Свет
Трамп ги навреди обоените жени демократи во Конгресот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, критикува група обоени демократски претставнички во Конгресот нарекувајќи ги предизвикувачи на нереди родени во странство и порачувајќи им дека треба да се вратат во опустошените и осиромашени места од каде што дошле, јави АП.
Трамповите забелешки на „Твитер“ остро ги осудија претставничките на демократите, кои на момент заборавија на внатрешните поделби кои веќе некое време владеат меѓу нив, според агенцијата на САД.
Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, изјави дека претседателот сака „Америка повторно да ја направи бела“, а претставничката на демократите од Њујорк, Александрија Окасио-Кортез, која веќе неколку дена е во конфликт со Пелоси, коментира дека Трамп „не може да замисли таква Америка што нè вклучува и нас“.
Демократскиот претставник Бен Реј Лаџан рече дека пораката на Трамп е расистичка и додаде дека демократските пратеници се американски државјани избрани од американскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Ако целите не се постигнат мирно, руската операција во Украина ќе продолжи
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес предупреди дека ако Русија не успее мирно да ги постигне своите цели во Украина, специјалната воена операција ќе продолжи.
„Ако не сме во можност мирно да го решиме проблемот и да ги постигнеме нашите цели, ќе продолжиме со нашата работа и ќе направиме сè што е потребно за да ги заштитиме нашите интереси. Воената операција ќе продолжи“, рече Песков во интервју за „Раша тудеј“,
Тој посочи на позитивниот напредок на руските вооружени сили на терен.
Според него, Москва се надева дека процесот на преговори за украинското решение ќе добие моментум и дека темпото на преговорите за предлозите на САД ќе биде забрзано.
Песков истакна дека Москва е подготвена да почне сериозна работа врз основа на нацрт-договорот подготвен од Вашингтон, и дека ставот на Русија останува непроменет по договорите постигнати за време на самитот Русија-САД во Анкориџ.
„Ставот на Москва во моментов е доста јасен, доста е разбирлив и не се очекуваат промени. Иако, се разбира, ние сме подготвени да покажеме флексибилност со цел да се најде решение“, заклучи Песков.
Свет
Шведска ја прекинува помошта за посиромашните земји, парите ќе бидат пренасочени кон Украина
Шведска ќе ја прекине помошта за развој за пет земји во наредните години и ќе ги искористи парите за да ја зголеми поддршката за Украина, објави шведската влада.
Скандинавската земја планира постепено да ја укине помошта за Зимбабве, Танзанија, Мозамбик, Либерија и Боливија, изјави министерот за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија Бенџамин Дуса.
„Украина е најважниот приоритет на Шведска во надворешната политика и развојот, и затоа владата планира да ја зголеми помошта за Украина на најмалку 10 милијарди круни (910 милиони евра) во 2026 година“, рече Дуса.
Владата соопшти дека мерките ќе ослободат повеќе од две милијарди круни во текот на следните две години кои би можеле да бидат пренасочени кон Украина, за да се користат во проекти како што е обновата на енергетската инфраструктура на земјата.
Шведска веќе ја намали помошта за повеќе од 10 земји откако сегашната влада ја презеде власта во 2022 година, вклучувајќи ги Буркина Фасо и Мали.
Шведска е главен донатор на хуманитарна помош, со буџет што достигнува 56 милијарди круни годишно за овие цели во последните три години.
Свет
Германија воведува доброволна воена служба, ќе трае шест месеци, платата е 2.600 евра
Бундестагот го одобри повторното воведување делумна воена регрутација со цел да се зголеми составот на вооружените сили како одговор на новите безбедносни предизвици.
„Слободите во демократијата не се бранат сами од себе. Ова мора да го прават луѓе што се подготвени да се залагаат за овие слободи, а не оние што седат зад оградата и чекаат некој друг да го стори тоа наместо нив“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус (Социјалдемократска партија на Германија, СПД) во дебатата пред гласањето.
Според новиот закон, воената регрутација ќе се базира на доброволна основа. Во случај да не се појават доволно доброволни регрути во одредени години, Бундестагот би можел да воведе таканаречена воена регрутација на краткорочна основа.
Ќе се воведе и задолжителен прашалник за подготвеност за воена служба и воени способности, кој ќе го пополнуваат членови на одредена генерација, кои наполниле 18 години. Пополнувањето на овој формулар е задолжително само за млади мажи.
Според договорот на ниво на НАТО, Германија се обврзала да има 260.000 активни војници во германската армија, Бундесверот. Моментно во Бундесверот служат 185.000 регрути.
Доброволната воена служба би траела шест месеци и би обезбедувала месечна плата од 2.600 евра.
Денеска наутро, за време на дебатата во Бундестагот, во цела Германија се одржаа протести против повторното воведување на регрутацијата. Протестите, на кои главно учествуваа средношколци, се одржаа со слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“.
Регрутацијата беше укината во Германија во 2011 година поради уставни пречки.

