Македонија
Градоначалникот на Струга се откажа од ингеренциите за издавање дозволи за градба

Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, ѝ ги отстапи на Владата ингеренциите во делот на издавање дозволи за градба, легализација на објекти, концесии, како и ингеренциите во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО. Во писмото на Мерко испратено до вицепремиерите Садула Дураку, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, се наведува дека Струга веќе подолго време е изложена на континуирани и неоправдани медиумски и политички напади дека сè што се работи во Струга е надвор од законските одредби и спротивно на интересите на државата, односно интересите на УНЕСКО.
„Врз основа на последните случувања и долгорочната кампања што се води против Струга и градоначалникот мислам дека таа има само една цел, и тоа покривање на дивоградбите во градот Охрид и опасноста што доаѓа со одземањето на статусот на Охрид и Охридското Езеро што го имаат во рамките на УНЕСКО. Струга и граѓаните на општина Струга веќе подолго време се изложени на континуирани и неоправдани медиумски и политички напади дека сè што се работи во Струга е надвор од законските одредби и спротивно на интересите на државата, односно интересите на УНЕСКО. Фактичката состојба во Струга укажува дека и пред моето доаѓање на власт, како и од моето доаѓање на власт наваму, не е изградена ниту една дивоградба, а најмалку е направена узурпација на државно земјиште или нанесување штета на еколошката состојба во градот“, вели Мерко.
Тој во писмото наведува дека е потиснат од бизнис-заедницата и туристичките работници, од една страна, и континуираното и наместено блокирање на туристичкиот развој и зголемувањето на туристичките капацитети во Струга, од друга. Тој пишува дека министерот за транспорт и врски заедно со комисијата на УНЕСКО одбива да донесе каква било промена на детаљните урбанистички планови на целата територија на општина Струга и намерно го блокира економскиот развој на градот, со што ги принудува градежните компании да ги затворат своите фирми и ги принудува странските инвеститори да се откажат од инвестиции во туризмот и хотелиерството.
„Се надевам дека вие како централна власт со вашите капацитети ќе имате подобро разбирање и визија за потребите на бизнис-заедницата и општина Струга“, стои во писмото.
Мерко наведува дека за одлуката ќе бидат информирани и дипломатските претставништва со цел, како што вели, да се прекине оваа негативна кампања кон Струга, стружани и кон него како градоначалник и да се обезбеди непречен развој на градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Искршен штаб на СДСМ во Градско, партијата бара Тошковски веднаш да постапи

Синоќа се искршени стаклата на изборниот штаб на СДСМ во Градско. Според партијата, овој насилнички и вандалски чин го покажува стравот на власта од изборен пораз во Градско.
„Бидејќи нема што да им понуди на граѓаните ДПМНЕ прибегнува кон валкани методи и кршење на демократските стандарди. СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти“, велат од СДСМ.
Од партијата бараат МВР и Панче Тошковски да не ги штитат насилниците, туку веднаш да постапат, без партиски директиви МВР да го расчисти случајот до крај и сторителите да одговараат.
„СДСМ ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата затоа што оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија. Од народната волја бегање нема а изборен пораз не се брани со камења, тоа досега требаше да го научите“, велат од СДСМ.
Македонија
Од почетокот на годинава 18.458 казни за возење без возачка дозвола

Во периодот од 1 јануари до 30 септември во рамки на континуираните полициски активности во делот на сообраќајот во сите Сектори за внатрешни работи, вклучително и активностите на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 18.458 возачи кои учествувале во сообраќајот без возачка дозвола.
Притоа најмногу вакви прекршоци се евидентирани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Струмица и Скопје, 3.275 и 3.202 прекршоци, понатаму на територија на СВР Битола санкционирани се 2.811 возачи за возење без возачка дозвола, на подрачје на СВР Тетово изречени се 2.086 мерки, а во СВР Куманово санкционирани се 1.660 возачи за управување без возачка дозвола.
Во првата недела од октомври, односно заклучно со 07.10.2025 година во рамки на сообраќајните контроли досега констатирани се 373 прекршоци за учество во сообраќај без возачка дозвола.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа сите да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта за сите нас“, велат од МВР.
Македонија
Во недела во Градскиот парк десетти јубилеен настан за поддршка на лицата со Вилсонова болест

Под слоганот „Подај рака“, во недела (12.10.2025) на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк во Скопје со почеток во 10.30 часот ќе се одржи јубилејниот десетти по ред хуманитарен хепенинг за поддршка на лицата заболени од ретката болест Вилсон.
Целта на настанот е подигнување на јавната свест за ретките болести вклучувајќи ја и Вилсон, и поддршка на заболените, но и нивните семејства во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат.
Организаторите на овој настан Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест – Вилсон, веќе 10 години по ред преку забава и рекреација се трудат да едуцираат и информираат дека кога станува збор за оваа ретка болест, навременото откривање и редовната терапија се клучни.
„Настанот, како и секоја година, ќе биде богат со веќе традиционалните трки: штафетна, детска трка, и трка за миленици, придружени со одлична музика, дружба и изненадувања за сите учесници. Со овој јубилеен настан ја славиме силата на заедништвото и се потсетуваме дека заедно можеме повеќе – да создадеме општество во кое лицата со ретки болести не се невидливи, туку рамноправни и поддржани“, велат организаторите.
„Здружението Вилсон искажува огромна благодарност до сите учесници и донатори со чија помош низ годините успеа да спроведе едукативни активности кои допреа до повеќе од 100 медицински професионалци. Беше организирана првата регионална конференција за Вилсонова болест, наменета за пациенти и лекари од Македонија, Србија и Бугарија. Воспоставена е соработка со светски експерти за Вилсонова болест и со сите релевантни домашни институции. Подобрени се условите за дијагностика и следење на болеста, обезбедени се услови за неопходни лабораториски испитувања кои за жал сеуште не се достапни во државата. Обезбедена е директна и континуирана поддршка за семејствата кои се соочуваат со Вилсоновата болест“, велат од Здружението.
Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми. Натрупувањето на бакар во централниот нервен систем може да доведе до проблеми со говорот и голтањето, потешкотии во координацијата, тремор, неконтролирани движења, мускулна вкочанетост, промени во однесувањето. Сепак, Вилсоновата болест може успешно да се лекува. При навремено откривање на болеста и редовна (доживотна) терапија, пациентите со Вилсонова болест можат да имаат нормален живот, со минимални диететски рестрикции.