката свадба“ во организација на месната заедница на селото Галичник, започна и „Галичкото културно лето“, кое и овојпат ќе понуди најразлични забавни и музички содржини, приспособени за сите генерации посетители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Современ Перуански филм во Кинотека

Овој месец Кинотеката го претставува циклусот на современ перуански филм, во организација на Амбасадата на Република Перу во Букурешт, Кинотеката и почесниот Конзулат на Перу во Македонија.
Програмата на оваа прва Недела на перуанскиот филм почнува во четврток, на 19 јуни, со проекција на играниот филм „Кралици“ (Reinas, 2024) во режија на Клаудија Рејнике, а по сценарио на Рејнике и Диего Вега Видал, приказна фокусирана на односот помеѓу еден татко и неговите ќерки, и нивните општествени предизвици во денешно Перу.
Следниот ден, петок (20 јуни), ќе биде прикажан документарниот филм Мисија Кипи (Misión Kipi, 2024) на режисерката Сонали Туеста – трогателен и инспиративен филм во кој главната улога ја има роботот наменет за дружење и социјализација со деца кои поминале низ периодот на изолацијата за време на пандемијата со Ковид-19.
Циклусот завршува во сабота, 21 јуни, со играниот Вкусно сушено овошје (Deliciosa Fruta Seca, 2017) на Ана Каридад Санчез – филм што балансира меѓу фикција и документарен пристап, претставувајќи емотивна приказна жена во седмата деценија на животот соочена со финансиска криза, која го преиспитува својот идентитетот и културното наследство.
Сите три проекции се бесплатни за посетителите.
На отворањето на фестивалот свое обраќање ќе има Директорот на Кинотеката Бошко Грујоски, и почесниот конзул на Перу во Македонија Ненад Јаничевиќ. Добредојдовте на првото филмско патување низ Перу!
Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.